Умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет со 2,2 отсто. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2022 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 проценти
ШТО ОТКРИВААТ СТАТИСТИЧКИТЕ ПОКАЗАТЕЛИ ВО ВРСКА СО ФЕНОМЕНОТ „НАСИЛНА СМРТ“
За статистиката, насилната смрт не значи дека станува збор само за жртви на убиства. Имено, во оваа категоризација, покрај бројките на убиствата и самоубиствата, спаѓаат „сите прекини на животите на граѓаните што се случиле на насилен начин, со повреди, сообраќајки и други видови несреќи, пад од голема височина, труење со штетни хемикалии, задушување…“ Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, споредбено со 2021 година, лани бројката на починати во насилна смрт била помала, но сепак поразувачки е податокот што го покажува анализата. Сепак бројките на самоубиства и на починати во несреќи, иако се помали од 2021 година, ги има во доста голем број.
ШТО ПОКАЖУВААТ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПОДАТОЦИ
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија бројот на умрени лица во 2022 година од насилна смрт е намален за 28,2 проценти во однос на претходната година и изнесува 486 умрени лица.
Умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет со 2,2 отсто. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2022 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 проценти.
Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 78,6 отсто, самоубиствата со 20,2 проценти и убиствата со 1,2 отсто.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда, со учество од 55,1 проценти во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Кај категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 12,3 отсто во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин учествуваат со 0,8 проценти во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
РОДОВИ КОМПАРАЦИИ: МАЖИТЕ ПОВЕЌЕ ГО ГУБАТ ЖИВОТОТ СО НАСИЛНА СМРТ
Според податоците и од минатите години, забележливо е дека мажите се тие кај кои се случува насилна смрт, а според експертите тоа е очекувано и до некаде нормално.
– Мажите се тие што реализираат физички работи на градилишта, мажите се тие што се склони кон брзо возење, кои работат со хемикалии, па сосема е и нормално структурата на починатите од насилна смрт да изгледа така како што изгледа. Нема тука никаква општествена заднина, како на пример кај убиства и слично, едноставно мажите се тие што се повеќе на терен, мажите учествуваат во сообраќајот многу повеќе, па бројките се сосема нормални. Во однос на тоа што бројката се намалила, тоа е позитивен знак, меѓутоа не можат да се наведат конкретни причини зошто е тоа така. Сите би сакале и оваа бројка да се намали, меѓутоа тука нема конкретни причини или влијанија. Секој може да почине во сообраќајка, да падне на работно место, секому може да му се случи несреќа – велат социолозите во направените истражувања направени токму на оваа тема.
КОВИД-19 ГО НАМАЛИ БРОЈОТ
Ако се погледне добро низ годините, може да се заклучи дека 2020 година, кога ковид-кризата беше во својот врв, бројката е доста ниска во споредба со другите години, иако е и очекувано бројот да биде помал.
Со оглед на годините, во 1994 година, вкупниот број на починати од насилна смрт изнесува 632, од нив во несреќи починале 471, самоубиени биле дури 128, а убиени 33. Во 2000 година, вкупниот број изнесува 720. Во несреќи починале 512, самоубиени биле 148, а убиени 60.
во 2010 година, вкупниот број на починати од насилна смрт изнесува 588, од кои 422 починале во несреќи. Бројот на самоубиства изнесува 122, а на убиства 44.
Пред три години состојбата изгледа вака: вкупниот број на починати во насилна смрт изнесува 438, во несреќи починале 309, во самоубиства 105, а бројот на убиени изнесува 24. Минатата година вкупниот број на починати во насилна смрт изнесува 486, во несреќи починале 382, самоубиени биле 98, а убиени шест лица.