Во целиот хаос од најави, но и лажни вести на кои сме сведоци деновиве, едно сепак е сигурно – секое општество си има различен капацитет за развој, а тоа значи дека токму затоа, сѐ мора да тргне со првиот чекор. Дури и најразвиените земји не го спроведуваат процесот на дигитализација во нивните образовни системи прекуноќ, а, секако, во меѓувреме учениците, меѓу другите материјали, користат и печатени учебници и други материјали во наставата и при учењето

Збирките од наставните материјали да вклучуваат и печатени и дигитални учебници

Многу голема дебата се разви во јавноста деновиве по наводните најави дека од септември нема да постојат учебници во печатена форма. Реакциите се големи особено на социјалните мрежи, иако никаде во новата концепција за основно образование не е ставено и не пишува изрично дека печатени учебници повеќе ќе нема. Никој од надлежните не кажа јавно дека веднаш сега сѐ ќе се дигитализира, но и покрај тоа, гледаме најави за протести и бојкот на наставата. Дури и имаше информации дека веќе средношколците во неколку града веќе ја бојкотирале наставата, иако тие на ниеден начин не се опфатени со промените во однос на дигиталните материјали за учење, туку промени во овој дел од септември ќе има само во четврто одделение.
Дали овие реакции се показател дека ние како општество не можеме да ги препознаеме насоката и динамиката каде и колку бргу треба да се движиме? Во целиот хаос од најави за новини и промени, но и лажни вести на кои сме сведоци, едно сепак е сигурно – секое општество си има различен капацитет на развој, а тоа значи дека токму затоа, сѐ мора да тргне постепено. Дури и најразвиените земји не го спроведуваат процесот на дигитализација во нивните образовни системи прекуноќ, а, секако, во меѓувреме учениците, меѓу другите материјали, користат и печатени учебници и други материјали во наставата и при учењето. Она што е важно е дека денес, земјите зборуваат за збирки на наставни материјали, а не за учебници. Во една од последните публикации на Европската комисија, насловена „Дигитално образование во училиштата во Европа“, анализирани се системите на различни земји во однос на дигиталните компетенции и училишните курикулуми на европските земји. Властите се внимателни во воведувањето на концептот за воведување учебници во електронска форма, а секоја од државите има стратегија по која се води.

Во Данска на пример, политиките за дигиталните наставни материјали можат да поддржуваат учебници и слични материјали. Тамошните власти поддржуваат развој и примена на виртуелни лаборатории во основното и во општото средно образование. Во соседна Бугарија, со стратегија за периодот од 2018 до 2020 година, било предвидено создавање единствена средина за сеприсутно учење, преминување на електронски учебници за сите предмети, виртуелни училници и лаборатории и национални дигитални испити и системи за оценување. Но, сепак, финансиските ограничувања и промената на власта предизвикале доцнење во реализацијата на овие планови. Во Романија, покрај традиционалните учебници, Министерството за образование финансирало издавачки куќи да направат дигитални учебници за учениците од прво до четврто одделение и сега нуди бесплатен пристап на сопствената интернет-страница. Министерството ги поддржало и наставниците во изработката на дигитални материјали за учениците од прво до осмо одделение. Во Полска, пак, покрај другите иницијативи, онаа под името Образование во дигитално општество опфаќа и иницијатива за изработка на дигитални учебници и наставни материјали. Во Унгарија, според министерската уредба за почетничкото наставничко образование, која ги дефинира исходите на учење врзани со дигиталните компетенции, од наставникот се очекува да направи децата да знаат да се запознаваат со печатени и со мрежните извори на информации, дигитални учебници, алати за учење, методи на организирање на учењето и стратегии на подучување, како и да бидат способни критички да анализираат печатени и дигитални учебници и наставни материјали, но и да умеат стручно да се служат со традиционални и дигитални материјали за учење.

