По веќе виденото, со Париз и Макрон, можеме да заклучиме дека во политиката, а особено во надворешната политика, не постојат гаранции. Па, дури и да се писмени гаранции, клучно е прашањето колку вредат тие. Тоа е така бидејќи се комплексни релациите и, глобално, не постои одлука што зависи веќе од еден субјект, така што до последниот момент никако не можеме да бидеме сигурни што можеме да побараме и, обратно, што можеме да добиеме по средбата во Париз, вели дипломатот Огнен Малески

Во поплавата од бесмислени зборови и лажни ветувања веќе многу тешко може да најдеме политичар кому безрезервно може да му веруваме. Реалната слика кај повеќето граѓани за политичарите е таква што отворено се вели дека „ним веќе зборот не им тежи“, а ветувањата прогресивно растат како што се наближуваат изборите. Но тоа не е само кај нас случај. Очигледно и за странските политичари, па дури и оние „со реноме“, сѐ почесто сме сведоци дека ветуваат „мостови и за онаму каде што река не тече“. Македонското државно раководство и граѓаните се живи сведоци како „меѓународната“ нѐ пренесе жедни преку вода, токму од страна на странски политичари од највисок ранг.

Со тоа отворено се постави прашањето колку веќе им тежи зборот на западните политичари упатени кон нас и за нас. Лицитирањето со „степенот на довербата“ на нашите граѓани кон странските политичари сѐ уште е актуелно. Таа драстично падна во октомври, кога францускиот претседател Емануел Макрон ѝ пресуди на земјава со тоа што не дозволи да ѝ се додели датум за почеток на преговори со Европската Унија. Сега повторно, по најавената посета на претседателот Стево Пендаровски на Париз, граѓаните со зголемени очекувања и степен на доверба гледаат кон „западните добротвори“.

Домашните познавачи на меѓународните политички односи коментираат дека земјава досега на Брисел, Вашингтон, односно воопшто на Западот, во неколку наврати од нејзиното осамостојување до денес, давала или, поточно, била принудена унилатерално не само да вети туку и да даде многу гаранции (писмени и усни) и апсолутно целосно да ги спроведе како услови за нејзината европска иднина.

Експертите меѓу нашите писмени гаранции дадени во минатото кон Западот во однос на нашиот евроатлантски пат ги наведуваат и посочуваат Охридскиот, Преспанскиот и Пржинскиот договор како исполнети ветувања за промена на Уставот и на името на државата, а за кои не сме добиле јасна европерспектива сѐ дури до ден-денес. Тие коментираат дека е забележлива некаква половична искреност во политичките гаранции дадени до нас од влијателните политичари, бидејќи, сепак, за жал, сѐ уште не сме дел од Европската Унија и од НАТО.
Поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, коментирајќи ги очекувањата од средбата на македонскиот претседател Пендаровски со францускиот Макрон и што може земјава да очекува на хартија во однос на добивањето датум за преговори за идно членство во ЕУ, објаснува дека моменталната состојба во Унијата претставува една маглива сива зона, која, за жал, сѐ уште не ни ги исцртува јасно контурите на случувањата во ЕУ. Сепак, Малески истакнува дека арсеналот што стои пред нас е многу ограничен во таа насока. Според него, мораме да бидеме активни и упорни додека постои шанса да работиме на неа, а фактот што се согласил Макрон да се сретне со нашиот претседател Пендаровски е некаков позитивен сигнал, кој, сепак, треба да го искористиме, без оглед на неисполнетите политички ветувања на Брисел.

– Во дипломатијата најлошо е кога сте изолирани и неконтактирани, така што оваа средба е позитивна во секој случај по нашиот евростатус. Макрон очигледно длабоко размислува за многу сериозни прашања во ЕУ, меѓу кои и за нас, за што говори неговата посветеност да оствари средба со претседателот Пендаровски, иако целата ситуација во која се наоѓаме говори дека е сериозна состојбата во Унијата и иако не бевме целта, сепак излеговме колатерална штета на проблематизираните односи внатре во Унијата. Наша заложба е да се бориме и сѐ што сме вложиле досега во однос на нашите услови да продолжиме да вложуваме и понатаму во однос на реформирање на состојбите дома, бидејќи тоа е круцијално за нас. Од друга страна, факт е дека Париз работи на таа нова методологија во ЕУ и сепак е можно да се усогласат сите ставови на сите земји-членки да добиеме датум на следниот самит, независно кога ќе биде тој – вели Малески.

На прашањето дали Македонија треба и може да очекува некакви политички гаранции на средбата во Париз, Малески одговора дека сѐ уште е рано да се предвидува исходот, но и стратегијата на Париз и општо на целата Унија кон нас.
– По веќе виденото, можеме да заклучиме дека во политиката, но и во надворешната политика, не постојат гаранции. Едноставно, па дури и да се писмени гаранции, прашањето е колку вредат тие. Тоа е така бидејќи се комплексни релациите и, глобално, не постои одлука што зависи од еден субјект. Така што до последниот момент никако не можеме да бидеме сигурни што можеме да побараме и, обратно, што можеме да добиеме по средбата во Париз – завршува Малески.
Професорот Звонимир Јанкуловски многу експлицитно ги опишува состојбата и позицијата на меѓународната заедница, а правдината и силата ги става во реалната актуелна корелација.

– На оние што не ја познаваат надворешната политика и не го познаваат меѓународниот систем треба да им биде јасно дека во меѓународниот систем се работи за анархичен систем, каде што доминираат односите на сила, на моќ. Така што ваквите ветувања дадени во рамките на тој систем повеќе ви кажуваат за наивноста на лидерите на малите држави во поглед на прифаќање, дури и премиерот имаше една изјава во која е разочаран зашто му било ветено. Ништо не е ветено во рамките на меѓународната заедница, односно меѓународниот систем, затоа што сепак државите се раководат со сопствените интереси. Европската Унија е со две брзини. Мислам, јасно е во сите тие замислени концепти на Макрон за Македонија нема место – вели професорот Јанкуловски.
Слично на професорот Јанкуловски и на дипломатот Малески, размислува и поранешниот амбасадор во Москва Ристо Никовски. Според него, гаранции во политиката речиси не постојат, а показател за таквиот негов став се состојбите, кои константно се менуваат во водењето на политиката на политичарите, како кај домашните така и светските.

– Гаранциите во политиката никогаш нема и не може да има, бидејќи состојбите се менуваат, особено на мултилатерален план кога решаваат повеќе земји такво нешто е незамисливо. Македонија не доби никакви гаранции дека ќе добие датум за преговори пред неодамнешниот самит, туку имаше само ветување од лица од Брисел што во основа беа ненадлежни. Тоа, секако, е и наш пропуст и сериозна грешка, може да се каже дури и историска, бидејќи отстапките што се направени, кои се рамни на капитулација, се немерливи, исто така и нека им служат на чест на тие што ги дадоа. Од средбата од Париз не треба да се очекува ништо спектакуларно, да не забораваме дека таа е на маргините и средбата ќе трае максимум десетина минути, која, според мене, ќе се сведе на формалности и куртоазија. Француската политика долгорочно е добро осмислена и никој не може да го убеди Макрон дека треба да ја промени. Македонија мора да биде свесна дека членството во ЕУ е долгорочен процес, кој можеби ќе се смета и во децении – анализира Никовски.

[email protected]