На 12 ноември 1902 година, Другарството испраќа меморандум до руската влада, во кој првпат сеопфатно го елаборира македонското прашање. Во меморандумот, Другарството повикува на отфрлање на сите странски и антимакедонски пропаганди, издигнување на македонскиот народен јазик на степен на литературен, обновување на Охридската архиепископија, признавање на Македонците како словенска народност и стекнување статус на полна автономија на Македонија во рамките на Отоманската Империја. Меморандумот на Другарството е всушност идеолошката платформа врз која се темели книгата на К.П. Мисирков „За Македонцките работи“
Сто и осумнаесет години од меморандумот на Крсте Петков Мисирков до руската влада
Македонското прашање и денес, во 21 век, сѐ уште е предмет на жестоки политички дискусии, а правото на самоопределување на македонскиот народ и неговата самобитност се неретко оспорувани. Загатнато со дејноста на просветителите во средината на 19 век а потоа преку дејноста на преродбениците, македонското прашање добива форма на национално движење, чиишто заложби се насочени кон признавање на посебноста на македонскиот народ и неговото право слободно да го дефинира својот политички статус.
Еден од најзначајните ликови во историјата на македонското национално движење и можеби најзаслужен за македонското национално осознавање е Крсте П. Мисирков, истакнат славист, историчар, етнограф, публицист, редактор на повеќе научни списанија, еден од основачите и претседател на Тајниот македонско-одрински кружок и еден од основачите на Македонското научно литературно другарство.
Мисирков е првиот потписник на молбата за признавање на Другарството од страна на Словенското благотворно друштво во Санкт Петербург и добивање еднаков статус како што веќе имале чешкото, бугарското и српското студентско друштво во руската престолнина. На 12 ноември 1902 година, Другарството испраќа меморандум до руската влада, во кој првпат сеопфатно го елаборира македонското прашање. Во меморандумот Другарството повикува на отфрлање на сите странски и антимакедонски пропаганди, издигнување на македонскиот народен јазик на степен на литературен, обновување на Охридската архиепископија, признавање на Македонците како словенска народност и стекнување статус на полна автономија на Македонија во рамките на Отоманската Империја.
Меморандумот на Другарството е всушност идеолошката платформа врз која се темели книгата на К.П. Мисирков „За Македонцките работи“. Четири од петте поглавја објавени во книгата се реферати што Мисирков ги читал на состаноците на Другарството во Русија. Оттука, може да се каже дека книгата, иако отпечатена во Софија во 1903 година, всушност била создадена во Русија, како дел од научните и политичките активности на Мисирков во рамките на дејноста на Другарството.
Како извонредно значаен историски факт фигурира податокот дека во книгата „За Македонцките работи“ е објавена првата студија на современ македонски литературен јазик и фонетски правопис. Во книгата Мисирков ја потенцира важноста од постоењето на интелектуалните и културните елити во процесот на изградбата на националниот идентитет и нивниот ангажман при создавањето дела во сите сфери на културата.
Сепак, како исклучително значаен тој го издвојува јазикот преку кој народот може себеси да се разграничи и да си доживее како посебен ентитет. Мисирков прецизно ги согледува улогата на јазикот и неговата функција не само како средство за комуникација туку и како инструмент преку кој се усвојуваат и пренесуваат колективната меморија и културната традиција на народот.
За него јазикот на еден народ е неговото духовно богатство и наследство. Да го зачува некој својот народен јазик, ќе напише Мисирков, и да го брани како светиња, значи да се остане верен на духот на своите прадедовци и да се уважи сѐ што тие имаат направено за своето потомство. Свесен дека во јазикот се содржани целокупното постоење и колективната меморија на народот, Мисирков ќе потенцира дека не случајно покорителите, како што тој ги нарекува, инсистираат покорените да се откажат од својот јазик, затоа што да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже и од својот народен дух. Да се откаже од својот народен дух, пак, значи да се откаже од својата народност и припадност или, со еден збор, да се откаже од самиот себе.
На развојот на јазикот Мисирков гледа како на динамичен процес на постепено менување и усогласување во една временска и историска рамка. Како што човекот се менува во времето и пространството, исто така се менува и неговиот јазик, истакнува Мисирков.
Промената на јазикот низ времето ја сочинува историјата на јазикот на народот, а промената во географскиот простор ги сочинува неговите дијалекти, поддијалекти, наречја, говори и подговори. Секој народен јазик има своја историја и свои современи дијалектни варијации, така што истите тие може да се употребат како основа на литературниот јазик, вели Мисирков.
Согледувајќи совршено прецизно дека културите, пред сѐ оние стандардизирани системи на комуникација засновани врз писменост и образование, претставуваат природна ризница и извор на политичката легитимност, Мисирков ќе се залага за создавање македонски литературен јазик.
Тоа наедно би значело и признавање на посебноста, како што тој ја нарекува македонската словенска народност, а истовремено и нејзино политичко етаблирање.