Култот кон печатот мора да се негува

Практичарите се тие што најдобро знаат што е потребно и корисно за наставата, со намера децата подобро да научат и да се стекнат со потребните знаења. Речиси сите се согласни дека промени и приспособување на современите текови се неопходни, но некои од нив сметаат и дека љубовта кон печатената книга е она што треба да се негува. И професорката Светлана Димитриевска од музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ е согласна со тоа.
– Култот кон учебникот, кон книжарниците, кон издаваштвото, мора да се негува. Традицијата е онаа што нѐ потсетува од каде потекнуваме. Во мојата професија тоа би го споредила со електричен и акустичен инструмент. Има ли нешто поубаво од акустично пијано и неговиот звук? Нема – вели професорката. Таа смета дека дигитализацијата во образованието е процес што е неизбежен и, секако, обновувањето на содржините е многу битно со оглед на фактот дека живееме во време на промени, научни достигнувања и интензивни општествени случувања.
– Што предизвикува толку несигурност во оваа дигитална ера, зошто се реагира вака бурно? Министерката Царовска во повеќе наврати изјави дека учебниците ќе бидат достапни за сите и во печатена форма.

Но се наметнуваа многу неодговорени прашања. Ваков крупен исчекор во образовен реформски процес бара многу средства и услови, кои се карактеристични за развиените земји, а ние, прашање е дали и колку ги имаме. Дигитализацијата е последната фаза на реформата, завршеток, финале. Прво треба да се спроведе проектот од Светската банка, во чија основа е еднакво образование за сите. Тоа подразбира еднакви услови за сите деца, во сите училишта, за сите наставници, од инфраструктура до обуки на наставниот кадар. Потоа, следниот чекор е наставниот кадар. Краткотрајни обуки нема да го решат проблемот. Секако, многу од наставниците нема да се вклопат во процесот на дигитализација без сериозни обуки. Но ајде да речеме дека ќе се успее во тоа. Проблемот треба да се лоцира уште поназад, реформите треба да започнат од наставничките факултети, односно Педагошкиот факултет, но и секаде каде што се едуцира и подготвува наставен кадар. Критериумите и условите за упис треба да се зголемат. Департизацијата во образованието е, секако, дел од успешна реформа – смета професорката.

Може да се печатат, но кој ќе плати за печатењето?

Понатаму, прашање што ја збуни јавноста е кој ќе ги печати учебниците. Печатењето во боја е скапо, а илустрацијата и колоритноста се битни за децата.
– По претпоставка дека материјалот ќе го совладуваат во училиште, по примерот на Естонија, кој ќе обезбеди таблети? Сите деца треба да имаат училишни и исти таблети, во спротивно, ќе дојде до израз социјалната нееднаквост. Тие таблет-компјутери ќе треба да обновуваат на три-четири години. Кој ќе ги одржува? Кој ќе гарантира за квалитетот на интернетот во училиштата? Овој зафат ќе бара оптички и брз интернет. Секако дека анимации, квизови и дополнителна едукативна содржина би биле од голема помош во образовниот процес. Но не треба да се избрзува. Естонија можеби треба да ни биде пример, но тие се средина со висока општествена свест и вредности. Словенија, пак, во последната фаза од реформите ги воведе дигиталните учебници. Ние треба да побрзаме, да, но сепак внимателно да чекориме за да имаме успех. Родителите и наставниците многупати досега биле разочарани и изневерени, па она што сега им е потребно се транспарентност, поддршка и соработка. И, секако, да не се заборави дека екранот го намалува креативното и критичкото мислење. Умереноста е благодат – смета Димитриевска.


Образованието треба да ги подготви младите за дигитална зрелост

Oбразовната перспектива подразбира и подготовка на младите за ефикасна и сигурна примена на дигиталната технологија. Поединечни опасности што се закануваат на личната благосостојба на ученикот, како интернет-насилството и зависноста од интернет и губење на приватноста, долго време ги насочуваа креаторите на образовните политики да ја направат сигурноста важен дел од дигиталното образование.
Меѓународните скандали во врска со злоупотребата на лични податоци, мрежното следење и ширењето лажни вести, го насочија вниманието на клучната улога што образованието може да ја има во подготовката на младите за дигитална зрелост. Според наодите во извештајот „Дигитално образование во училиштата во Европа“, во Хрватска е развиена специфична стратегија за дигиталната зрелост на училиштата и образовниот систем. Стратегијата, пак, на Унгарија 2016-2022 година, дефинира 14 цели меѓу кои и мерењето на дигиталната зрелост на училиштата.