Рефлексиите од пандемијата над работењето на седмата сила
Неделава Комитетот за заштита на новинари (КЗН) информира дека бројот на новинари што завршиле во затвор на светско ниво достигнал нов рекорд годинава. Според информациите, тоа пред сѐ се должело на заострените мерки на владите во врска со известувањето за ковид-19. Исто така, голем дел случаи на лишување од слобода на новинарите и репортерите биле поради нивното физичко (професионално) присуство во толпи што протестираат политички, учествувајќи и известувајќи непосредно од превирања и немири.
Во својот извештај за 2020 година, КЗН ги обвини владите од целиот свет дека вршат задушување на медиумите и хранење на дезинформациите за време на пандемијата на ковид-19.
Поразителни бројки за новинари што биле лишени од слобода или убиени
Според годишниот извештај на невладината организација, 274 новинари биле уапсени оваа година, а 26 новинари или медиумски работници биле убиени.
– Тоа е шокантно и поразително – изјави извршниот директор на КЗН, Џоел Сајмон.
Според организацијата, најмногу новинари биле уапсени во Кина, втора година по ред, со 47 новинари што се нашле зад решетки, а следни на листата се Турција, Египет, Саудиска Арабија, Белорусија и Етиопија.
Во меѓувреме, свое видување за тоа какви се состојбите за седмата сила во Македонија имаат и преставниците на македонските новинарски здруженија.
Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ), во изјавата за „Нова Македонија“ вели годинава е важна, бидејќи пандемијата остави впечаток врз тоа на кој начин функционираа медиумите и како се одрази улогата на седмата сила врз нашето општество и граѓаните.
– Во својата работа за време на пандемијата, новинарите имаа голем број предизвици и проблеми. Имено, во првата половина од годината, кога, условно кажано, беше „тазе“ справувањето со вирусот и кога се спроведуваа рестрикциите за граѓаните, медиумите беа своевиден примарен канал за пренесување на актуелностите. Но во втората половина од оваа година, медиумите почнаа да дејствуваат и истражувачки и аналитички. Во овој период медиумите покажаа дека состојбите во нашето општество во ова време не биле воопшто розови. Битно за предизвиците во овој период беше и справувањето со лажните вести, особено оние поврзани со пандемијата. Тука одговорните медиуми што се придржуваа на новинарските стандарди успеаја да одржат високо ниво на отпорност на лажните вести. За жал, имаше и такви примери, особено во делот на интернет-сферата и социјалните мрежи, каде што одредени медиуми не го одржаа нивото што го имаа нивните колеги од традиционалните масовни медиуми – вели Чадиковски.
И во Македонија регистрирани обиди за напади над новинарите
Претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) вели дека она што е загрижувачко за македонските новинари во оваа година е фактот дека кон нив имаше голем број регистрирани обиди за напади од вербален карактер на социјалните мрежи, но, за жал, државата многу слабо реагирала.
– Од вкупно 14 регистрирани примери за време на пандемијата, само еден случај доживеа системска разврска и судска пресуда, а по другите дури не се ни постапуваше – вели Чадиковски.
Првиот човек на ЗНМ истакнува дека за обележување годинава во медиумската сфера се и обидите на новинарските организации да го истакнат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Имено, со евентуалните измени би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.
– ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од некои минати години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми – вели Чадиковски.
Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вели дека оваа година, поради пандемијата на ковид-19, покажа колку се значајни медиумите, односно колку новинарите и медиумските работници при професионалното работење се изложени на сериозни опасности по нивниот живот и здравје, а особено во вакви кризни ситуации.
– Се разбира, тука зборуваме за одговорно, етичко и професионално известување. Одговорноста на новинарите и медиумските работници е голема, а особено се зголемува во вакви периоди на криза. Оние медиуми што и во нормални услови работат професионално, тоа го покажаа и за време на кризата. За жал, јавниот дискурс во Македонија е преплавен од псевдомедиуми и псевдоновинари, кои ја искривуваат сликата за важноста на медиумите и на новинарството во едно демократско општество – вели Дуридански.
Според него, пандемијата ги усложни условите во кои работат новинарите и медиумските работници, односно ги направи уште потешки, од тешкотии поврзани со излегување на терен и изложување на опасност од вирусот до отежнато комуницирање со институциите.
– Во овој период исто така, како поради пандемијата, така и поради изборите, се забележано четири пати повеќе напади за разлика од минатата година, а особено загрижуваат зголемувањето на говорот на омраза и онлајн-нападите против новинарите – резимира Дуридански.
Во секој случај, од година на година, новинарската и фоторепортерската професија стануваат сѐ поризични и поопасни. Факт е дека новинарската професија е незаштитена, а резултат на тоа се и бројките од годинешниов извештај на Комитетот за заштита на новинари (КЗН). Кога на тие гореспоменати високоризични искуства на новинарите причинети од надворешни влијанија и фактори ќе се додадат и оние внатрешните, предизвикани од самата професионална работа (како што се прекумерна работа и стрес, негативни емоции и искуства, висок степен на притисок поради одговорноста пред јавноста итн.), навистина стои заклучокот дека вистинското новинарство е високоризична професија, меѓутоа со потенцијалот што го има таа да биде „подобрувач на работите во општеството за граѓаните“, како и да биде „коректив на јавните политики“, таа слободно може да се нарекува седма сила, која допрва и ќе зајакнува, но и ќе биде на нишан на противниците на вистината.