Претседателот Стево Пендаровски имаше средба со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн. На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека се пријателски, со заедничка посветеност за натамошно зајакнување на соработката.

Луксембург, оцени претседателот Пендаровски на средбата, е наш ценет партнер во контекст на европската и евро-атлантската интеграција. Македонија, беше потенцирано на средбата, високо ја цени силната поддршка од Луксембург и активната улога на министерот Аселборн во однос на прашањето за отпочнување на пристапните преговори за членство со Европската Унија, како и за ратификацијата на пристапниот протокол за членство на државата во НАТО во јули минатата година. 

Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешно донесување на новата методологија за водење на пристапните преговори за членство и одредување датум за нивен почеток.

На средбата претседателот Пендаровски изрази благодарност и за техничката помош од Луксембург наменета за јакнење на административните капацитети на Македонија во контекст на европските интеграции. Во контекст на натамошното продлабочување на билатералната соработка, на средбата беше посочена потребата за зајакнување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете држави. Претседателот Пендаровски посочи на интересот на Македонија за директни инвестиции од луксембуршки компании.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во регионот, вклучувајќи ги предизвиците поврзани со нелегалната миграција.