Судот донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за “Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.
Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата.
Трошоците за водењето на кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот на државата.
Судијата Илија Трпков, на денешното рочиште за случајот со нелегалното прислушување од јуни 2017 година, во Основниот кривичен суд Скопје, рече дека кривичниот совет го имал во предвид предлогот на јавниот обвинител изнесен пред почетокот на денешната главна расправа за предметот.
Јавната обвинителка Ленче Ристовска, на почетокот на денешното рочиште предложи Судот да ги примени измените на Кривичниот законик врз точките еден и два од обвинението за случајот “Таргет-Тврдина” кои се поблаг закон за обвинетите и да го примени соодветно материјалниот закон за застареност на кривичното гонење за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност, додека главната расправа да продолжи за точка три од обвинението, за што ќе се произнесе во завршен збор.
Јавната обвинителка Ленче Ристовска, на почетокот на денешното рочиште рече дека по однос на точка 1 и 2 од обвинението има основ за примена на поблаг закон, а тоа се измените на КЗ, од 7 септември 2023 година.
– Со точка 1 од обвинението на обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков и Надица Николиќ им се става на товар кривично дело злосторничко здружување, додека за Владимир Варелов, Васил Исаковски и Маријан Шумуликоски од став 2. Согласно измените намалени се казните на кривичното дело злосторничко здружување, па така предвидени се казни до 3 и 2 години.
Со став 2 од обвинението на обвинетите им се става на товар дека со злоупотреба на службена положба и овластување потешко ги повредиле уставно загарантираните права, па преку злоупотреба на системите за комуникација без судска наредба овозможиле следење. Со измените највисоката запретена казна за ова дело е до 3 години. Сметам дека има основ за примена на поблаг закон, а тоа се измените на КЗ и предлагам судот да донесе соодветна одлука, со која ќе ги земе во предвид и соодветно да го примени материјалниот закон за застареност на кривичното гонење за делата. По однос на точка 3 од обвинението предлагам судскиот процес да продолжи – изјави обвинителката Ристовска.
Судечкиот совет, се повлече за одлучување и се произнесе по пауза од половина час.
По одлуката на Апелациониот суд за поништување на првостепената пресуда за случајот, тој на почетокот на годинава беше вратен на повторно судење и беше распределен кај судијата Илија Трпков.
Во овој предмет со обвинението опфатени се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.