фото: Маја Јаневска-Илиева

На почетокот на расправата за Предлог-буџетот за 2026, се обрати и јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој пред пратениците истакна дека размислувал дали воопшто да се обрати повторно од истото место со истите барања како и минатата година.

Тој истакна дека барањата се исти како и секоја година и дека истите ги потврдила и Европската унија во последните ивештај.

– Сепак, одбрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат – истакна Коцевски.

Тој нагласи дека не станува збор за средства за покачување плати.

– Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување на плати, ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци кои законски им следуваат на вработените. Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на обвинителството – рече тој.

Коцевски нагласи дека пред сите стојат реформските зафати кои мора да се реализираат во следната година.

– Тие не предвидуваат само законски измени туку и јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат – порача Коцевски.

Тој нагласи дека кога станува збор за кадровски ресурси, состојбата е многу тешка.

– Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10% на вработени кои си заминуваат по различни основи (околу 40 вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат околу 30% и од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива – порача тој.

Јавниот обвинител нагласи дека станува невозможно да се споредиме дури и со земјите во најблиското опкружување.

– Сите обвинителства во регионот се дигитализирани, опремени и со фукционални системи за управување со предметите. Иако баравме, во предлог-буџетот за 2026 повторно не се предвидени средства за државно кофинансирање на новиот систем за управување со предметите, кој во најголем дел требаше да е покриен со средства од ИПА. За опрема за сите јавни обвинителства во земјава, државава вкупно планира помалку од 30 илјади евра. Бидејќи често се споменува дека финансиите треба да бидат поврзани со резултатите во работата, подготвен сум да зборувам и за резултати. Истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ обвинителството ја заврши за помалку од 2,5 месеци и ги обезбеди сите потребни докази. Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда – рече тој.

Коцевски истакна дека по целосно спроведени истраги, во судска постапка влегоа многу сложени предмети, како што е „Онкологија“, злоупотребите откриени во предметот „Адитив“, повеќе злосторнички групи кои се обвинети за трговија со дрога и убиства.

– Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци. Ако треба да зборуваме за учинок, на годишно ниво, минатата година обвинителствата решија околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка. Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостатокот на кадар, секој вработен во јавното обвинителство во моментов извршува работни задачи за најмалку 4 до 5 предвидени работни позиции – нагласи Коцевски.

Тој рече дека извештајот на ЕУ за обвинителството не бил изненадување.

– Сметав дека е потребно да апелирам до вас, уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа – порача тој.