Фото: Принтскрин/Фејсбук-видео

Министерот за здравство Илир Демири денеска на новинарско прашање во врска со случајот Леонид Индов изјави дека Владата и Министерството се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне, односно ќе му бидат покриени трошоците. Системско решение, како што посочи, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.

– Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања апропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба – изјави Демири пред почетокот на панел-дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје.

Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува после изборите.

– Системско решение во оваа техничка Влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство – додаде Демири.