Преговарачката рамка е усвоена од сите 27 земји членки на ЕУ, не постои никаква пречка за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на поглавјата по завршување на скрининг фазата, но поради неодговорно, неодлучно и нестратешко однесување на опозициските партии во државата првпат може да се случи самите себе да се блокираме, порача премиерот Димитар Ковачевски, повикувајќи ја опозицијата да размислува стратешки и она што декларативно го кажува да го спроведе и во пракса и да се вклучи во носењето на важните одлуки.
Ковачевски, на заедничката прес конференција со високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени, кои се услов за продолжување на преговорите, посочи дека и двајцата високи претставници на Унијата биле многу јасни дека Македонија има усвоена преговарачка рамка со ЕУ и минатиот јули ги отпочна преговорите, преку првата фаза скрининг.
– Една од одлуките што ние треба да ја донесеме до финално зачленување во ЕУ е усвојување на уставни амандмани со двотретинско мнозинство. Ќе повторам, иако сум кажал повеќе пати. Ова не е процес на еден човек, една политичка партија или една влада, ова е процес за целата држава. Обврска е на сите политички партии и пратеници во Собранието е да се носат одлуки со кои се обезбедува стратешки цели на државата, а тоа е членство во ЕУ – изјави Ковачевски.
Длабоко сум уверен, посочи Ковачевски, дека во Собранието постои капацитет и визија да се донесат потребните одлуки со кои што државата ќе го продолжи и успешно ќе го заврши зачленувањето во ЕУ.
Во однос на уставните измени, Ковачевски, посочи дека веќе е во формирање работна група за уставни измени во Министерството за правда, во која ќе бидат вклучени експерти по уставно право и експерти предложени од политичките партии, вклучително и од опозицијата.
– Од страна на Владата сите предуслови за вклучување на опозицијата во сите процеси за интеграција во ЕУ, вклучително и носењето на амандманите во уставните измени се направени. На опозицијата е да размислува стратешки и она што декларативно го кажува да го спроведе и во пракса – изјави Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, одговарајќи на новинарско прашање дали во комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ ја поттикнува да даде поддршка за внесување на Бугарите во Уставот, рече дека „не сум само оптимист, туку и активист“.
– Мислам дека мора да работиме за нештата да се случат. Северна Македонија се обврза дека ќе го смени својот Устав, во него да ги вклучува граѓаните кои живеат границите на државата и кои што се дел од други националности, како што се Бугарите – изјави Борел.
Според Борел, ништо од тоа не е чудно, посочувајќи дека и најмладата земја членка на ЕУ – Хрватска во својот Устав има најмалку 22 различни заедници.
– Мислам дека вашата држава веќе дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа промената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет, а истовремено и ќе се напредне процесот на пристапување – рече Борел.
Борел, уште еднаш нагласи, дека нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ.
– Вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван, бидејќи луѓето имаат и неколку идентитети. Нема да бидете помалку од тоа што сте, само бидејќи ќе станете земја членка на ЕУ. Мислам дека е многу важно тоа да се нагласи. Досега сте работеле на напредување на процесот на пристапување и натамошен напредок е неопходно да се исполнат обврските кои што ги презема Северна Македонија. Мислам дека јасно е – порача Борел.