ПРАЗНИК ПОСВЕТЕН НА ДЕНОТ НА ПОМЕНОТ (УПОКОЈУВАЊЕТО) НА СВЕТА ПРЕПОДОБНА ПЕТКА – ПАРАСКЕВА ТРНОВСКА

  • Оваа света личност, според многумина, е веројатно најпочитуваната светителка кај православните христијани, вклучително и кај македонскиот народ. Неофицијално, во Македонија има повеќе од 160 храма што го носат нејзиното име. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. И во Македонија, овој ден е особено значаен, многумина го одбележуваат и како куќна (семејна) слава, а во нашите храмови се одржува и Божествена литургија, во која верниот народ се причестува со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Христа, за Кого оваа света жена живееше сиот свој живот

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) и нејзините верници, како и други православни христијански верници, на 27 октомври по новиот календар, го слават празникот посветен на денот на поменот (упокојувањето) на Света Преподобна Петка – Параскева Трновска. Таа била една од божјите избрани жени што го посветила својот живот за да им помогне на луѓето да се најдат под покровителство на верата и мајка на Православната црква.
Оваа света личност, според многумина, е веројатно најпочитуваната светителка кај православните христијани, вклучително и кај македонскиот народ. Неофицијално, во Македонија има повеќе од 160 храма што го носат нејзиното име. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се верува дека оваа светителка штити од разни несреќи, но и од многу болести, чува од суша, поплави, неплодност, громови…, а, пред сѐ, ги штити жените. Кај народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се: Свети Лука, Митровден, Свети Аранѓел Михаил, Свети Ѓорѓи (посен), Свети Никола и многу други.
Инаку, светата Православна црква празнува три личности со исто име Петка (на македонски јазик), односно Параскева (на грчки), поради што во народот се случува и да се мешаат овие личности или, пак, се мисли дека се работи за иста личност. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот (пред доаѓањето на Исус Христос) како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празничниот саботен ден. Оттука, Параскева значи подготовка.

Две светици со исто име Петка – Параскева се маченички. Првата Св. Петка – Параскева се нарекува Св. Петка Римјанка, а нејзиниот спомен се празнува на 8 август по нов стил. Таа загинала со маченичка смрт, за време на царот Антонин Пиј, па затоа правилно се нарекува Света маченица Петка – Параскева Римјанка. Втората Св. Петка – Параскева се нарекува Св. Петка од Иконија, во Мала Азија. Таа е, исто како и првата, маченичка, а загинала за време на царот Диоклецијан. Нејзиниот спомен се празнува на 10 ноември по нов стил, а целосното име ѝ е Света маченица Петка – Параскева Икониска. Третата, Света Преподобна Петка – Параскева Трновска, е наречена преподобна затоа што била монахиња.
Од нејзиното житие знаеме дека е родена некаде кон крајот на 10 век, во благочестиво семејство од селото Епиват, на брегот на Мраморно Море, недалеку од Цариград. Воспитана во христијанска побожност, уште од детството, нејзината желба била да живее според Господовите заповеди, знаејќи дека единствениот начин човек да живее со Бога е преку совршено исполнување на Неговиот закон. Затоа таа милосрдието го положила како темел на својот духовен живот и од најрана возраст се водела според Господовата заповед: „Возљуби го ближниот свој како себеси“.
Така живеела праведната девица сè додека не дошло времето да се посвети целосно, според својата единствена желба, на Господа. Тоа се случило веднаш по смртта на нејзините родители. Заедно со брат ѝ Евтимиј, кој и самиот Му се посветил на Бога во епископска служба, го разделиле своето богатство на сиромасите, по што секој тргнал по тесниот и тежок пат кон Господа. Младата Параскева се подвизувала најнапред во својот роден град, потоа во Цариград, а подоцна и во Јорданската Пустина, како што се вели во нејзиното житие, „натрупувајќи подвиг врз подвиг“. Нејзината единствена цел била да живее благочестив, ангелоподобен живот и да се удостои со гледање на лицето Господово.

