Фото: Игор Бансколиев

Тридеценискиот јубилеј создава и амбиент на преиспитување и соочување со успешноста на највисокиот правен акт во справувањето со предизвиците што следуваа низ годините, но и честите интервенции и амандмански измени во Уставот. Оцени за тоа даваат Љубомир Фрчкоски и Светомир Шкариќ, кои имаат различни видувања за одредени суштински прашања поврзани со Уставот

ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД ПРОГЛАСУВАЊЕТО
НА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ

Денот на усвојувањето на највисокиот правен акт на државата, 17 ноември 1991 година, се смета како датум со кој се заокружуваат независноста и сувереноста на Македонија (изгласана на референдумот од 8 септември истата година), во уставноправна смисла. Во научните и политичките кругови, и покрај сѐ уште различните гледишта за вредноста на содржината на Уставот, сепак, неподелено е мислењето дека токму носењето на Уставот во тој историски миг претставувал најголем аргумент за меѓународно признавање на независноста на Македонија.
Пред 30 години, Уставот беше донесен со 93 гласа во Собранието, а остана забележано дека работниот текст го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчкоски и Лазе Китановски. Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество. Сепак, во тридецениското соочување на Уставот со практиката и реалноста на политичките процеси во државата, тој беше предмет на повеќе амандмански измени. Последната измена на Уставот беше во 2019 година, кога македонското собрание со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија, по стапувањето во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите. Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и 2011 година. Уставниот развој на земјата историски може да се подели на три периоди.

Првиот од 31 декември 1946 година, кога е донесен Уставот на тогашната Народна Република Македонија, како една од конститутивните републики на поранешна Југославија. Вториот период е со донесувањето на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, на 25 февруари 1974 година, а третиот од 17 ноември 1991 година, кога е усвоен последниот и сѐ уште актуелен Устав. Тридеценискиот јубилеј создава и амбиент на соочување со успешноста на Уставот да одговори на политичките и општествените процеси на државата, како на внатрешен план, но предизвикани и од надворешно влијание, во целиот овој период.
Еден од авторите на работниот текст на Уставот, професорот Љубомир Фрчкоски, со тридецениска дистанца од времето на неговото создавање, смета дека, и покрај сите амандмански промени, можеби и одредени несоодветни решенија што низ практиката се покажале како слабост, општествена контроверзност во неговото прифаќање од почетокот, па до денес – сепак опстојал и го задржал својот оригинален либерално-граѓански концепт.
– Кога се зафативме со работата за создавање на Уставот, како експертска група, се водевме од два принципа: да одредиме соодветен концепт за демократски устав и тој да фати корен врз одредена претходна уставна традиција, т.е. да соодветствува на околностите во кои треба да функционира. Сметавме дека во таквите зададени околности либералниот концепт претставува најсоодветен скелет, кој се потпира на принципите на почитување на човековите права (во чиј дел припаѓаат и малцинските права) и соодветна поделба на власта, со компаративна примена на веќе постојните демократски практики во тој дел. Таков либерален концепт создава граѓански устав во кој човековите права се доминантни. Токму така креираниот устав, во најголема мера влијаеше за добрите оцени на Бадинтеровата комисија, кои имаа доминантно влијание за меѓународно признавање на независноста на Македонија – вели професорот Фрчкоски.
Навраќајќи се на времето на создавањето на Уставот, Фрчкоски не го избегнува тогашниот општествен момент на неприфаќање на таквиот концепт, односно судир на концепциските желби меѓу граѓански и национален устав.
– Сѐ уште сметам дека на поборниците за национален устав не им беше докрај јасна нивната идеја како тоа да се имплементира во еден современ демократски устав. Но не можеше да се игнорира силната потреба за нагласување на тој национален момент во Уставот, па како решение произлезе таквиот националноисториски наратив да биде ставен во преамбулата, од која, сепак, не произлегуваат правата и обврските на граѓаните. Навистина имавме борба за концептите во уставната комисија.

Во тој поглед, морам да признаам дека во тој миг либерално-граѓанскиот концепт по малку беше наметнат, октроиран, со аргументот дека „така треба да биде“. Во тој миг во македонското општество постоеја големи предрасуди во поглед на правата на малцинствата, но не требаше да се дозволи предрасудите да влезат во Уставот. Понекогаш, законските решенија што се чинат како наметнати во одреден момент, ги подобруваат практиката и општественото однесување. Набрзо се покажа дека таквото решение за почитување на човековите и граѓанските права најмногу придонесе за меѓународно прифаќање на независноста на државата – смета професорот Фрчкоски.
За подоцнежните амандмански измени на Уставот, Фрчкоски смета дека во најголем дел не ги решиле слабостите што се покажале од примената на Уставот во практиката, туку решенијата што ги понудиле отишле во друга крајност, што, сепак, не го оправдува нивното присуство во Уставот. Единствено уставните промени за имплементација на Охридскиот договор, професорот ги смета како соодветни и дека се надоврзуваат на либерално-граѓанскиот концепт на Уставот.
– Многу е важно Уставот да има втемелувачко дејство, односно неговата примена да рефлектира зрелост на институциите и на политичката култура. Во суштина, важно е да се спроведува принципот на уставност. Уставот секогаш има општи одредби, а законите го прецизираат спроведувањето на тие одредби. Можно е низ практиката да се покаже извесна неусогласеност на законите со Уставот, но тука е Уставниот суд, кој треба да ги реши таквите ситуации. Генерално, до денес, никој не го оспорува либерално-граѓанскиот концепт на Уставот – смета професорот Љубомир Фрчковски.
Согласувајќи се со констатацијата дека Уставот донесен на 17 ноември 1991 година имал најголема улога за препораката на Бадинтеровата комисија дека Македонија и Словенија беа единствените земји од распаднатата југословенска федерација што ги исполнуваа критериумите за државност, професорот по уставно право Светомир Шкариќ потсетува дека, сепак, по неколку месеци беше иницирана неговата прва измена.

– Македонскиот устав од 1991 година ја има веројатно најбрзата промена во историјата на уставноста. Изгласан на 17 ноември 1991, пофален од Бадинтеровата комисија, и неспорно со голем придонес за меѓународно признавање на независноста на Македонија, првите два амандмана беа додадени неполни два месеца подоцна, на 6 јануари 1992 година. Во 1998 година, од внатрешни причини моравме да го менуваме Уставот, поради проблемите што се појавија во практиката со краткотрајноста на предвидениот притвор… Понатаму, Уставот се покажа како генератор на кризи во периодот на 1990-тите години, што кулминира со оружена криза во 2001 година. Во меѓувреме ниту една норма во Уставот не можеше да го издржи тестот на практиката и на времето, што остава простор за сомневање дека е поставен на погрешен темел. Како своевиден процедурален куриозитет е и тоа дека во архивите не може да се пронајде никаква одлука за формирање на експертската група што го пишуваше Уставот, што претставува дел од целиот амбиент на еуфорична избрзаност при неговото создавање. Брзината во пишувањето темелни акти, понатаму е генератор на слабости во неговата примена во практиката – вели професорот Светомир Шкариќ.