Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доскорешни истражувања покажуваа дека влијанието на граѓанското општество врз општите проблеми и политики е умерено или просечно, а граѓанскиот ангажман на тековите во Македонија е мал. Во последните две години, пандемијата исклучително влијаеше и во делот од граѓанскиот активизам. Но заради сѐ поголемата потреба граѓаните да ги добијат вистинските одговори на своите прашања наменети за претставниците на државните институции и за партиите, граѓаните го ставија тежиштето на виртуелниот простор, искажувајќи сопствени видувања и коментари за одредени настани

Дали пандемијата го ограничи просторот на граѓаните во креирањето на политиките за важни општествени и политички настани

Поради актуелните состојби во земјата, во прв ред поради пандемијата, на граѓаните во Македонија некако како да им беа ограничени просторот и моќта за влијание во креирањето на политиките за важните општествени и политички настани во земјата. Иако, рака на срце, досегашните носители на власта и партиите се обидуваа да станат подостапни за граѓанските иницијативи, преку отворањето народни канцеларии за средба со пратениците, како и со претседателот на државата, и преку други форми на комуникација од типот на „отворени“ денови на Собранието и на Владата, комуникацијата со граѓаните добиваше повеќе протоколарен карактер отколку суштинска форма. Заради сѐ поголемата потреба граѓаните да ги добијат вистинските одговори за поставените прашања до претставниците на државните институции и до партиите, граѓаните го ставија тежиштето на виртуелниот простор, за да ги искажат сопствените видувања и коментари за одредени настани.

Социјалните мрежи – поле за вистински сугестии и коректив на власта или сѐ повеќе арена за потсмевање

– За жал, социјалните мрежи остануваат единствена опција каде што можат граѓаните да ги искажат своите ставови и размислувања за општествените и политичките настани. Но загрижува формата во која се искажуваат нивните ставови, па тоа се прави преку навредлив јазик, обвинувања и етикети кон другиот соговорник. Отсуство на вистинска дебата и таа се сведува на лични констатации и со користење вулгарен речник. Лично сметам дека граѓаните се активни во искажувањето на своите ставови, но тие не се артикулирани низ една позитивна дебата – ни изјави Викторија Кафеџиска, професорката по комуникологија.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека граѓаните се доволно активни на социјалните мрежи, но забележува дека нивниот однос се менува, како што го прават тоа и партиите, кои со своето дејствување го експандираа овој јавен простор.
– Ако ги гледаме искажувањата на неутралните корисници на социјалните мрежи, тие станаа повеќе цинични, иронични, а социјалните мрежи повеќе им служат за забава. Колку тие со ваков настап можат да влијаат на општествените и политичките појави во земјата е друго прашање. Но со вака искажаниот став се рефлектира и политичкото расположение, кое се манифестира со разочараност, апатија и апстиненција од искажувањето на својот став и за време на изборите. Тоа се покажува и со сѐ помалиот одзив на граѓаните на последните локални избори – вели Петар Арсовски.

Граѓанското општество во Македонија дејствува умерено или просечно врз општествените проблеми и политики

Во претходни истражувања, кои беа спроведени за улогата на граѓаните на тековите во Македонија, беше констатирано дека влијанието на граѓанското општество врз општите проблеми и политики е умерено или просечно, а граѓанскиот ангажман е мал. Надворешната околина во која дејствува македонското граѓанско општество е делумно позитивна за неговиот развој. Граѓанскиот ангажман го мери степенот до кој поединците се вклучуваат во општествени иницијативи и иницијативи поврзани со политики. Во истражувањето на ЦИВИКУС, со утврдувањето на индексот на граѓанското општество го дефинираат граѓанското општество во Македонија како умерено добро развиено, додека влијанието на граѓанското општество врз општествените проблеми и политики е умерено или просечно, а граѓанското учество е ниско. Надворешната околина во која дејствува граѓанското општество во Македонија е само делумно поволна.
Со цел да се приближи до непосредните гласачи, Собранието на Република Македонија, заедно со единиците на локалната самоуправа, отвори канцеларии за остварување контакт на пратениците со граѓаните на Република Македонија. До 2018 година, од можните 75 канцеларии, беа отворени 22 канцеларии на национално ниво. Во согласност со Деловникот на Собранието на Република Македонија се предвидува петоците да бидат денови каде што пратениците се обврзани да остваруваат контакти со граѓаните во овие канцеларии и поради овој факт, Собранието нема никакви активности во петок, за да можат директно да ги слушаат граѓаните за нивните проблеми.
Институцијата Канцеларија за контакт на пратениците со граѓаните е многу значајна алатка за комуникација со електоратот, па, така, Собранието настојува и работи активно да ја зајакне оваа многу значајна институција преку промена и дополнување на постојните закони. За тоа какви се ефектите од отворањето на овие канцеларии, може да послужи истражувањето што го спроведе Институтот за демократија. Повеќе од половината испитаници одговориле дека пратениците само понекогаш работат во интерес на граѓаните. Околу 53 отсто од испитаниците сметаат дека пратениците само понекогаш работат во интерес на граѓаните. Канцеларии за контакт со граѓаните е проект што Собранието го започна во 2003 година и го реализира со помош на меѓународни институции, Швајцарската агенција за развој и соработка и ЗЕЛС.