Фото: Дарко Андоновски

Понудените алтернативи за мини-здружување на земјите од Западен Балкан или некакво привилегирано партнерство и унапреден ЕУ-статус за Македонија, во замена за полноправно членство во Унијата, се недефинирана варијанта што може да нѐ втурне во нови игри на големите сили, тврдат аналитичарите

Неуспехот на ЕУ на самитот во Брисел да ѝ се отвори вратата на Македонија предизвика многу прашања за иднината на проширувањето. Една од опциите како алтернативна на француското „не“ за проширувањето во Унијата, која изминатиов период постојано се нагласува во западните медиуми е некаквоси мини-здружување на земјите од Западен Балкан, но и унапреден ЕУ-статус на земјите од опкружувањето. Иако засега нема понудено ништо официјално, од Брисел стигнуваат информации дека воскреснува старата идеја за привилегирано партнерство, а германскиот експерт Гералд Кнаус за „Дојче веле“ објаснува дека со европска иницијатива за стабилност би се понудила и малку поинаква опција за земјиве од регионот, вклучувајќи ја и Македонија со која би ѝ се дало предност на економската, пред политичката интеграција – членство во Европската економска зона.

За дел од аналитичарите ваквата идеја, со која се нуди алтернатива на нашето членство во Европската Унија, е популистичка и недефинирана варијанта што може да нѐ втурне во нови игри на големите сили. За други, пак, какво било решение што може да нѐ приближи до ЕУ е подобро од ништо, доколку се следат националните приоритети.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи ги последниот развој во ЕУ по француското вето за Македонија и несогласувањата помеѓу членките во Унијата околу таквиот потег на Париз како и сѐ по зачестените изјави на европските челници за некакво членство во Европската економска зона на Балканот, вели дека таквите идеи не се никаква новост за нас. Таа во исто време додава дека земјава нема друга алтернатива поразлична од заземениот став на македонскиот државен врв и опозицијата уште на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски дека нема да се прифати ништо друго освен полноправно членство во ЕУ.

– Идеите и најавите за некаквоси балканско здружување (економско или политичко) како алтернатива пред влез на земјава во ЕУ не се новина ниту пак биле досега. Каков било процес што ќе биде замена за членството, за нас е неприфатлив. Во исто време сакам да истакнам дека евентуалните сојузи за кои се заговара деновиве во западните медиуми се веќе видено сценарио и оттаму сакам да појаснувам дека доколку ние сакаме економски сврзувања во „мини-унии“ со некои земји од опкружувањето за наш напредок, нема потреба да се прави тоа во тој облик. Напротив доколку сакаме да направиме економски напредок и олеснувања, тоа се прави со економски билатерални договори, кои за тоа всушност и постојат. Треба да размислуваме за тоа како да го употребиме огромното мнозинство на држави-членки во поддршка на правилна реформа, а не да наоѓаме замена за нашите стратегиски определба – резимира Чупевска.
Од друга страна, долгогодишниот дипломат и аналитичар Ристо Никовски вели дека сѐ уште е рано да се зборува за какви било наши алтернативи во замена за полноправно членство во ЕУ. Никовски додава дека доколку се докаже дека со сигурност нема да има нови проширувања во Унијата, дури тогаш можеме да зборуваме за алтернативи по примерот на Евроазиската унија.

– Сосема е јасно дека во Европа постои широко разбирање дека Македонија е пренесена жедна преку вода и дека ни е направена голема неправда. Тоа не е никаква утеха за нас иако може да ни годи. Нашата грешка е направена со потпишувањето на капитулантските договори со Бугарија и со Грција без никакви гаранции од Вашингтон и од Брисел. Сите размислувања за некакво регионално обединување некој убаво ги нарече тапани по свадба. Ние треба максимално да избегнуваме такви замки бидејќи само тоа ќе нѐ оддалечува од Унијата. Меѓутоа, ако се докаже дека нема да има нови проширувања на Унијата и дека другите земји од Балканот ќе останат надвор, зашто треба да помине подолго време, дури тогаш може да се размислува за некакви нови и алтернативни решенија. Дури тогаш може да биде на дневен ред и Евроазиската економска унија на која деновиве ѝ се приклучи и соседна Србија – објаснува Никовски.

