Предлогот за претседател на Собранието го образложи пратеникот Изет Меџити од ДУИ, кој кажа дека во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, со што не се согласија некои од пратениците
Собраниска расправа за избор на нов претседател
Пратениците во македонското собрание на вчерашното продолжение на конститутивната собраниска седница имаа спротивставени ставови за реизборот на Талат Џафери на функцијата претседател на Собранието.
Опозицијата имаше критики, а владејачкото мнозинство поддршка за старо-новиот кандидат.
Предлогот за претседател на Собранието најпрво го образложи пратеникот Изет Меџити од ДУИ, кој кажа дека во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, во согласност со законите и Уставот. Тој, според Меџити, успешно ги менаџирал сите процеси од надлежност на Собранието.
Пред неговиот избор следуваше поширока парламентарна дебата, во чии рамки пратениците ја коментираа кандидатурата на Џафери.
Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова на почетокот на конститутивната седница во Собранието побара, доколку Талат Џафери е предлог за претседател на Собранието, седницата да ја води некој од замениците.
– Процедурата е гаранција за демократија, претседавачот треба да се однесува како претседател, но со оглед на фактот што вие сте предложен за претседател, ќе треба да одредите некој од вашите заменици да ја води седницата – му порача Силјановска на Џафери.
Таа изрази голема резерва за повторниот избор на Џафери на функцијата претседател на Собранието.
– Европското знаме неколкупати беше злоупотребувано, зашто е јасно дека кога предлагате закон со европско знаменце треба прецизно да ја наведете директивата, во спротивно чуварот на правдата треба да го врати законот на Владата со назнака дека во рок во две недели треба да ја наведе директивата, а тоа не се случуваше – рече Силјановска.
Никола Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи предлогот за реизбор на Талат Џафери за претседател на Собранието.
– Ова владејачко мнозинство е истото владејачко мнозинство што го злоупотребуваше Деловникот на Собранието. Со 62 пратеника нема функционалност ниту стабилна работа во овој законодавен дом, а нема ниту далеку да стигне – порача Мицевски.
Скендер Реџепи од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива од собраниската говорница порача рече дека нивните пратеници нема да присуствуваат во изборот на Талат Џафери за претсeдател на Собранието, обвинувајќи ја ДУИ за кражба на гласови на последните избори и за лоши политики, кои го стимулираат иселувањето на Албанците од земјата.
По ова реагираше пратеникот Изет Меџити од ДУИ, кој во својата реплика истакна дека се неосновани обвинувањата на Алијанса за Албанците за спроведените избори, по кои немаше ниту еден доказ за какво било фалсификување на волјата на граѓаните.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната седница во Собранието, истакна дека нема да гласа за изборот на Талат Џафери за претседател, образложувајќи ја својата одлука со два аргумента.
– По однос на предлогот за избор на претседателот ќе истакнам два аргумента. Првиот аргумент е искуството што го имам од претходниот мандат. Во октомври 2019 година Џафери го прифати Законот со марихуана, злоупотребувајќи го европското знаменце. Имаше и други закони што беа со европско знаменце, а немаа допирна точка со европската регулатива. Поточно, Џафери не покажа капацитет и не верувам дека и сега ќе го направи тоа – рече Милошоски.
Тој како втор аргумент го посочи тоа што Џафери немал кредибилитет ниту кај СДСМ, партија што сега го поддржува, а во предизборниот период токму таа партија упатувала низа критики кон партијата на Џафери.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски истакна дека не ја поддржува кандидатурата на Џафери, но повеќе се фокусираше на неостварените проекти и нагласи дека не очекува долг мандат на ова Собрание, најавувајќи дека тоа ќе се распушти под притисок на протестите на незадоволните.
На ова реплицираше Костадин Костадинов од СДСМ, кој го обвини Николовски дека повторно повикува на насилства.
И Димитар Апасиев од Левица изјави дека оваа партија нема да ја поддржи кандидатурата на Џафери, изразувајќи надеж дека дружбата на пратениците нема да трае повеќе од две години.
– Талат Џафери е нашиот Че Гевара, од герила дојде директно во Собрание. Му давам и 3:0 за толкување устав, наспроти претседателот на државата, Стево Пендаровски – рече Апасиев, по што образложи и зошто нема да гласа за Џафери.
Игор Јанушев и Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ повторно се осврнаа на неостварените ветувања на СДСМ, ветувајќи дека тие ќе работат во интерес на државата.
На говорницата се појави и Дамјан Манчевски, кој се осврна на внатрепартиските случувања во ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја оваа партија дека во нивно време државата била оценета како хибриден режим.
Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ исто изрази сомнеж дека ова мнозинство ќе успее долго да владее, критикувајќи ја власта дека ветувањата што не ги исполниле во минатиот мандат, сега нема да им поминат.
Дарко Каевски од СДСМ изрази жалење што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе ја критикувале актуелната власт, отколку да говорат за предложениот кандидат за претседател на Собранието.
По ова следуваше пауза, а до затворањето на денешното издание на весникот расправата не беше завршена, иако според сите најави се очекува Џафери повторно да биде избран за претседател на Собранието.