Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска едногласно ја усвои одлуката за коефициентите според кои ќе се пресметуваат платите на претседателот на државата, пратениците и функционерите што ги избира и именува Собранието, пренесе МИА.
Според одлуката:
- Претседателот на Републиката, претседателот на Собранието и претседателот на Владата ќе имаат коефициент 3,17.
- Потпретседателот на Собранието, претседателот на Уставниот суд, главниот државен ревизор и директорот на Оперативно-техничката агенција – 2,81.
- Претседателите на собраниски комисии, координаторите на пратенички групи и други тела – 2,60.
- Пратениците – 2,45.
- Членовите на Владата и министрите – 2,60.
Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајковски потсети дека Собранието на 25 февруари 2026 година донело пакет закони за измена на платите на пратениците, судиите, јавните обвинители и членовите на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
– Комисијата треба да донесе одлука за определување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот на Република Македонија, на пратениците во Собранието на Република Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Македонија – рече Сајковски во образложението.
Тој додаде дека новите коефициенти, утврдени со измените на законите, ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2026 година.
Членовите на Комисијата без расправа едногласно ја донесоа одлуката.

































