Опасна „никотинска играчка“ се шири меѓу младата популација

Снус-дрогата станува сѐ поатрактивна за младите од балканските земји. Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и Македонија, спаѓаат во земји каде што оваа навидум не толку опасна дрога како другите се шири кај младите консументи. Што е тоа снус, како изгледа, каков вид дрога е и колку му штети на здравјето се само мал дел од прашањата што секојдневно си ги поставуваат загрижените родители на тинејџери, кои се свесни дека нивните деца се лесна цел на патот на продажбата на овој никотински производ.

Може да се купи и онлајн

Мали и тркалезни шарени пакувања со примеси на пријатни ароми и без предупредување за здравствени последици. Токму вака изгледа снус, никотински ќесички што содржат влажен и мелен тутун што се сместува меѓу усните и непцата каде што плунката ја раствора содржината на пакувањето.
Според експертите, станува збор за опасна „играчка“ што се шири кај младата популација, најчесто претставена како нешто што е безопасно, што не предизвикува зависност, како нешто што е интересно и модерно. Но таа во голема мера го зема својот данок.
Овој производ, според експертите, е произведен од страна на тутунската индустрија, како производ за откажување од пушење.
– Но за младите, снус е вовед во пушењето – сметаат експертите, особено затоа што може да се купи онлајн, а бидејќи продажбата не е законски регулирана, го прави овој производ уште подостапен.

Полесно создава зависност

Оние што се никотински зависници, а кои сакале да се откажат од овој порок, се обиделе цигарите да ги заменат со снус. Меѓутоа, при првото пробување тоа им предизвикало чувство на гадење и трпнење на непцата, нешто слично како примање анестезија на стоматолог.
Снус обезбедува чувство на релаксација и задоволство, го подобрува расположението – сè што никотинските производи им прават на луѓето и предизвикуваат зависност.
Овој никотински производ содржи висок процент на никотин, многу поголем од цигарите, па затоа полесно создава зависност.
Снус не се консумира со пушење, па не влијае директно на белите дробови. Се става меѓу усната и непцата. Но плунката ја раствора содржината на пакувањето, која на тој начин влегува во крвотокот преку мукозната мембрана и може да предизвика оштетување на други органи.
– Прво страдаат усната шуплина, непцата, забите и забната глеѓ, а се развива и пародонтална болест. Долготрајната употреба може да доведе до рак на јазикот, крајниците, грлото, фаринксот, желудникот, панкреасот и ректумот – објаснуваат упатените.
Со самото тоа што влегува во крвотокот, остава последици за централниот нервен систем.
– Бидејќи има висока концентрација на никотин, тој е опасен и за кардиоваскуларниот систем, може да доведе до забрзан пулс, метаболички нарушувања, дијабетес и дебелина.

Сериозни последици за младите

Според сите истражувања направени досега за никотинот и никотинските производи, но и за снусот и за електронските цигари, се доаѓа до сознанија дека тие силно влијаат на мозочните функции на младите, кои во тој период се во интензивен развој.
Некои од последиците се: намалена концентрација, намалена моќ на перцепција, неконтролирани импулси, намалена способност за учење и паметење, ризик од ментална болест, брза зависност, промени во расположението и раздразливост.
Доколку, пак, кај корисникот на оваа дрога се случи да ја проголта ќесичката, може да дојде до повраќање со крв. Исто така, оваа дрога популарно се користи со мешање со алкохол. Двете во комбинација во неразвиениот млад организам создаваат одредени хемиски реакции што можат да бидат кобни.