Фото: Горан Анастасовски

Генерално „губење” еден час на пролет е потешко за прилагодување во однос на „добивање” еден час повеќе на есен

Сабота кон недела стрелките на часовникот ќе се поместат еден час понапред, а со тоа ќе почне летното сметање на времето. Промената на времето, ќе ја почувствуваат многумина. Дали промената на времето може да има негативни здравствени ефекти зависи од индивидуалната здравствена состојба, од навиките за спиење и од животниот стил, објаснува д-р Емилија Христовска, специјалист по медицина на труд.

Еден ден за еден час

Кај поголем број на луѓе , промената на времето, дури и еден час порано будење, може да биде причина за појава на замор или мала нелагодност, но кај некои лица може да настанат посериозни последици.

-Поместувањето на времето значи и промена на нашиот 24-часовен биолошки циклус т.н циркадијален ритам, односно ќе настане пореметување на досегашниот деноноќен циклус на кој организмот е веке навикнат. Циркадијалниот ритам влијае на регулирањето на меатаболизмот на повеќе системи и органи, вклучувајки ги срцето, скелетните мускули, црниот дроб и масното ткиво. Колку добро ќе се адаптираме на промената ќе зависи од повеќе работи. Општо земено потребно е околу еден ден прилагодување за промена на времето од 1 час, но секако има значителни индивидуални варијации – вели д-р Христовска.

За некои луѓе потребен е период од околу 3 недели да се адаптираат на промената на времето.

Генерално „губење” еден час на пролет е потешко за прилагодување во однос на „добивање” еден час повеќе на есен. Да се легне порано може да предизвика потешкотии во заспивањето и нарушување на квалитетот на сонот.

-Кај лицата кои имаат потешкотии во заспивањето, будењето 1 час порано може да  доведе до намалување на концентрацијата и меморијата, појава на замор и поспаност во текот на денот – вели докторката.

Направени се повеќе научни истражувања за да се утврдат ефектите на промената на времето врз здравјето на луѓето.

-Според едно истражување направено во 2016 година, се покажало дека стапката на мозочен удар била повисока за 8 проценти во првите два дена од промената на времето, но не е научно докажано дали постои причинско-последична врска со  промената на времето. Повеќе научни студии укажуваат на поврзнаноста помеѓу промена на времето и зачестеноста на акутен инфаркт на миокардот, и тоа со  пораст на стапката помеѓу 4 и 29 проценти, особено после летното сметање на времето – објаснува д-р Христовска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Во истражување направено во Шведска стапката на срцев удар во првите 3 дена од поместувањето на часовникот била во пораст од 5% во однос на стапката во останатиот дел од годината. Според некои студии, најголема фреквенција на појава на акутен инфаркт на миокардот (АИМ) има во понеделник како ден од неделата, односно се смета дека понеделник е критичен ден за појава на АИМ и  мозочен удар. Тоа, вели нашата соговорничка, е поради низа неповолни фактори, вклучувајќи го стресот од започнување на нова работна недела и неделни активности и се должи на излачување на  повисоки нивоа на катехоламини и покачување на вредноста на крвен притисок.

-Во студија се покажало дека во деновите на прилагодување на промената на времето имало пораст на повреди на работното место што се должи на намалување на  моторните способности како резултат на нарушување на сонот. Во првиот ден после промената на времето во друго истражување е утврдено пораст на сообраќајни незгоди за 6% како резултат на замор поради нарушен сон во текот ноќта – објаснува докторката.

Како да си помогнеме?

За подобра адаптација на телото на промената на времето, експертите за спиење препорачуваат будење 15-20 минути порано од вообичаениот термин барем два до три дена пред промената.

-Да се избегнува употреба на алкохол пред спиење при промена на времето. Иако конзумирањето на алкохол го олеснува заспивањето, алкохолот води до намален квалитет на сонот. Исто така и обилни оброци пред заспивање имаат негативен ефект на квалитетот на сонот.  Промената на времето има негативни ефекти како врз физичката така и врз менталната состојба. И покрај целта за заштеда на енергија и пораст на економијата, постојат повеќе кампањи за престанок на промената на времето во светот – додава д-р Христовска.

Во Македонија останува на сила летното и зимско сметање на времето, а за тоа дали ќе го укинеме зависи од Европа. Нашата влада се води според директивите кои ќе ги донесе Европската унија. Во ЕУ постојат три временски зони, најголема е онаа што го опфаќа средноевропското време, а таа се протега од Полска до Шпанија. Доколку би се прифатило трајно летно сметање на времето, на запад и на северозапад на континентот во зима би се разденувало дури во текот на претпладнето, некаде околу десет часот. Во случај на трајно зимско сметање на времето, налето не само што би се стемнувало порано туку на истокот на континентот сонцето би изгревало исклучително рано, односно околу три часот.
Од друга страна, задржување на сезонската промена на времето им создава здравствени проблеми на луѓето, па дури и на домашните животни, а ја отежнува и меѓународната соработка.

Н.Б.З.