Поради влошената епидемиолошка состојба, а во пресрет на божиќните и новогодишните празници, европските земји ги заоструваат веќе постојните ограничувачки мерки.
Од завчера на полноќ, во Германија настапи целосно затворање, а Франција досегашното „заклучување“ го заменува со полициски час.
Во Германија мерките ќе траат до 10 јануари и во тој период ќе работат само основните продавници како супермаркети, аптеки и банки.
Во тој период и училиштата ќе бидат затворени, а од работодавците ќе се бара да ги затворат компаниите или, пак, вработените да работат од дома.
За време на божиќните празници, од 24 до 26 декември, ќе има мало олабавување: тогаш ќе биде дозволено најмногу четири лица од најблискиот семеен круг, кои не припаѓаат на едно домаќинство, да му дојдат на гости некому.
Забраната за собири ќе биде во сила и за новогодишната ноќ.
Овој Божиќ ќе биде сосема поинаков и во црквите: минималното растојание е метар и пол со задолжителна маска. Оваа година пеењето не е дозволено. Правилата важат и за синагогите и за џамиите.

Во Франција, полицискиот час ќе важи од 20 часот навечер до шест часот наутро, кога луѓето нема да можат да ги напуштат своите домови без дозвола.
Исклучок ќе биде Бадник, но правилото ќе важи за новогодишната ноќ, пишува Би-би-си.
Кафулињата и рестораните ќе бидат затворени најмалку до 20 јануари.
Исто така се донесени и нови мерки за „заклучување“ во Холандија, кои, меѓу другото, значат и затворање на училишта и продавниците најмалку пет недели.
Училишта, продавниците што не се од витално значење, музеите, фитнес-центрите, театрите и фризерските салони се затворени до 19 јануари. Ограничувањата ќе бидат намалени околу Божиќ кога холандските домаќинства ќе можат да им бидат домаќини на тројца наместо на двајца гости.
Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, им се обрати на граѓаните да избегнуваат „неодговорни“ собири за време на празниците и најави можно засилување на мерките во тој период.