Фото: ЕПА

Основното правило за централните банки при преземањето мерки за справување со инфлациските притисоци и одржување на ценовната стабилност е тоа што трошокот на монетарната политика влијае врз финансискиот резултат, но финансискиот резултат не смее да влијае врз спроведувањето на монетарната политика

Агресивните зголемувања на каматните стапки предизвикаа рекордна годишна загуба на Европската централна банка (ЕЦБ) за 2023 година

Европската централна банка (ЕЦБ) објави рекордна годишна загуба за 2023 година, додавајќи дека се веројатни дополнителни загуби бидејќи нејзините агресивни зголемувања на каматните стапки ја принудија да им плаќа милијарди на банките.

Бумерангот на зголемување на референтните каматни стапки

Европската централна банка, која ги зголеми стапките со невидено темпо во изминатите две години, има надуен биланс по една деценија фискални стимулации и комерцијалните банки сега добиваат големи камати од трилиони евра што ги испечати за време на анемична инфлација.
– Загубата ги одразува улогата и неопходните политички активности на Евросистемот во исполнувањето на неговиот основен мандат за одржување на стабилноста на цените и нема влијание врз неговата способност да води ефикасна монетарна политика – соопшти ЕЦБ.
Регулаторот објави дека неговата загуба пред објавувањето на резервите изнесувала 7,9 милијарди евра, по загуба од 1,6 милијарда евра во 2022 година.
Откако ќе се отстранат сите резервирања за финансиски ризици, се пријавува загуба од 1,3 милијарда евра, кои ќе се префрлат во билансот на состојба и ќе се надоместат со идните добивки.
Како што велат од ЕЦБ, банката сѐ уште е добро капитализирана и може да работи ефикасно, без оглед на какви било загуби.
– ЕЦБ најверојатно ќе претрпи загуби во следните неколку години како резултат на материјализацијата на ризикот од каматни стапки, но потоа се очекува да се врати на одржлива заработка – велат оттаму.
За разлика од комерцијалните банки, централната банка може да работи со исцрпени резерви, па дури и со негативен капитал. Сепак, овие загуби може да предизвикаат тешкотии во довербата, да ги лишат владите од приход од дивиденди и да влијаат на претстојната дебата за новата оперативна рамка.
Проблем е големото печатење пари на ЕЦБ. ЕЦБ отпечати готовина за да купи државни обврзници со надеж дека изобилството и евтиниот кредит ќе го оживеат економскиот раст и ќе ја вратат инфлацијата на 2 отсто. Кога каматните стапки беа негативни, тоа ја чинеше ЕЦБ малку, но сега таа треба да плати 4 отсто камата на средствата што им ги дава на кредиторите.
Комерцијалните банки сѐ уште имаат вишок ликвидност во вредност од 3,5 трилиони евра во еврозоната и може да биде потребна дури една деценија за да се извадат тие пари од финансискиот систем без да се предизвика нестабилност.
Во меѓувреме, ЕЦБ скромно заработува од каматите на обврзниците што ги купи за време на стимулативната шема.

Централните банки на Германија, Холандија, САД… со загуби

И централните банки на Германија и на Холандија објавија дека 2023 година ја завршиле со загуби поради зголемените каматни стапки, кои оставија белег и на резултатите на Европската централна банка и на американската Банка на федерални резерви (Фед).
Германската централна банка има загуба од речиси 21,6 милијарда евра во 2023 година, што целосно ги исцрпи нејзините резерви од нешто повеќе од 19 милијарди евра. За покривање на преостанатиот износ од загубата посегнаа во резервите, кои, исто така се речиси исцрпени.
Минатата година приходите од камати изнесувале 55,05 милијарди евра, а расходите од камати 68,9 милијарди евра, што значи дека германската централна банка првпат откако е основана забележала нето-загуба од 13,9 милијарди евра во оваа ставка, како што изјави член на извршниот одбор.
А пак холандската централна банка минатата година ја завршила со загуба од речиси 3,5 милијарди евра.
– Нашиот негативен резултат во 2023 година беше предизвикан од зголемувањето на каматните стапки на ЕЦБ за да ја спречи инфлацијата – објаснија тие.
Оттаму наведуваат дека повеќе од 2,3 милијарди евра од загубата ќе бидат покриени со резервации, а преостанатите 1,1 милијарда со капитал и резерви.
Од холандскиот финансиски регулатор потенцираат дека резервите треба да бидат доволни за покривање на идните загуби и додаваат дека не ја разгледуваат можноста за докапитализација од државниот буџет.
– Кога доволно ќе ги обновиме резервите со задржување на добивката, ќе продолжиме со распределба на дивиденди на холандската држава – велат од централната банка на Холандија.
И централната банка на САД забележа оперативна загуба, од рекордни 114 милијарди долари, се наведува во соопштението на Фед. Додека, пак, во 2022 година работела со нето-вишок од 58,8 милијарди долари.

Нашата Народна банка во 2023 година оствари позитивен финансиски резултат

Од нашата Народна банка велат дека затегнувањето на монетарните политики на централните банки со зголемување на каматните стапки во одговор на растот на инфлацијата влијаеше на зголемување на монетарните расходи кај централните банки и кај некои од нив се одрази со негативен финансиски резултат.
– Во овој контекст, важно е да се знае дека основното правило за централните банки при преземањето мерки за справување со инфлациските притисоци и одржување на ценовната стабилност е тоа што трошокот на монетарната политика влијае врз финансискиот резултат, но финансискиот резултат не смее да влијае врз спроведувањето на монетарната политика – посочуваат надлежните од НБРСМ.
Оттаму објаснуваат дека зголемувањето на каматните стапки на монетарните инструменти, за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа во нашата земја, влијаеше врз остварување повисоки монетарни расходи и кај Народната банка.
– Сепак, преку соодветно управување на билансот, особено на девизните резерви, во услови на позитивни каматни стапки и приноси на меѓународните финансиски пазари, Народната банка во 2023 година оствари позитивен финансиски резултат – додаваат од Народната банка.