Илустрација/Фото: Архива

Министерството за правда ќе предложи во иднина издржувањето на затворската казна на осудените лица да се врзе со нивното место на живеење во последните две години, вели министерот за правда Никола Тупанчески во врска со постапките на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, кои ги променија адресите на живеење во Охрид и со тоа создадоа правна основа за отслужување на затворските казни во затворот во Струга.

– Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за затвор од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава – изјави Тупанчески во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој посочува дека со сегашното законско решение постои правна можност за вакви постапки, па затоа се размислува со измени на Законот за извршување на санкции да се предложи „извршувањето на казната да се врзе со последните две години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело“.

– На таков начин ние би ја избегнале оваа апсурдна ситуација или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка – смета Тупанчески.

Во врска со институтот „спогодба на вина“, преку кој и на Камчев и на Мијалков им беше намалена затворската казна, Тупанчески вели дека овој механизам е во согласност со нашиот правен систем, но дека треба да се внимава на евентуалната злоупотреба на оваа мерка.

– Во принцип јас конкретни пресуди не коментирам, меѓутоа можам да зборувам за состојбите. Спогодувањето на вина претставува елемент или сегмент од прецедентното право којшто е пресликан во нашиот правен систем, посебно во Законот за кривична постапка. Идејата беше добра, во насока на тоа дека под одредени услови, коишто се строго определени, заради економичност на постапката, да се примени тој институт – додава Тупанчески.

Според него, прашање за кое можеби треба да се дискутира е дали има злоупотреба на тој механизам за спогодување на вина.

– Секогаш потенцирам дека казната мора да биде индивидуализирана и да биде во пропорција со неправото кое претходно било извршено, со квалитетот на неправо и она што се нарекува инкриминација. Без таква пропорција, ние не сме ја постигнале целта – вели Тупанчески во интервјуто за Радио Слободна Европа.