Анализа на истава тема деновиве понуди паневропскиот политички институт „Европски совет за надворешни работи“, кој оцени дека Франција со своето „не“ ја поткопува стабилноста на Балканот и на ЕУ. Како што наведува Европскиот совет за надворешни работи, регионот може многу лесно да потклекне на привлеченоста на регионалниот национализам, но и дарежливите руски, турски и кинески понуди за алтернативен пат на земјите на Балканот, кои се во дворот на ЕУ.

– На самиот Балкан, му се нуди „вегетаријанската“ моќ наместо вистинска, а ЕУ ризикува да таа да не се совпаѓа со месојадната геополитика во регионот повеќе од кога било, по овој Европски совет. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, веќе изјави за „Фајненшл тајмс“ дека одлуката на ЕУ го оставила регионот чувствувајќи се дека не може да се потпира само на нејзините западни соседи. Неговите зборови всушност сугерираат дека тој се чувствува оправдан во својата одлука да ѝ овозможи на Русија да го преземе српскиот енергетски сектор и да ја покани Русија да спроведува редовни воени вежби со Србија. Навистина, во овој момент, руските „С-400“ се враќаат кон Србија, да учествуваат во заедничката вежба „Славјански штит 2019“. И само Русија не им нуди атрактивни перспективи на земјите од Западен Балкан – пишува Европскиот совет за надворешни работи.

Фото: Дарко Андоновски

Пендаровски: ЕУ да не спомeнува алтернативни партнерства

Во интервју за Ал џезира Балканс, претседателот на државата Стево Пендаровски порачува ЕУ да не спомнува алтернативни партнерства кога не се затворени сите крупни отворени прашања во регионот.
– Реално, освен Франција и освен една-две други земји, никој не спомнува, не пак во формална смисла, друг облик на здружување или на асоцирање наше со Европската Унија не споменуваат. Ние сега се обидуваме „да дуваме на јогурт“, затоа што сме изгорени од многу други работи на времето. Внимавајте, освен тоа, на Западен Балкан работите се далеку од завршени. Таканаречената пацификација на регионот не е завршена, Косово сѐ уште не е решено. Не знаеме кога ќе биде решавано. Големите сили се подготвуваат да влезат во следна, подинамична фаза на решавање на тој проблем, меѓутоа решавањето на тој проблем знаеме колку е тешко, колку товар им носи на двете инволвирани страни и можеби ќе донесе опции на маса што нема да бидат добри за иднината на регионот. Нашиот став во однос на тоа прашање е дека вие не смеете да затворите еден голем проблем во регионот, а да отворите два или три нови во истиот тој регион. Што сме направиле во тој случај? Добро е Европската Унија да биде малку постратегиски ориентирана кон Западен Балкан и да не спомнува алтернативни партнерства во време кога сите крупни отворени прашања на регионот не се затворени и кога од евентуалното затворање на тие крупни прашања може да се постави под прашање и иднината на целиот регион, кој е турбулентен, за жал, со децении, па и со векови – вели Пендаровски


Лоша порака до Србија, Косово, но и до Вашингтон

Ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за почетокот на разговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и со Македонија на самитот на ЕУ предизвика масовно разочарување од Европската Унија меѓу државите од Западен Балкан, бидејќи се еродираше кредибилитетот на Брисел и се отвори регионот кон несакано надворешно влијание од Русија, Турција и од Кина. Ова во своја анализа го наведува интернет-порталот „Њу Јуроп“, кој пишува дека одлуката на Макрон испратила многу лоша порака до Србија и до Косово во моменти кога Америка се ангажира да дојде до компромис за договор, кој автоматски би ги отворил вратите за интеграција во ЕУ.
– За Американците, овој морков – членството во ЕУ, сега е поважен од кога било, бидејќи тие повторно се ангажираа во решавањето на ќор-сокакот меѓу Белград и Приштина, кој трае повеќе од две децении. Но ова е морков што во одреден момент, Вашингтон не го контролира. Претседателот на САД, Доналд Трамп, во таа насока го испрати и својот доверлив пријател Ричард Гренел како свој специјален пратеник за разговорите Белград – Приштина за да се постигне договор меѓу историските непријатели со тоа што на Србија и на регионот ќе им се понуди огромен инвестициски пакет, но и членство во ЕУ како крајна награда. Контрадикторните пораки на некои земји-членки на ЕУ во таа насока се обесхрабрувачки и за Албанија, но и за Македонија – пишува магазинот.

[email protected]