Бугарскиот политолог Николај Василев во своето интервју за Бугарското национално радио (БНР) истакна дека бугарската држава треба да ја промени политиката кон Македонија. Според него, македонската политика на Бугарија доживеала неуспех, а соработката помеѓу двете држави е оневозможена.

– Причина за тоа, особено последните години се историчарите. Сите тие сите беа агенти на тајната бугарска полиција. Тие сега во медиумите ја фалсификуваат сликата за тоа што се случува во Македонија – вели Николај Василев за БНР

Николај Василев беше советник на поранешниот потпретседателот на Бугарија, Тодор Кавалџиев и на поранешниот бугарски министер за одбрана, Николај Ненчев. Меѓутоа со неговите искажувања бугарската јавност одамна е запознаена. Бугарските историчари со своите антимакедонски изјави со децении ги нарушуваат односите помеѓу Македонија и Бугарија. Меѓу нив се Божидар Димитров, Цочо Билјарски, Светлозар Елдаров, Красимир Каракачанов и многу други.

Божидар Димитров беше директор на бугарскиот Национален историски музеј и со своите контроверзни изјави со години ја брануваше Македонија. Тој во една прилика изјави: „Ако треба да зборуваме отворено, вистинското име на Македонија треба да биде југозападна Бугарија.“ Во јуни 2009 година, бугарската комисија која беше задолжена да ги објави имињата на бугарските граѓани кои соработувале со бугарските тајни служби, констатира дека Димитров бил таен соработник и агент на поранешната Државна безбедност. Тој бил регрутиран во 1973 година, а негови псевдоними биле Богдан, Кардам, Тервел и Телериг.

Цочо Билјарски беше директор на бугарскиот Централен државен архив и еден од обновувачите на Македонскиот научен институт на 3 мај 1990 година. Билјарски во бугарската јавност е познат со својата антимакедонска реторика. 

Во својата колумна објавена во 2013 година напиша дека: „пропагандната наукообразна скопска машина годишно создава огромна литература со книги за да докаже преку лага, која стана официјална доктрина на ’Околувардарската република‘, дека Македонија и нејзиното население немаат ништо општо со Бугарија и со бугарските корени. Ова прашање лесно може да се реши, но тоа може да се случи само ако еден ден на власт дојдат ’чесни и објективни политичари и државници‘. Но, поминаа две децении откако Македонија стана независна и тоа сѐ уште не се случи. Но ако се случи, тие чесни и објективни политичари и државници треба веднаш да наредат овие лажни книги да бидат исфрлени од библиотеките и книжарниците и да бидат ’запалени‘ на плоштадот на Скопје. На таа клада треба да бидат запалени и ’сите учебници со кои се трујат умовите на нашите млади сонародници од таа страна на Рила и Пирин.“

Споменатата комисија утврди дека Цочо Билјарски бил соработник на Државната безбедност во својство на агент со псевдоним Стојан.

Светлозар Елдаров е специјалист за бугарската црковна историја и македонското ослободително движење од почетокот на ХХ век. Тој е професор и доктор на науки.
Елдаров во октомври 2019 година изјави дека појавата на таканаречената македонска нација е поврзана со формирањето на Комунистичката интернационала во 1919 година. Македонската нација, македонскиот јазик, македонската држава се создадени во српски манастир на 2 август 1944 година. Според него историјата на македонизмот е дете на комунистичката интернационала.

Комисијата утврди дека Елдаров во 1987 година бил регрутиран како агент на Државната безбедност.

Красимир Каракачанов е бугарски политичар и претседател на ВМРО-БНД. Во 1990 година дипломира при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “ на катедрата за историја. Во 2014 година ја одбрани докторската дисертација на темата „Надворешна политика на ВМРО (1893 – 1918)“. Каракачанов е познат со своите контроверзни и провокативни изјави. Останува запаметен со изјавата дека Северна Македонија е географска ознака, што вклучува и сегашна територија од Република Бугарија.

Спомената комисија утврди дека Каракачанов бил агент на Шестата управа за државна безбедност. 

Сите досија за соработка со бугарската тајна служба се објавени на следниов линк Комисија за за откривање на документите