Управа за јавни приходи официјално го презеде едногодишното претседателство со Интер-европска организација на даночни администрации (IOTA) на свечена церемонија одржана во рамките на 30-тото Годишно собрание на организацијата во Будимпешта, пренесе МИА.
Претседателството беше симболично предадено преку церемонија на примопредавање на знамето на IOTA, при што вршителката на должност директор на Националната даночна и царинска администрација на Унгарија, Чила Тамаш Цзинеге, го предаде знамето на директорката на УЈП, Елена Петрова.
Во своето обраќање, Петрова истакна дека даночните администрации денес се соочуваат со значајни предизвици поврзани со технолошките промени, новите економски модели и зголемените очекувања на граѓаните и деловната заедница.
„IOTA не треба да биде само место каде даночните администрации разговараат за промените, туку место каде заедно ги претвораат предизвиците во конкретни решенија“, нагласи Петрова, посочувајќи ја важноста на соработката, размената на искуства и заедничкото градење институционални капацитети.
По церемонијата, директорката на УЈП го предводеше конститутивниот состанок на новиот состав на Извршниот совет на IOTA, во кој членуваат претставници од Азербејџан, Белгија, Ерменија, Естонија, Романија, Финска, Хрватска и Швајцарија.
Во рамки на Генералното собрание, Петрова учествуваше и на панел-дискусија со раководители на даночни администрации од повеќе европски земји, каде што во фокусот беа дигиталната трансформација, модернизацијата на даночните системи и зачувувањето на довербата на јавноста во услови на брзи технолошки и економски промени.
IOTA обединува 43 европски земји членки и две придружни членки, а тесно соработува со бројни меѓународни организации што се занимаваат со даночни политики и администрација.
Од УЈП оценуваат дека преземањето на претседателството претставува значајно меѓународно признание за институцијата и потврда за нејзината активна улога и кредибилитет во европската даночна заедница.
































