КОГА ЌЕ СЕ НАПУШТИ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО, СЕКОЈА ИДЕЈА ЗА ГОЛЕМИ ДРЖАВИ СТАНУВА ОСТВАРЛИВА
Ако веќе на големо се заговара промена на Уставот, тоа треба да се направи по таков терк што е веќе „и де јуре и де факто функционален“, образец востановен во меѓународното право, системски проверен во практика, таков што прави јасна и педантна дистинкција за носителот на државноста и за неговата политичкоправна идентификација, есенцијално потребна и за да биде препознаена и за внатрешното и за меѓународното право! За Уставот е потребен образец што ќе гарантира мир, безбедност и стабилност, како и дека секој поединец или малцинство (ќе) ги ужива сите права во согласност со конвенциите за малцински права. Тезите дека терминот „малцинство“ е навреда за некого едноставно не држат вода, бидејќи токму овој термин е легитимиран со меѓународноправните норми и со Повелбата на ОН. Со други зборови, единствено терминот „малцинство“ или „малцинска заедница“ е во нормален меѓународен правен промет како гаранција за внатрешна стабилност на државите, нешто на што најмногу инсистираа сите земји основачи на ОН по завршувањето на Втората светска војна
Идеите за формирање големи држави на Балканот постојано ќе бидат присутни, сè додека конечно не се регулираат работите во согласност со меѓународноправната практика, поточно кога секоја земја ќе се врати на почитување на она што значи јасни принципи и постулати во меѓународното право и обврските што произлегуваат од него.
Ако деновиве поранешни функционери од соседна Албанија излегуваат со ставови во кои отворено кажуваат дека процесот на создавање „голема Албанија“ преку формирање трета албанска држава во Македонија влегува во финална фаза, тоа само говори дека кога станува збор за големоалбанските интереси во Македонија не се почитува меѓународното право, а уште помалку територијалниот интегритет на земјата, туку нејзини територии и понатаму се набљудуваат како откинат дел од албанската голема држава и на нив со години постои етничка институционална логистика преку која полесно ќе се реализира вековниот сон за сеалбанско обединување на Балканот.
Ваквите анахрони идеи опстојуваат и натаму само затоа што и во Македонија се скршна од основните принципи на меѓународното право, кои подразбираат дефиниција на држава со еден конститутивен народ и малцински заедници што ќе ги уживаат сите права во согласност со малцинските конвенции.
Ако веќе на големо се заговара промена на Уставот, тоа треба да се направи по таков терк што е веќе „и де јуре и де факто функционален“, образец востановен во меѓународното право, системски проверен во практика, таков што прави јасна и педантна дистинкција за носителот на државноста и за неговата политичкоправна идентификација, есенцијално потребна и за да биде препознаена и за внатрешното и за меѓународното право! За Уставот е потребен образец што ќе гарантира мир, безбедност и стабилност, како и дека секој поединец или малцинство (ќе) ги ужива сите права во согласност со конвенциите за малцински права. Тезите дека терминот „малцинство“ е навреда за некого едноставно не држат вода, бидејќи токму овој термин е легитимиран со меѓународноправните норми и со Повелбата на ОН.
Со други зборови, единствено терминот „малцинство“ или „малцинска заедница“ е во нормален меѓународен правен промет како гаранција за внатрешна стабилност на државите, нешто на што најмногу инсистираа сите земји основачи на ОН по завршувањето на Втората светска војна. Од друга страна, актуелниот термин „делови од народи“ присутен во македонскиот устав не кореспондира со ниту една меѓународна релација, туку претставува инсталирана форма за контрола со предизвикување постојана нестабилност и будење на големодржавните апетити.
– Цел нормален свет, цела меѓународна заедница, цело меѓународно јавно право го користи терминот „малцинства“, само ние не го користиме, бидејќи под диктат во 2001 година нè тераа да прифатиме нешто што не постои, како терминот „делови од народи“. И сега, наместо да размислуваме поинаку, да се вратиме во меѓународните текови, значи да го употребиме вистинскиот термин „малцинства“, ние не го правиме тоа. Ова е еуфемизам во нашиот Устав – констатира политичкиот аналитичар Сотир Костов.
Повеќе од очигледно е дека ако сега не се исправат работите и не се постават на меѓународноправниот колосек, тие повторно ќе отидат во несакана насока и ќе бидат извор на конфликти и нестабилност.
Многу посуштинско прашање е зошто некому би му пречел терминот „малцинство“ или „малцинска заедница“ ако овие формулации ги користат сите држави во светот и кои се гарант за правата што треба да ги има секоја немнозинска заедница. Впрочем, Македонија излезе широко надвор од рамката на малцинските права предвидени со меѓународните конвенции и буквално мнозинскиот народ го изедначи со сите преостанати по сите основи, па дури се доведе во ситуација малцинска заедница да ужива многу поголеми права од македонскиот народ, кој сега во сопствената држава се најде во подредена улога.
Некои од соговорниците сметаат дека инсистирањето на неменување на терминот „делови од народи“ кореспондира со аспирациите за создавање големи држави, кои одново се актуализираат.
– Ова што го говори поранешниот албански министер за правда за создавање трета албанска држава во Македонија веќе е реализирано. Затоа тие имаат проблем со терминот „малцинство“, оти тоа би значело крај на големодржавните аспирации. Се споменува и Чемерија, чии делови се во Грција, но грчката држава во својот устав нема малцинства, а уште помалку измислица од типот „делови од народи“. Дали некој ѝ приговара нешто на Грција и дали таму некој ќе создава албанска држава? Се разбира дека не – посочуваат соговорниците.
Тие инсистираат Македонија, ако дојде до отворање на Уставот, промените да ги направи во согласност со меѓународните норми и да се држи исклучиво до моделите што ги практикуваат повеќето европски држави, што подразбира македонскиот народ како носител на државноста и сите други како малцински заедници со највисоки права.
– Кога работите ќе се постават како што е меѓународна практика, еднаш засекогаш ќе се расчисти со ваквите големодржавни идеи и сите ќе може да се посветиме на многу посуштински работи, на пример како да излеземе од сиромаштијата што нè засега сите – заклучуваат соговорниците.