Термините на англиски јазик се особено вообичаени на интернет, а другите јазици честопати се спротивставуваат или се приспособуваат на нивната употреба. Несомнено, со ваков терминолошки предизвик на англиски зборови, особено за техничките термини и за комуникацијата на интернет, се соочува и македонскиот јазик, но и со предизвикот на почитување на правописните правила, како и со употребата на кирилицата

Одбрана на јазикот од глобализацискиот казан за претопување

Во очигледно незапирливиот глобализациски тренд, кој ја содржи потребата за полесно комуницирање, природно се прифаќа најлесниот пат за меѓусебно разбирање – употреба на најраспространетиот јазик, кој во овој светски миг сѐ уште е англискиот. Но таквиот „природен развој на настаните“ не се прифаќа како неминовност секаде низ светот, пред сѐ во земјите каде што јазикот е нераскинлив дел од националниот идентитет. Во тој контекст, веројатно најмногу предничат Французите, кои не се откажуваат од ривалството на својот француски јазик со англискиот за приматот на титулата „светски јазик“, а особено од навлегувањето на некои нови англиски термини на нивниот јазичен терен, односно нивно одомаќинување во францускиот јазик. Така, неодамна, Франција објави нов список на алтернативи за термините на англиски јазик како што се „кликбејт“, „поткаст“ и „дипфејк“ (clickbait, podcast и deepfake).

Комисијата за збогатување на францускиот јазик (ЦЕЛФ) го објави новиот список во официјален гласник на Владата. Во текот на изминатите години, оваа јазична комисија редовно издава голем број препораки во обид да ги запре термините на англиски јазик. Меѓу „обесхрабрените фрази“ во изданието за 2018 година беше изразот „лажни вести“. Во тој случај, комисијата препорача Французите наместо „фејк њуз“ да кажат „погрешна информација“ или „инфокс“, за терминот популаризиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Јавните тела мора да ги почитуваат новите препораки. Комисијата работи во соработка со познатата Француска академија, со 400-годишна традиција, за да излезе со алтернативи на англиските зборови. Настрана од пресудите за употреба на зборови како „е-пошта“ – официјално „курир“ на француски јазик – Академијата досега успеа да ги смени и правилата за одредување на родот на зборовите, новите термини во францускиот јазик. Термините на англиски јазик се особено вообичаени на интернет, а другите јазици честопати се спротивставуваат или се приспособуваат на нивната употреба.

Несомнено, со ваков терминолошки предизвик на англиски зборови, особено за техничките термини и за комуникацијата на интернет, се соочува и македонскиот јазик, но и со предизвикот на почитување на правописните правила, како и со употребата на кирилицата.
– Во актуелната состојба гледаме дека во современата комуникација, односно комуникацијата со паметните телефони и компјутери кирилицата во извесни рамки се занемарува; помладите генерации имаат контакт со латиницата на исто рамниште и речиси во истиот период кога ја совладуваат и македонската азбука, така што се случува мешање, некомплетно совладување на македонската азбука и на правописните правила (пишување лј, нј, кј и гј наместо љ, њ, ќ и ѓ, споено пишување на негацијата и глаголската форма – несакам наместо не сакам, споено пишување на императивната форма и кратката заменска форма – пишими наместо пиши ми итн.).

Проблемот станува уште покомплексен кога имаме предвид дека достапноста на содржините на латиница (најчесто станува збор за програми на англиски јазик) е многу поголема отколку на оние на кирилица. Ова упатува на потребата од подобрување на програмите за изучување во основното образование и создавање попривлечни содржини (наставни програми, софтвер, видеоматеријали, музика и сл.) во изучувањето на македонскиот јазик и кирилицата. Како позитивен тренд треба да се обележи достапноста на платформите на социјалните мрежи на македонски јазик – вели Александра Ѓуркова, професорка од Институтот по македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.

Професорката Ѓуркова вели дека новите интернационализми, односно англицизми се предизвик за секој јазик, бидејќи едноставно се наметнуваат како „полесен пат“ во комуникацијата, пред да успеат лингвистите да реагираат со соодветен термин во јазикот. Таа потврдува дека Франција е многу строга во однос на таквата јазична политика, но исто така смета дека ако одреден термин може да биде соодветно преведен на одреден јазик, на пример на македонски, секако дека попрепорачливо е да се користи терминот на мајчиниот јазик.

– Се прават обиди во сите јазици да се одговори на тој глобализациски тренд на прифаќање на новите (најмногу) зборови од интернетската комуникација, кои најчесто се на англиски јазик. Некои од „преведените“ термини успеваат да профункционираат, други звучат вештачки. Всушност, прифатеноста на новите зборови , во „оригинал“ или во „превод“, најмногу зависи од тоа колку звучи вештачки на некој јазик. Во тој контекст, во Македонија досега имаме издадено неколку своевидни речници, како Поимник за компјутерски термини, Речник за интернет-термини… Не се толку непознати и кај нас таквите обиди за македонизирање на одредени нови зборови и термини, но за тие да профункционираат зависи од тоа како ќе се класираат, како ќе се постават и како ќе се почитуваат во јазичната употреба – вели Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик.