Фото: Игор Бансколиев

По 30 години експериментирање со разни изборни модели, од мнозинскиот, преку мешаниот до пропорционалниот со шест изборни единици, сега е време да се проба со модел што од една страна ќе ја смали моќта на лидерите на партиите, а од друга ќе обезбеди поквалитетни кадри во претставничките органи на власта. За почеток би било добро на следните локални избори во октомври, со промена на Законот за локални избори, да се оди со отворени листи за советници во општините и во Град Скопје. Тоа е модел што овозможува секој избирач да има два гласа. Да гласа за советничка листа на некоја од партиите, но на неа да гласа и за тоа кој кандидат од понудените најмногу го сака за свој советник. Тоа ќе ја смали улога на редоследот на листите и ќе им овозможи на добрите кандидати од дното на листата да избијат на прво место и да станат советници

Интервју со Ѓорѓи Спасов за неговата најнова книга „Раѓањето на мултипартизмот“, но и за актуелни прашања што секојдневно нѐ окупираат

Неодамна излезе од печат најновата книга на Ѓорѓи Спасов, насловена „Раѓањето на мултипартизмот“ – страници од македонската политичка историја, во која студиозно е обработено едно важно поглавје од поновата историја на државата. Изминативе денови на страниците на „Нова Македонија“ беа презентирани дел од најинтересните прашања што ги одгатнува оваа книга, а нејзиното промовирање беше и повод за разговор со овој познат македонски политичар, дипломат и универзитетски професор.

Што беше поводот за оваа книга?
– Во 1993 година под менторство на проф. Славко Милосавлевски го одбранив докторатот на темата „Фактори на обликување и природа на партискиот систем во Македонија“. Уште тогаш сметав дека мултипартизмот во една земја и слободните избори, без промена на политичката култура и јакнење на средната класа, можат да бидат само маска зад која опстојуваат уште понедемократски системи од еднопартискиот. И се виде дека во изминатите 30 години тоа ни се случуваше. Идејата за книгата беше да се види колкава вина за тоа имаат политичките партии и нивните лидери во изминатите 30 години, и да се отвори дебата околу тоа дали со демократизација на партиите и со промени на изборниот модел има можност да спречиме „зад маската на демократијата и патриотизмот“ да се одржуваат авторитарни тенденции и модели на владеење.

И, според вас, можно ли е тоа?
– Секако дека е можно. Партиите се динамичниот елемент во структурата на политичкиот систем. Тие ги иницираат и внесуваат промените. И оттука е многу важно какви партии имате, какви лидери и дали имате изборен систем за регрутирање на најспособните и најчесните.

Имаме ли ние класична „левица“ и „десница“ во нашиот партиски систем во смисла на бранители на трудот и бранители на капиталот?
– Таквата поделба меѓу партиите кај нас, независно од нивното самоименување и сместување во идеолошкиот спектар, е недоволно употреблива за да ја дефинира нивната конкретна политика и практика. Јас во една пригода реков дека, за жал, кај нас „често левицата не знае што прави десницата“. А тоа е еден израз што кај нас се употребува за „клептократија“ и систем во кој граѓаните сметаат дека се широко распространети корупцијата и злоупотребата на власта. Секако дека СДСМ се обидува јавно да ги брани ставовите и вредностите на европската социјалдемократија, а ВМРО-ДПМНЕ да застанува во одбрана на некои поконзервативни вредности, како што се абортусот, односот кон мигрантите, ЛГБТ-заедницата, улогата на црквата во политиката и слично. Но во услови на непостојна, односно малобројна средна класа и бројно осиромашено население, сите партии им се обраќаат на сите слоеви и многу малку може да се види разлика во нивната економска политика или во програмите за социјална заштита и правда. Статистиката покажува дека со секоја влада досега кај нас, разликата меѓу најсиромашните и најбогатите само се зголемува, а не се смалува, и тоа е сериозен проблем. Но постои разлика во способноста за модернизација на општеството. СДСМ во последните години со ставањето кандидати од етничката заедница на Албанците на своите листи и со други политики направи мал исчекор кон зголемување на внатрешната кохезија на општеството и кон интегрирањето на Македонија во меѓународната заедница. А ВМРО-ДПМНЕ ги задржа своите традиционални политики во различни области и ја одржува можноста за обнова на внатрешните поделби и изолација на земјата. Секако има и мали партии од кои една се вика Левица, ама таа функционира според принципот „дај трепкач лево и вози десно“. Оттука имињата на партиите не треба да збунуваат. Тие се декларација во смисла „чии се или каде одат“, а за нивната вистинска идеолошка ориентираност треба да се суди според политиките што ги спроведуваат. Многу почесто слушаме дека за себе не говорат дали се левица или десница туку дали се прозападни или антизападни. Затоа лидерот на партијата Демократска акција во Полска, Збигњев Бујак, на пример, идеолошката позиција на својата партија ја означи како „западно од центарот“.

