Фото: Игор Бансколиев

Изразената разочараност на европските лидери од упорноста на бугарските политичари во опстојувањето на уцените спрема Македонија, кои претставуваат и директна негација на вредностите на Унијата, дава повод за наметнување на прашањето дали таквата перцепција е доволна за да се почне да се размислува за активирање на членот 7 во преамбулата на Договорот за ЕУ од Мастрихт, кој ги предвидува причините и условите за суспензија на некоја од земјите-членки. Колкава треба да биде разочараноста од уценувачкото однесување на некоја од земјите-членки, во случајов Бугарија, за да се активира овој член, макар како форма на притисок? Дотолку повеќе што во рамките на Унијата досега веќе се користел овој механизам. Но ќе дојде ли на ред и Бугарија?

Две години по Декларацијата на бугарското собрание за бугарската позиција во однос на македонските евроинтеграции, меморандумот испратен минатата година до земјите-членки на ЕУ, ефектуираните блокади во текот на две претседателства со Унијата (германското и португалското) за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ…, европските лидери веројатно почнаа да сфаќаат дека навидум бесмислените уцени со историско-национално-идентитетски аспирации на Бугарија спрема Македонија, воопшто не се од забавен и наивен карактер. Холандскиот премиер Марк Руте, пред почетокот на самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржа оваа седмица во Словенија, отворено изјави дека „не е среќен“ со ветото на Бугарија за Македонија“.
– Јас не сум среќен со фактот што се блокирани пристапните преговори со Северна Македонија и сметаме дека тие треба да бидат деблокирани што побрзо. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија и ние ќе сториме сѐ што можеме за да се случи тоа – рече Руте во Брдо кај Крањ.
За германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, беше јасно дека на неодамнешниот самит не можат веднаш да се преземат решенија за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи во Бугарија претстојат парламентарни и претседателски избори во блиска иднина. Но исто така, Меркел порача дека „станало јасно дека следниот чекор што треба да се преземе е да се постигне договор помеѓу Бугарија и Македонија за да може Софија да се согласи да започне меѓувладината конференција“.
– Се надевам дека проблемите ќе бидат надминати. Како што знаете, во Бугарија тоа сега не е возможно бидејќи наскоро ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, така што во овој контекст сега е невозможно да донесете брзи одлуки – рече Меркел.
Разочараност и незадоволство од бугарската политика на условувања и уцени кон Македонија сѐ погласно пристигнуваат и од други земји во ЕУ.

Ваквите изјави на европските лидери, како да го „испровоцираа“ бугарскиот претседател Румен Радев да испорача уште порадикални и понеразумни услови за Македонија за повлекување на бугарското вето, во вид на: барање на внесување „бугарско малцинство во македонскиот устав“, прифаќање на „бугарската историска вистина“ како што тоа било направено со Грција во Преспанскиот договор, запирање на некаков, од Бугарија замислен, процес на дебугаризација во Македонија, а сето тоа да биде внесено во поглавјето 35 во македонската преговарачката рамка на ЕУ… Овој нов бугарски пакет со уцени, македонскиот премиер Заев го оцени како навредлив, и покрај неговото воздржување да остане во рамките на „пријателска комуникација за изнаоѓање решенија“.
Сепак, изразената разочараност на европските лидери од упорноста на бугарските политичари во опстојувањето на уцените спрема Македонија, втемелени на аргументи што претставуваат директна негација на вредностите на Унијата, искажани во неколку базични документи на ЕУ, дава повод за поттикнување на прашањето дали таквата перцепција е доволна за да се почне да се размислува за активирање на членот 7 во преамбулата на Договорот за ЕУ од Мастрихт, кој ги предвидува причините и условите за суспензија на некоја од земјите-членки. Колкава треба да биде разочараноста од уценувачкото однесување на некоја од земјите-членки за да се активира овој член, макар како форма на притисок?
– Далеку сме од тоа дека ЕУ ќе посегне по тој член за суспензија, колку и да искажуваат разочараност некои лидери од позициите на Бугарија за македонските евроинтеграции. Начинот на одлучување во ЕУ е консензуален, па дури и земји што можеби не заслужуваат да бидат дел од Унијата, кога се дел од неа – ги имаат истите права и обврски како сите други членки. Но во случајот со Бугарија, изгледа дека нејзините политичари мислат дека ним им се „паднале“ само правата, а обврските се за некои други членки, па и земји-кандидатки. Од изјавите на лидерите на последниот самит ЕУ – Западен Балкан, извесно е дека ЕУ ќе продолжи да прави притисок врз Бугарија, но додека таму нема влада, всушност и нема врз кого да се прави притисок. Дури и бугарскиот претседател Радев, кој испорачува нови услови, го очекуваат избори за претседател веќе наредниот месец, покрај третиот обид за парламентарни избори, годинава – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Што се однесува до разочараноста на европските лидери од бугарското вето, Петар Арсовски проценува дека тоа е повеќе предизвикано од стекнатата перцепција дека Бугарија, всушност, фингира кооперативност во преговорите и желба за изнаоѓање решение.

– Очигледно на европските лидери им стана појасно дека Бугарија глуми во комуникацијата со ЕУ дека сака решение за спорот со Македонија, но во одлучувачки моменти испорачува уште порадикални барања и уцени. Практично, Бугарија ја влече ЕУ за нос, исто како и Македонија. Тоа ќе го зголеми притисокот на ЕУ врз Бугарија, но нема да се повлечат некои драматични потези, како активирање одредби во документите на ЕУ за суспензија на земјите-членки – вели Арсовски.
Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски, во однос на претпоставката за посегнување по опцијата за суспензија на членството во ЕУ за Бугарија, како форма на европски притисок во барањето решение за ветото што ѝ го наметна на Македонија, смета дека ако Унијата сакала да го направи тоа ќе го сторела и досега.
– Мислам дека и понатаму во ЕУ ќе се бараат други начини за притисок врз Бугарија, но и начини да се оправда нејзиното однесување. Сепак, по самитот во Словенија, маглата околу причините за македонско-бугарскиот спор се подигна за повеќето европски лидери и почиста е сликата за вистинските намери на Бугарија со ветото за Македонија. Европските лидери појасно истапуваат со пораките дека тоа е билатерално прашање што не треба да го оптоварува процесот на проширување. Бугарската страна очигледно сака да изнуди некој друг пообврзувачки договор од Македонија, врз основа на Договорот за добрососедство. Но потенцијална опасност согледувам во обидот на бугарскиот претседател Радев што се обидува итро да ѝ го подметне на ЕУ, со изедначување на ситуацијата со Грција, односно Преспанскиот договор, со спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Што се однесува до можноста за активирање на опцијата за суспензија од договорите на ЕУ, не верувам дека ќе посегнат по таков радикален чекор спрема Бугарија. Ако сакаше, ЕУ можеше да се повика на тоа и досега – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.