Инспирирани од најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се отворат клуб и културен центар на Македонците во Благоевград, веднаш започнавме со подготовки за реализација на оваа извонредна намера, соопштуваат од организацијата на Македонците од Бугарија, ОМО „Илинден“ – Пирин.
– Пред неколку недели му пишавме писмо на премиерот и се надеваме дека тој и Владата целосно ќе ја поддржат нашата иницијатива за што поскоро отворање на Центарот. Веќе најдовме соодветни простории во центарот на Благоевград и со скромните средства со кои располагаме и благодарејќи на донаторите од Канада, започнуваме со негово опремување. Клубот ќе носи името на големиот македонски поет од Пиринска Македонија Никола Вапцаров. Се надеваме да добиеме и помош од македонската Влада за опремувањето и отворањето на клубот. Доколку сите подготовки се одвиваат според планот, Центарот ќе може да се отвори и по повод празникот Илинден или за 12 септември – се вели во соопштението од ОМО „Илинден“ – Пирин.
Премиерот Димитар Ковачевски во април најави дека во Благоевград ќе биде отворен културен центар, за чие име, како што рече ќе се консултира со Институтот за историја, а за ова, во следниот период ќе разговара и со бугарскиот премиер Кирил Петков.
Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на прес-конференција информираа дека премиерот има намера во текот на годинава да отвори нов културен центар во Благоевград, по консултациите со Петков и Институтот за историја.