Фото: Нова Македонија / Илустрација

Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија оваа година одбележуваат 82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи.
На 11 март 1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа
депортирани во центарот за убивање Треблинка, окупирана Полска, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија.

Годинава, овој ден се одбележува со комеморативна програма која започнува на 9 март (недела) во Битола. Програмата ќе започне со посета на Еврејските гробишта, по што ќе следува комеморација во Советот на Општина Битола со обраќање на градоначалникот Тони Коњановски, а потоа ќе се оддаде почит пред Споменикот на жртвите на холокаустот „Камена менора“ и Споменикот на Естреја Овадија – Мара, завршувајќи со „Поворка на живите“ од Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел” до железничката станица.
На 10 март (понеделник), во Културниот центар – свечена сала на Правниот факултет ќе се одржи комеморација со обраќање на градоначалникот г-дин Иван Јорданов, по што ќе следува „Поворка на живите“ од Општината до Споменикот на депортираните Евреи од Штип пред кој ќе се оддаде почит, а ќе се посетат и Еврејските гробишта.

На 11 март (вторник), во Скопје, ќе се случи централната комеморативна активност со оддавање почит пред Споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во скопскиот Монопол, со обраќања од Претседателот на Еврејската заедница г-дин Пепо Леви, Амбасадорката на Државата Израел Н.Е. Симона Франкел и Претседателот на Владата на РС Македонија г-дин Христијан Мицкоски.
Бројни делегации, владини и државни претставници и претставници на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ќе оддадат почит на Могилата на депортираните македонски Евреи и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта „Бутел“.
На 11 март, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе се одржи и промоција на книгата „Спасувањето, прогонот и холокаустот во Царството Бугарија (1940-1944)” од Леа Коен, а промотор на книгата ќе биде проф. д-р Тодор Чепреганов. Комеморативната програма ќе заврши со комеморативна вечер и концерт на хорот „Моис Хасон“.