Политичка култура на поделеност

Раѓањето на мултипартизмот во Македонија

Неодамна излезе од печат најновата книга на Ѓорѓи Спасов, насловена „Ра­ѓањето на мултипартизмот“ – стра­ници од македонската политичка ис­то­рија
во кои студиозно е обработено едно важно поглавје од поновата историја на државата, но може да се влечат и важни поуки за во иднина. Во книгата се прави анализа на партискиот систем според видот на партиите, политичката култура на поделеност, бипартизам од специ­фи­чен вид, а се нудат и одговори на прашањата за тоа како станавме пар­титократија и многу други. Тргнувајќи од актуелните политички состојби и предизвиците со кои и сега се соочува државата, првиот маке­дон­ски дневен весник „Нова Маке­до­ни­ја“ за читателите подготви четири ис­клу­чително интересни извадоци од книгата, во форма на фељтон, кои на крајот ќе ги заокружиме и со интервју со авторот Ѓорѓи Спасов.

ФЕЉТОН – „СТРАНИЦИ ОД МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА ИСТОРИЈА“ (2)

Иако доминантните политички партии во Македонија не се јасно идеолошки профилирани, не може да се каже дека тие својата задача ја имаат сфатено само како изборни партии, како што е тоа случајот со Републиканската и Демократската партија во САД и со многу други доминантни партии во земјите од Западна Европа. Напротив, тие се организирани и од своето основање до денес дејствуваат како строго идеологизирани, јасно хиерархизирани и цврсто дисциплинирани идеолошки партии, кои на моменти добиваат карактер на „борбени одреди“ за остварување на своите „единствено исправни“ идеали, цели и вредности.
Двете доминантни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, од своето основање се прогласија себеси за наследници и продолжувачи на традициите на две не баш демократски движења и партии од минатото, односно на партии што никогаш не дејствувале во рамките на некој повеќепартиски систем. СДСМ во својата програма запиша дека е наследник на поранешната комунистичка партија на Македонија, која беше предводник на работничкото движење и која со револуционерни методи бескомпромисно се справуваше со своите идеолошки и класни непријатели.
ДПМНЕ пред името на својата партија, го додаде името на партијата ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација) и ги презеде, заедно со името, целата митологија и симболите на револуционерната организација во чија традиција била заклетвата на верност врз пиштолот и камата, митот за револуционери што со терористички акции го привлекувале вниманието на Европа кон „тажната судбина на Македонија“ или кои убивале предавници во своите редови, глорифицирањето на тајноста во дејствувањето, строгата хиерархија и дисциплина и бескомпромисноста во борбата за остварување на своите партиски идеали и цели, кои ги прогласува за национални. Таа партија го одржува чувството кај своето членство дека била жртва на комунистичкиот режим и дека не смеат да се помират со „наследниците“ на Комунистичката партија и имот, но ја одржува и недовербата кон соседите, како и скептицизмот кон Европа и големите сили.

Секоја нејзина борба за освојување на власта е еден вид борба за „конечна пресметка“ со „остатоците од комунизмот“, односно со „непријателот“, битка за одмазда, за лустрација на бившите соработници на комунистичката тајна полиција, кои наводно сѐ уште се инсталирани во сите државни институции и за уништување на злото, односно на конкурентската партија.
Во своето членство таа го одржува и митот за античкото потекло на Македонците, за македонските кралеви, за славното минато и за Македонија како библиска земја, која му припаѓа целосно само на македонскиот народ, кој живее поделен и раселен по светот. Прогласувајќи се за единствен вистински бранител на македонските национални интереси, таа создава поделба на „вистински Македонци“ и „преостанати“ во општеството, кои кога е таа на власт, не заслужуваат почит, работа или заштита.
Соочена со таков политички конкурент и непријател, чија цел е уништување на политичката конкуренција под паролата „борба против остатоците од комунизмот“, СДСМ како наследник на комунистичката партија во таа партија го препознава „фашизмот“, кој може да доведе до инсталирање недемократски режим, во кој, не само што не би имало место за други политички партии туку кој може да доведе до конфликти со соседите и до загрозување на тешко стекнатата независност на Македонија по Втората светска војна.

Користејќи го своето идеолошко наследство од времето на Народноослободителната борба против фашизмот, а подоцна и борбата против сите непријатели на народот, и СДСМ оценува дека битката со „војнички организираните партии“, како ДПМНЕ, може да се води само ако партијата е исто толку добро организирана, дисциплинирана и централизирана. Партијата се става на чело на силите што го бранат придонесот на НОБ и на комунистите во создавањето на македонската држава од негаторите на нивниот придонес и не дозволува целиот период на земјата во составот на Југославија да биде означуван како продолжување на „окупацијата на Македонија“ и да се омаловажува сѐ што земјата има постигнато во тој период на планот на развојот на македонската национална култура и посебност.
Голем број нејзини членови се подготвени битката против „новиот непријател“ да ја продолжат до последниот човек, со сите средства, објаснувајќи дека во име на слободата и демократијата не смее да се дозволи враќање на фашизмот на власт во Македонија под каков било изговор или во каков било преправен вид.
Под влијание на тоа недемократско идеолошко наследство и на двете партии во земјата, се одржува свест за перманентна битка меѓу „комунизмот“ и „фашизмот“ и останува малку простор за соработка на двете партии за градење меѓусебно почитување и за соработка во остварувањето на заедничките национални цели.
И најголемата политичка партија на Албанците, ДУИ, која е постојан партнер во власта на двете големи партии во земјата од 2002 година до денес, ги задржува својата војничка организација и своето авторитарно идеолошко наследство, од времето кога беше Ослободителна национална армија, а нејзиниот лидер и поранешен командант на ОНА практикува во време на кризи да свикува состаноци со поранешните команданти на ОНА за да потсети дека слободата се добила со крв и обединување, да потсети дека тоа што не може да се добие со преговори и преку политичките институции, може да се добие со војна, како во 2001 година. Некои од неговите поддржувачи потсетуваат и дека „сѐ уште не им е исушен барутот од нивните раце“.

Поради оваа голема нетрпеливост меѓу партиите и нивните лидери во Македонија, од денот на прогласувањето на независноста на земјата до денес, ниту еден сериозен конфликт во земјата не беше и сѐ уште не е можно да биде надминат без посредување на меѓународната заедница.
Во еден извештај на Меѓународната кризна група за Македонија од 2010 година е констатирано: „Политичките партии во Македонија се способни за мобилизација на избирачите за време на избори, но не и за демократски промени во земјата. Општо е чувството дека во Македонија постојат две големи партии, кои во однос на програмски прокламираните цели многу не се разликуваат, но меѓу себе се мразат и перманентно го одржуваат непријателството на едната кон другата, обвинувајќи се за национално предавство, за корупција, за политичка дискриминација додека се на власт и за укинување на условите за постоење на легална и силна опозиција во земјата.“
Излезот од оваа состојба е во демократизацијата на партиите, отфрлање на авторитарното идеолошко наследство и прифаќање на политичката култура на соработка, меѓусебно почитување и подготвеност за компромис во остварувањето на заедничките интереси и цели дефинирани со Уставот на државата.

продолжува

(Изводи од книгата „Раѓањето на мултипартизмот“, изд. „Слово“, Скопје 2020)