Така Бог се прославил преку светата девица, но не заборавил и неа да ја прослави меѓу нејзиниот народ. На крајот од нејзините земни денови, Господ ја вратил во нејзиниот роден Епиват. Починала непозната на никого и била погребана надвор од градските ѕидини. По некое време, на нејзиниот гроб фрлиле тело на удавен морнар. Епиватчаните не се двоумеле да го сторат тоа, иако го виделе нетленото тело на преподобната; од незнаење, пак, повторно го закопале. Но истата ноќ се случило чудо: преподобната, облечена во царска облека и опкружена со свети ангели, им се јавила во сон на неколку побожни луѓе, открила која е и им заповедала да ги извадат нејзините мошти.
Така и направиле – со литиска поворка и голема чест ги пренеле нејзините мошти во храмот. Веднаш потекле чуда на исцеленија, кои не престануваат ни до денес. Византиската црква, во чии граници тогаш се наоѓал Епиват, се погрижила за прославувањето на оваа чудесна Божја девица, која заблескала во преподобнички подвизи.
Два века по нејзиното упокојување, кога со Цариград владееле крстоносците, поточно во 1238 година, бугарскиот цар Јован Асен од нив ги презел нејзините свети мошти и ги пренел во својата престолнина Трново. Подоцна, нераспаднатите свети мошти на Света Петка биле пренесени во Романија (Влашка), Србија (Белград), повторно биле вратени во Цариград, по што биле пренесени во Молдавија (во престолнината Јаш). Во 1884 година моштите биле пренесени и изложени во Соборната црква на градот Јаши, Романија, каде што се наоѓаат и денес.


Света Петка се почитува во сиот православен свет

Култот кон Света Петка е исклучително развиен и во, и околу, православниот свет кај балканските земји, па можеби оттаму се и многуте различни епитети што стојат крај нејзиното име. Така, на пример, неодамна, на 14 октомври, на денот на одбележувањето на нејзиното упокојување, во Соборната црква во градот Јаши, Романија, кое е едно од најголемите православни светилишта на Балканот и во светот, според организаторите, повеќе од 170.000 поклоници од многу православни земји, дојдоа да се поклонат на моштите на Света Петка и да учествуваат во богослужењето. Светата литургија ја служеа повеќе архијереи, а проповедаа митрополитот солунски Филотеј и домаќинот, митрополитот Теофан. Многу верници и од Македонија одат на поклонение на нејзините свети мошти во Јаши. Особено значајно е што на поклонение во Јаши доаѓаат и припадници на други религии, кои веруваат во нејзината исцелителска моќ.
Во соседна Србија, пак, најпосетена е црквата (капелата) Света Петка, која се наоѓа на тврдината Калемегдан во Белград, која го носи нејзиното име и во која на денот на празникот секоја година доаѓаат и по неколку десетици илјади верници. Таа капела на Света Петка првобитно е изградена во 15 век, врз извор на вода за кој се верува дека ги исцелува очните болести и во неа, како голема светиња, се чува мал прст од оваа светителка. Се верува дека нејзините мошти во средниот век, повеќе од 100 години почивале во карпа покрај оваа капела на Калемегдан и покрај изворот на Света Петка, при што на поклонение во тоа време доаѓале и католици и муслимани. Се верува дека водата од оваа белградска чешма ги лекува оние што ја пијат со вера во Бога и љубов кон оваа православна светителка.
И во Македонија, овој ден е особено значаен, многумина го одбележуваат и како куќна (семејна) слава, а во нашите храмови се одржува и божествена литургија, во која верниот народ се причестува со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Христа, за Кого оваа света жена живееше сиот свој живот. Ж.З.


Тропар и кондак на преподобна мајка Параскева – Света Петка

Тропар, глас 4.

Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост, молитви и капки од солзи, си го угасила огинот на страстите, многуславна Параскево. И сега, во небесните дворови, стоејќи пред Христа со мудрите девојки, моли за нас, кои го почитуваме твојот свет спомен.

Кондак, глас 6.

Сите набожно да ја воспееме сечесна Параскева, светата застапница на оние што се во неволи, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса.

Живко Здравкоски