Судскиот совет со писмено соопштение до јавноста
Писменото соопштение лиферувано до јавноста од страна на Судскиот совет содржи три блока, како три посебни целини со три пораки. Во првиот блок, Судскиот совет изразува свој став за идејата на евроамбасадорот Гир за испраќање оценска мисија на ЕУ за Судскиот совет. Вториот блок од соопштението се однесува за жестоката критика над Судскиот совет во јавноста, а третиот дел дека Судскиот совет одбива да прифати дека работи нелегитимно и дека носи незаконски и неаргументирани одлуки.
1. Судскиот совет ја поздравува и прифаќа идејата за оценска мисија од ЕУ за работата на ова тело, при што изразува подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти.
„Судскиот совет високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот за наоѓање конкретни решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија, која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.
Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет.“
2. Во соопштението, Судскиот совет истакнува дека е изложен на жестока и медиумска и политичка кампања, како и на притисок од невладиниот сектор.
Од Судскиот совет изразуваат голема загриженост од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина. Потсетуваме дека Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на Република Македонија во евроинтегративните процеси.
3. Во соопштението на Судскиот совет на крајот се подвлекува дека тие одбиваат да прифатат дека истиот тој работи нелегитимно и дека се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои се штитат нечии лични или партиски интереси.
„Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбиваат да прифатат дека работат нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси. И покрај тоа што сите седници на Судскиот совет се јавни, остануваме разочарани што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува во моментов Советот, а кои опфаќаат интензивна работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување одговорност на судии“. Р.Н.М.