Во јапонскиот град Осака, денеска на ЕКСПО 2025, со звуците на „Тешкото“, боите на македонското знаме и автентични елементи од традицијата и културата, бил одбележан Националниот ден на Македонија.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) соопшти дека Македонија била претставена со павилјон што го симболизира нејзиното богатство – земја со длабока историја, култура и исклучително археолошко наследство, сместена во срцето на Балканот.
На настанот се обратил министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на шеф на владината делегација, во чиј состав се и министрите за култура и за европски прашања, Зоран Љутков и Орхан Муртезани, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев и шефот на Канцеларијата на претседателот на Владата, Владимир Нелоски.
Министерот Муцунски изразил и се заблагодарил на Владата на Јапонија, градот Осака, граѓаните на Јапонија и организаторите на ЕКСПО „за исклучителното гостопримство и за создавањето на оваа платформа за заедничко осмислување на иднината, под мотото: ’Креирање општеството на иднината за нашите животи’“.
– Муцунски истакна дека македонскиот павилјон го симболизира богатството на нашата земја – држава со длабока историја и култура, соисклучително археолошко и културно наследство, сместена во срцето на Балканот. Држава која е препознаена како „бисер на Балканот“, благодарение на својата природна убавина, традиција и богатата културна ризница. Вредности кои ја прават државата привлечна туристичка дестинација и вистински бисер на Балканот. Тој се осврна и на можностите за инвестирање, развојот на билатералните односи со Јапонија, континуираната поддршка што нашата земја ја добива од јапонските партнери, како и на потенцијалот за натамошно зајакнување на политичката и економската соработка меѓу двете земји – соопшти МНРНТ.