Зошто нема соработка меѓу партиите кај нас и меѓусебно почитување?
– Тоа е најголемиот проблем во Македонија. И во еден извештај на Меѓународната кризна група беше констатирано дека: „Во Македонија постојат две големи партии што во однос на програмски прокламираните цели многу не се разликуваат, но меѓу себе се мразат и перманентно го одржуваат непријателството на едната кон другата, обвинувајќи се за национално предавство, корупција, за политичка дискриминација и за укинување на условите за постоење на легална и силна опозиција додека се на власт“. Кај нас не се изгради политичка култура на другите политички партии да се гледа како на еднакви и почитувани конкуренти за власта, туку се одржа матрицата дека се тие непријатели на кои не треба да им се дозволи да дојдат до власт и ако е можно да се уништат. Затоа и се случуваше сите конфликти меѓу големите партии да се решаваат само со меѓународно посредништво, што говори за незрелоста на партиите и на лидерите. Клучната причина за овој голем ривалитет и непријателство меѓу партиите, според мене, не се само наследените идеолошки обрасци на партиите, сиромаштијата на населението, патријархалната политичка култура, културата на подаништво од една страна, а на нетолеранција и бескомпромисност од друга, туку пред сѐ преголемата власт што партиите ја имаат по освојувањето на власта. Сѐ уште од блискоста со партијата на власт зависат вработувањето, напредувањето во службата, тендерите, бизнисот и речиси сѐ во животот. Тој модел на партиска држава доведува до опстојување на политичката дискриминација, која раѓа омраза кон власта и желба за одмазда. Сето тоа ќе исчезне кога ќе се создадат услови за вработување без партиска книшка, за напредување без членство во партија, за бизнис без блискост до партиите на власт и за нормален живот без голем интерес за политиката и политичарите. И убеден сум дека тоа полека ќе се случува. Проблем беше што долго време и на ЕУ ѝ беше важно во земјите од овој регион да има стабилност ако треба и без демократија за да не се испотепаме меѓу себе, па тоа им оставаше комоција на авторитарните лидери.

Што значи во овој контекст понудата на Заев за заедничка влада?
– Не знам точно. Мене ми личи на еден вид јавна понуда за соработка во деблокирање на работата на Собранието, за справување со пандемијата и со притисокот од Бугарија, но не и на сериозен предлог за формирање влада на широка коалиција. Таква влада не се формира со јавен предлог, туку со многу темелни подготовки, преговори, усогласување и постигнување компромис. Тој модел на политичко однесување треба да го научиме. Тој е бавен и тежок, но дава резултати затоа што нему му претходи зголемување на довербата. Обединувањето е секогаш добро ако се знае на која платформа и за каква цел се обединувате и кој од што се откажал во тоа обединување. Нашите политичари треба да научат дека нивниот успех и карактер ќе се мерат според способноста и видот на компромисите што можат да ги направат со оние што ги сметаат за свои конкуренти, а со кои сепак имаат некоја заедничка цел. Целта на такви краткотрајни влади секако не е да се укине политичката конкурентност во земјата, туку во вонредни услови со заеднички сили да се преброди некој тежок период за земјата. Многупати јавно сум повторувал дека за мали земји како Македонија е важно внатрешната политика да се води со методите на надворешната. Со многу трпение, дипломатски такт и со подготвеност за компромис за да се остварат големи заеднички цели.

Колку е важна внатрепартиската демократија за промена на состојбите во земјата?
– Многу е важна. Наспроти тоа што сите партии кај нас во името на партиите го имаат зборот „демократска“, тие реално во целиот овој период останаа „султан-партии“. Во секоја од нив, со статутите им е загарантирана огромна моќ на лидерите на партијата, независно од тоа како се избираат, и многу често од нив или од нивната милост зависи дали некој ќе се најде на листата за градоначалник, советник, пратеник, министер или ќе добие некоја друга важна јавна функција. Секако дека лидерите водат сметка за тоа дали нивните кандидати ќе имаат поддршка кај гласачите, и за задоволување на најблиските соработници од партијата, од организацијата на жените и на младите, и дека одлуките се донесуваат на ниво на органите, но реално последниот збор го имаат тие и преку органите само се спроведува нивната волја. Затоа и се случува при промена на лидерите, партиите да минуваат низ тежок процес на консолидација, па заедно со смената на лидерот да заминуваат во немилост и неговите најблиски соработници, пратеници и градоначалници.

Може ли на тој план нешто да промени промената на изборниот модел?
– Јас мислам дека може. По 30 години експериментирање со разни изборни модели, од мнозинскиот, преку мешаниот до пропорционалниот со шест изборни единици, сега е време да се проба со модел што од една страна ќе ја смали моќта на лидерите на партиите, а од друга, ќе обезбеди поквалитетни кадри во претставничките органи на власта. За почеток би било добро на следните локални избори во октомври, со промена на Законот за локални избори, да се оди со отворени листи за советници во општините и во Град Скопје. Тоа е модел што овозможува секој избирач да има два гласа. Да гласа за советничка листа на некоја од партиите, но на неа да гласа и за тоа кој кандидат од понудените најмногу го сака за свој советник. Тоа ќе ја смали улога на редоследот на листите и ќе им овозможи на добри кандидати од дното на листата да избијат на прво место и да станат советници. Истовремено ќе ги натера сите кандидати на листата, од првиот до последниот, да водат кампања да се гласа за листата на која се наоѓаат и за нив лично на таа листа, бидејќи никому нема да му биде загарантирано местото со тоа што е носител на листата или втор на неа.

Така ќе се добијат поквалитетни кадри и кадри што не се избор само на лидерот, туку пред сѐ на реалната поддршка на гласачите. Ако на следните парламентарни избори Македонија биде една изборна единица со изборен праг од најмалку три отсто, па дури и без изборен праг, нема значајно да се промени односот на силите во Собранието. Но ако истовремено се гласа на отворени листи и за пратеници во Собранието, во него ќе влезат без сомневање кандидатите со најголема поддршка од граѓаните, а не оние што биле во најголема милост кај лидерот и раководството на партијата. Во таков случај не само секоја партија туку и секој кандидат од кое било место на листата ќе води кампања за свој избор во Собранието. Но услов за да се случи ова, е лидерите и големите партии да се откажат од привилегираноста што им ја гарантираа досегашните изборни модели. А видовме дека тие добро се согласуваат и договараат кога е во прашање буџетското финансирање на партиите.