Завршена е обдукцијата и на втората жена за која минатата недела обвинителството нареди ексхумација и судско-медицинска анализа во рамки на истрагата за убиството во Старо Нагоричане. Директорот на Институтот за судска медицина, проф. д-р Александар Станков, за МИА изјави дека и кај помладата жена е утврдена насилна смрт, додека писмениот извештај е во подготовка и се очекува најдоцна до понеделник да биде доставен до Обвинителството.
-Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација – изјави Станков. Тој повтори дека примероци за ДНК анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек. Кај двете жени станува збор за насилна смрт.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираат дека истрагата против осомничениот од општина Старо Нагоричане е во тек, при што вештиот наод од обдукцијата сè уште не е доставен. Минатата недела, на 20 февруари, обвинителството соопшти дека е наредена ексхумација и обдукција на починатата жена, бидејќи, како што тогаш беше наведено, „заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“.
Завршена е обдукцијата, се подготвува писмениот извештај и извештајот од ДНК анализите, така што очекувам во најбрз можен рок, најдоцна до понеделник, Обвинителството да го има наодот од обдукцијата и од ДНК анализите. Она што единствено можам да кажам, бидејќи се работи за истрага е дека се работи за насилна смрт и кај втората помлада жена – изјави Станков.
Тој повторно нагласи дека ДНК примероци се земени и од повозрасната жртва од село Челопек, како и од осомничениот, при што анализите се во тек.
Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека надлежните институции преземаат обемни активности со цел обезбедување докази и целосно расчистување на случаите. Осомничениот е обезбеден, а во наредниот период ќе биде извршена и негова психијатриска процена од стручен тим.
-Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали – соопштија од ЈОРСМ.
Од кумановската полиција информираа дека на 12 февруари годинава осомничениот влегол во домот на 78-годишна жена во селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане, каде физички ја нападнал и ја задушил со перница. Полициските службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б. (25) од село Малотино, поради сомнение дека сторил кривично дело убиство согласно член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 12 февруари во домот на М.С. (78) од село Челопек физички ја нападнал и ја задушил со перница, по што таа починала на лице место – соопшти тогаш полицијата.
Против дваесет и петгодишниот Т.Б., како што информираат од СВР Куманово, е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил и две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот, како и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.
-Откако бил пријавен настан на 09.02.2026 година за физички напад врз Р.Т. (86) во село Челопек, Т.Б. (25) бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Поради тоа што истрагата сè уште е во тек за подетални информации ќе бидете дополнителни известени – информираат од СВР Куманово.

































