Ивица Боцевски
Што ни порача академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, со својот историски говор од минатата седмица? Во петокот морав набрзина да прекинам некои свои истражувања затоа што потсетникот на телефонот ме извести дека за десетина минути, точно напладне, започнува обраќањето на академик Љупчо Коцарев по повод Денот на МАНУ. Не сум љубител на пригодни обраќања каде што помпезно се преџвакуваат и се рециклираат секогаш истите фрази, со малку историски аналогии, зачинети со малку цитати и со завршеток што е постојано некаков самозадоволен заклучок. Внатре, пак, во полупразната сала не беа ни академиците во полн состав, но во првиот ред седеа архиепископот Стефан и ректорот Никола Јанкуловски, кои заедно со академик Коцарев го составија Македонскиот манифест пред нецели две години, со што го започнаа востанието на македонската интелигенција против културниот геноцид врз македонскиот народ и обидите за бришење на македонската државност.
Но ништо не навестуваше дека сите ние присутни во салата ќе бидеме сведоци на историски говор. Академик Коцарев не остави ни најмалку простор за алтернативни толкувања на неговиот настап и уште на самиот почеток го фати ѕверот за рогови, па јасно го исцрта виновникот за актуелните македонски состојби – „грст недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, што погрешно себеси се нарекуваат политичари, а кои не сфаќаат што значи, всушност, умешност да се води политика, и на нивните апологети“.
Академик Коцарев јасно посочи дека е изгубен македонскиот суверенитет, како резултат на „неуставните, нелегалните, бесмислените и понижувачките договори со Грција и со Бугарија“, а потоа укажа во бесмисленоста да се бара помирување, без претходно покајание за злоделата, односно „пред воопшто да се пристапи кон пишување, па потоа и потпишување на какви било договори, Македонија мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорни страни, кои многу години, па и децении, вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик“.
Конечно, личност со највисок интелектуален авторитет јасно и гласно кажа „J’Accuse…!“ за необјаснива забрана за употреба на терминот Македонија, донесена од тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ. Само Абдулхамид Втори, последниот отомански султан, и Бојан Маричиќ го забраниле името Македонија!? „Каков апсурд, бесмислица и нелогичност“ ќе рече Коцарев за зловесно да заклучи дека „за навек останува дека највисоката правна институција во независна Македонија издала документ со кој се забранува користењето на зборот Македонија“. Забраната од Адбулхамид Втори беше залудна затоа што само неколку месеци подоцна Македонците го кренаа Илинденското востание, па целиот свет осозна за праведната борба на македонските револуционери, а еднакво залудна ќе биде и забраната од Бојан Маричиќ.
Академик Коцарев потоа се задржа на меѓуетничките односи, на економските предизвици и на државното устројство. Најави и изработка на Национална стратегија за развој на Македонија во наредните дваесет години и повика на централизација на развојните стратегии под капата на МАНУ, универзитетите, стопанските комори и другите општествени чинители, како и конечно расчистување за партизацијата и повторно воведување на меритократијата и професионализација на јавните институции. Можеби најемотивен дел од неговото излагање беше моментот кога се задржа на внатрешните состојби во МАНУ, маргинализацијата на храмот на македонската наука и уметност што и покрај државната негрижа сè уште предничи во научните дострели пред сите други научни институти во државата. Тој беше бурно поздравен и со овации од сите присутни вработени во МАНУ, кои конечно видоа вистински домаќин на чело на храмот на македонската наука.
Говорот на академик Коцарев е нов меѓник за македонското интелектуално и културно востание што тој го започна со архиепископот Стефан и со ректорот Никола Јанкуловски на 3 декември 2020 година. За македонската јавност, МАНУ не е само покривна македонска научна и културна институција, туку своевиден „совет на мудреците“ што бдее над македонската државност и над македонската самобитност.
Свесен за тежината на историското бреме што го носи на плеќите, како наследник на катедрата на Блаже Конески и на Михаило Апостолски, академик Коцарев понуди скица за сеопфатна интелектуална, општествена, културна, економска и политичка обнова на Македонија. Наедно, тој направи и јасен рез со сите сеништа на минатото што се надвиснуваа над сите балкански академии, вклучувајќи го и МАНУ, кога тие беа предвесници и корифеи на балканското мракобесие од 1990-тите, кога интелектуалниот говор на омраза се претвори во крвави војни и колежи. Академик Коцарев ја внесе МАНУ во ерата на демократизацијата и на глобализацијата, посочи дека академијата ќе си ја врати улогата на конзервативен чувар на македонскиот идентитет и култура, но и дека храмот на македонската наука и уметност ќе ги брани човековите права и слободи на сите граѓани на Македонија.
„Жива е Македонија!“ беше мојот прв коментар по говорот на академик Коцарев, тивко, но жизнерадосно споделен со малата група соборци во ова време – невреме кога зацаруваа безумието, надменоста и арамилакот, кога пред нашите очи гледаме како македонската власт е најжесток спроведувач на злокобните политики на ништење на македонскиот идентитет и бришење на македонската државност.
Во Македонија одамна се намножија разно–разни „претседатели“ што не вредат ни колку фотелјата во која што седат. Има Македонија „претседатели“ на државата, на Владата, на Собранието, на синдикатите, на коморите, на институтите, на невладините, на корпорациите, на Уставниот суд, на Судскиот совет и други разно–разни „избрани“, „именувани“, „назначени“, самонаречени и самопрогласени „претседатели“. Но од петокот Македонија има само еден Претседател, со голема буква, и со личен, морален и интелектуален интегритет за да биде ословен како претседател – академик Љупчо Коцарев.