Речиси 90 години пред објавувањето на книгата „Нациите и национализмот“, во која Ерик Хобсбаум во не толку далечната 1990 година истакнува дека нациите настануваат како резултат на новите политички и општествени околности. Мисирков веќе има напишано дека формирањето на народноста е политичко-механички процес и дека постојат сите нужни услови за одделување на Македонија од самостојна етнографска единица.
На своите современици и противници што тврдат дека никогаш порано не постоела македонска словенска народност тој ќе им порача: „Шчо немало понапрет, можит да се сторит подоцкан. Стига да се имаат различни историцки прилики со свои одделни барања.“
Мисирков се повикува на теоријата на Ватрослав Јагиќ, според која јужнословенските јазици претставуваат вериги од наречја и според која сѐ до формирањето на бугарската, српската, хрватската и словенечката држава нивните жители се нарекувале со едно име – Словени.
Според тоа, ако формирањето на Јужните Словени во посебни народности е механичко-политички процес, Мисирков прашува: „Зошто тој процес не би бил овозможен за формирање една посебна македонска народност. Тоа може да се забележи на тие шчо вељат дека никога немало македонска народност. Немало, ама ја имат сега и ќе бидит за однапрет.“
Мисирков има историско познавање, но и теориска визија за начинот на создавањето на нациите. Тој им укажува на своите современици дека нациите не се дадени еднаш засекогаш и дека истите тие настануваат како резултат на динамични, политички и историски процеси.
За Мисирков, Македонија отсекогаш претставувала и ќе преставува посебна етнографска единица. Но, како што вели, сега ни останува да видиме може ли да преставува и посебна политичка единица.
Одговорот на ова прашање тој упатува да се бара во разгледувањето на народноста на Македонците и нивната посебност, вклучувајќи ја и посебноста на културата.
Во Македонската академија на науките и уметностите, на 28 октомври годинава, се одржа свечениот собир „Димитрија Чуповски (1878 – 1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград (1902 – 1917)“, по повод 120 години од почнувањето на активностите за формирање на Македонското научно-литературно друштво во Санкт Петербург, 80-годишнината од смртта на Чуповски и 30-годишнината од пренесувањето на неговите мошти од Санкт Петербург во Скопје.
На свечениот собир свои излагања имаа: Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Катица Ќулавкова, секретарка на Одделението за лингвистика и литературна наука, проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, проф. д-р Ганка Цветанова и проф. д-р Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ. Го пренесуваме излагањето на д-р Ганка Цветанова.
Македонскиот народ не е српски, бугарски ниту пак грчки
Во списанието „Македонски глас“, под псевдонимот Пелски, Мисирков ќе истакне: „Време е да разбере целиот свет дека во Македонија живее Македонски народ а не српски, бугарски ниту пак грчки. Дека тој народ си има своја историја, свои национални достоинства, свои крупни заслуги во културната историја на словенството.“
Тргнувајќи од сознанието дека токму културата преставува извор на политичката легитимност, Мисирков во 1924 година во статијата „Македонска култура“, објавена во списанието „Мир“, пишува: „Велам за среќа има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човекови права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.“
Оттука Мисирков ќе порача дека самостојното политичко развивање на Македонија е неопходност.
Укажувајќи постојано на важноста на ангажманите на интелектуалните и културните елити во процесот на создавањето на националниот идентитет, Мисирков ќе истакне дека ни треба интелигенција морално и умствено совршена за да изврши просветување на својот народ, бидејќи според степенот на развојот на науката и литературата на еден народ се мери неговата култура.
Во статијата „Македонски национализам“, исто така објавена во списанието „Мир“, во Софија во 1925 година, Мисирков ќе ѝ се обрати на македонската интелигенција со зборовите: „Ние, македонската интелигенција без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина.
Меѓутоа има околности што ја намалуваат нашата вина, нѐ оправдуваат пред нашите несреќни сонародници, особено пред оние што прокудени од своите родни огништа се принудени денеска немили и недраги да скитаат низ разните краишта во Бугарија.“
Така и ние, денешната македонска интелигенција, особено академската заедница, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денес се наоѓа нашата татковина.
Меѓутоа, за разлика од нашите предци, кои, како што вели Мисирков, прокудени од родните огништа скитаа низ разни краишта, ние денес живееме во сопствена држава, национално сме осознаени и јасно дефинирани, свесни за посебноста на македонската култура и припадноста кон македонскиот народ.
Говориме стандардизиран литературен и меѓународно признаен македонски јазик. Но, и покрај тоа, се соочуваме со историски неправди. Македонската интелигенција денес има уште поголема одговорност, па и должност.
Да ги продолжи заложбите на К.П. Мисирков и на Македонското научно литературно другарство за целосна и бескомпромисна одбрана на македонскиот јазик, култура, историја, народ и држава.