Фото: Игор Бансколиев

Разгледувањето и одлучувањето на 2.142 приговори поднесени за постапката за гласање и за утврдување на резултатите на предвремените парламентарни избори ќе почне на седницата на Државната изборна комисија (ДИК) закажана за 18 часот. Рокот за поднесување на приговори заврши синоќа во 19.30 часот.

Најпрво ќе се разгледуваат приговорите поднесени за постапката за гласање, за кои ДИК треба да одлучи во рок од 72 часа од поднесувањето кое заврши завчера во 21 часот.

Најмногу приговори поднесе Левица 1.982, додека Алијансата за Албанците која на изборите настапува во коалиција со Алтернатива вчера и завчера поднесе вкупно 151 приговор. Има и два приговора од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето. СДСМ, пак, не поднесе приговори за овие избори.

До ДИК е поднесено и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето. Подносителите на листите имаат право на жалба до Управниот суд по одлуките на ДИК.