Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проблемот со дебелината во Македонија постои подолго време и има растечки тренд, а кризата со ковид-19 само придонела за негово влошување. Прекумерната тежина, пак, е фактор на ризик за појава на многу болести

Пандемијата на ковид-19 од корен го промени животот на луѓето. Поради серијата мерки што се однесуваа на ограничување на движењето на луѓето се намали и нивната физичката активност, а се промени и начинот на исхрана. Во екот на пандемијата, луѓето беа затворени во своите домови, седеа пред телевизорите или компјутерите, од досада повеќето нешто грицкаа, јадеа и многу малку се движеа. Сето тоа придонесе многумина да ја зголемат својата телесна тежина. Од Одделението за исхрана при Институтот за јавно здравје се согласуваат со констатацијата дека ковид-кризата несомнено го променила начинот на живот за определен временски период, но велат дека премногу е храбро да се тврди дека поради тоа стануваме подебела нација. Оттаму тврдат дека проблемот со дебелината во Македонија постои подолго време и има растечки тренд, а кризата само придонела за негово влошување.
– Податоците што почнавме да ги собираме штом беше можно покажуваат дека кај децата што посетуваат детски градинки има зголемување на преваленцијата на зголемена телесна тежина и дебелина за околу пет отсто во однос на периодот пред тоа. Дополнителните истражувања што ќе следуваат ќе ни го покажат вистинскиот интензитет на постковид-состојбата. Тоа што луѓето подолго време престојувале дома не значи дека полошо се хранеле.

Напротив, наше истражување кај популацијата во Македонија покажа дека има поголемо придржување кон таканаречената медитеранска исхрана за време на ковид-кризата. Сепак, проблемот, исто како и решенијата во врска со здравствените ризици поврзани со дебелината, е на системско, а не на индивидуално ниво. Пред да одговориме зошто нашето население има проблеми со тежината, треба да се запрашаме што системот (општеството во целина) прави за да им овозможи на луѓето поздраво живеење, а со тоа и намален ризик од здебелување и ризици по здравјето поврзани со дебелината – вели проф. д-р Игор Спироски, началник на Одделението за исхрана при Институтот за јавно здравје.
Тој посочува дека дебелината е сериозен здравствен проблем и претставува значаен ризик за појава на болести, пред сѐ кардиоваскуларни, но и ендокрини, како и на некои видови карциноми. Како што вели тој, ковид-кризата ни покажа и дека дебелите индивидуи се под зголемен ризик од лоши здравствени исходи кога ќе се заразат со САРС-КоВ-2. На индивидуално ниво, секој треба да е запознаен со насоките за исхрана што го намалуваат ризикот од дебелина. Податоците со кои располага Институтот за јавно здравје покажуваат дека една третина од децата се со зголемена телесна тежина, кои подоцна ќе прераснат во дебели возрасни лица, а дебелината најчесто се одржува низ животот. Од Институтот додаваат дека за 2020-та овие податоци не се целосни, затоа што мерењата кај децата не можеа да се спроведат во целост, бидејќи поради епидемијата на ковид-19 училиштата не работеа.
Вкупно 38,3 отсто од децата во второ одделение имаат зголемена телесна тежина или дебелина. Дебели се 19,2 отсто од децата.

Споредено со претходните години, забележано е зголемување на процентот на деца со дебелина (зголемување од 0,8 отсто), како и зголемување на преваленцијата на дебели деца за еден процент. Податоците не се на линија на целите што ги има поставено СЗО за запирање на растот на телесната тежина и дебелина како ризик за незаразни болести. Спред индексот на телесна маса, недоволна ухранетост е констатирана кај 1,7 отсто од децата, но кај 38,3 постои зголемена телесна тежина и дебелина. Кај популациската група на деца од петто одделение не се забележуваат карактеристики на акутна и на хронична неисхранетост и состојбата е слична со претходните години. Вкупно 42,4 отсто од децата на оваа возраст имаат зголемена телесна тежина или дебелина, односно 20,7 отсто од децата се дебели, од нив 4,5 отсто се со екстремен степен на дебелина. Машките деца се подебели од женските – вели професор д-р Гордана Ристовска од Институтот за јавно здравје.
Таа додава дека кај учениците од прва година не се забележани карактеристики на акутна и на хронична неисхранетост и состојбата е слична со претходните години. Вкупно 31,6 отсто од децата на оваа возраст имаат зголемена телесна тежина. Дебели се 12,6 отсто од децата. Како што вели Ристовска, во однос на 2018 година има зголемување на преваленцијата на зголемена телесна тежина и дебелина и кај децата од оваа возраст, особено во делот на деца со дебелина, односно зголемување од два отсто.