Фото: Принтскрин

Македонското друштво „Илинден”-Тирана во реакција, како што наведува, остро ја осудува бугарската пропаганда меѓу Македонците во селата на областа Гора во Албанија и во Косово.

Исто така, изразува и жалење затоа што „официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда” меѓу Македонците во областа, обидувајќи се да ги претстави како „Бугари“.

– Македонско друштво „Илинден”-Тирана, секогаш се залага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ. Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и измами за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци – стои во соопштението.

Се додава дека цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари.

Според друштвото, бидејќи „сето ова го работи една земја членка на Европската Унија пред очите на сите европски држави”, Македонците бараат помош од владите на Албанија и Косово.

– Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту своеволно би биле „Бугари“! Македонско друштво „Илинден”-Тирана апелира владата на Република Косово да преземе сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство. Го потсетуваме бугарското раководство дека македонската нација е историски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме – Македонци – се посочува во соопштението на друштвото „Илинден”, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.

Во областа Гора во Косово има 18 села, додека во Албанија 10 села сите населени со Македонци, наречени Горанци.