Есента 1944 година, Димитар Влахов, со делегација македонски емигранти од Бугарија, му предава список на Ченто со околу 3.000 имиња на Македонци заминати во Бугарија по балканските и меѓу двете светски војни. Претседателот Ченто бил радосен што во списокот имало многу образовани луѓе, какви што биле „потребни за оформување на државата“. Прашањето за враќање на Македонците веднаш го поставил пред Президиумот, за да им се дозволи на луѓето што побрзо да дојдат во Македонија, но Колишевски не се согласил со предлогот

Интересни факти за македонската емиграција и изградбата на македонската држава

Пред одржувањето на АСНОМ во 1944 година, видни раководители на македонското националноослободително движење размислувале за важноста на македонската емиграција во борбата на македонскиот народ за ослободување и изградба на македонската држава.

Македонската интелигенција од Бугарија

Во таа смисла, посебно место зазема ангажирањето на тогашната македонска интелигенција, особено онаа во Бугарија. Така, на пример, во спомените на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, меѓу другото пишува: „Бане Андреев предложи да ги поканиме македонските емигранти од Бугарија да се приклучат на нашата борба, односно борбата на македонскиот народ. Предлогот го прифатив, имајќи на ум дека таму имаше многу образовани луѓе, кои, како такви, ѝ се потребни на секоја држава, а уште повеќе на нашата, затоа што најголемиот дел од нашиот народ е полуписмен или воопшто неписмен“. Подоцна, кон крајот на 1944 година, Ченто ќе запише уште еден битен момент за односот кон македонската емиграција. По митинзите во неколку ослободени македонски градови, врвните партизански раководители доаѓаат во Скопје. Во Президиумот, сместен во зградата на скопската општина под Кале, доаѓа Димитар Влахов со делегација од Бугарија. Делегацијата му предава список на Ченто со околу 3.000 имиња на македонски емигранти заминати во Бугарија по балканските и меѓу двете светски војни. Според записите што ги водел во врска со ваквите средби, Ченто бил радосен што во списокот имало многу образовани луѓе, какви што биле „потребни за оформување на државата.“ Прашањето за списокот за враќање на овие три илјади емигранти, Ченто го поставил пред Президиумот, за да им се дозволи на луѓето што побрзо да се вратат во Македонија: „Лазо Колишевски не се сложи така брзо да се донесува одлука, затоа што партијата не зазела став по тоа прашање. Се согласив да почекаме мислење од партијата. По два дена, Колишевски ме извести дека партијата мисли оти не е пожелно да се вратат сите емигранти, бидејќи биле, како што рече, бугарски воспитаници. На моето прашање со кого ќе правиме држава, Колишевски ми одговори дека ќе добиеме помош од другите федерални единици“. На прашањето на Ченто во што се подобри српските или другите чиновници од Македонците, кои биле принудени да емигрираат, па потоа без своја волја да учат во Бугарија, Колишевски одговорил дека „таков е ставот на партијата и нема што да се расправа повеќе“. Тука, всушност, се прекршува ставот за идниот третман на македонската емиграција, а таквиот негативен однос ќе трае полни шеесет години, до формирањето на независна Република Македонија.

Постои уште една, четврта Македонија: емигрантска Македонија

Првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, кој сакал широко да ги отвори вратите на татковината Демократска федерална Македонија за македонските емигранти, набрзо бил осуден и затворен во „Идризово“, затоа што наводно сакал да емигрира. Во меѓувреме, според проф. д-р Виолета Ачковска, стотици Македонци што го дале во залог својот живот за Македонија, за нејзината државност, за национално достоинство, завршуваат во затворите, а некои наоѓаат прибежиште во европските и воневропските држави, на сите континенти, создавајќи уште една Македонија, емигрантска Македонија, со јасни политички цели за независност и сувереност на државата, како и барање за обединување на македонскиот народ. Како што забележува Ставре Џиков во своето истражување за македонската емиграција, надвор од Република Македонија постојано, со децении, постоела паралелна емигрантска, четврта Македонија. Според меѓународната организација за бегалци, од 1946 година во западноевропските земји биле регистрирани 125 илјади државјани од бившата Кралска Југославија. Меѓу нив најбројни, околу 40 илјади, биле четниците, потоа следувале усташите со околу 30 илјади лица, а веднаш по нив биле словенечките белогвардејци со околу 18 илјади емигранти.

– Главни центри за воени и разузнавачки работи организирани за прифат на емигрантите по војната биле логорите Лаврион во Грција, Падроче во Трст, Фермо и Модена во Италија. Во Австрија таков логор бил Трајкирхен, во близината на Виена. Поголеми логори во Сојузна Република Германија се Воерде и Цирндорф, а најважни центри за емигрантска активност се Рим, Ватикан, Виена, Париз, Лондон, Берлин, Брисел и Копенхаген. Во западноевропските земји до 1951 година од Југославија избегале околу 17 илјади лица, кои тајната југословенска полиција ги регистрира како фашистичка емиграција. Од територијата на Република Македонија, во државите на Запад оваа служба има евидентирано околу 1.500 лица што имаат статус на политички емигранти. Основната поделба што ја прави југословенската полициска служба е дека непријателската емиграција од Македонија се концентрирала во две организации. Едната организација се наоѓа на американскиот континент, а тоа е МПО, а другата е во Европа, прво организирана како Национален фронт – Ослободителен комитет за Македонија, а потоа како Движење за ослободување на Македонија (ДОМ), односно Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ). Во полициските извештаи стои дека заедничка карактеристика на двете организации е антикомунистичко и антијугословенско дејствување, но со спротивставен однос кон македонската нација. Така, Националниот фронт, ДОМ-ДООМ го признава постоењето на македонската нација, јазик и култура, додека МПО долго време ја застапува тезата за „блгарското потекло“ на македонскиот народ.
И првата и втората струја во македонската емиграција се сметаа за екстремни емигрантски организации, а нивните раководства и членството за „државни непријатели“ на тогашната федерација.

Блаже Миневски