Вечна дилема кај возачите е прашањето дали горивото има рок на траење и колку долго може да стои во резервоарот. Ова прашање вообичаено најмногу ги мачи луѓето што не го користат често автомобилот. Но има и такви што поради нередовно возење, но и непознавање, можат да направат грешка при точењето гориво, па така, наместо потребното гориво, во возилото ставаат друго
Од проектот на „Нова Македонија“ за безбедност во сообраќајот на патиштата
Вечна дилема кај возачите е прашањето дали горивото има рок на траење и колку долго може да стои во резервоарот. Ова прашање вообичаено најмногу ги мачи луѓето што не го користат често автомобилот. Но има и такви што поради нередовно возење, но и непознавање, можат да направат грешка при точењето гориво, па така, наместо потребното гориво, во возилото ставаат друго. Нашата новинарска екипа се обиде да одговори и на овие прашања што најчесто ги мачат возачите.
Дали горивото има рок на траење?
Многу луѓе без проблем ќе ги оставаат своите автомобили на паркинзи и гаражи со месеци без да размислуваат за тоа, но горивото сепак има релативно краток рок на траење и треба да внимавате на тоа за да нема проблеми со автомобилот.
Како што советуваат познавачите, бензинот и дизелот не треба да бидат во резервоарот подолго од два до три месеци бидејќи по тој период ги губат својствата и со тоа се потенцијална опасност за моторот.
Во биодизелот со кој се меша дизел-горивото има бактерии што по одредено време почнуваат да создаваат наслаги од тиња, а можна е и корозија или затнување на системот за довод на гориво.
Рокот на траење во голема мера може да зависи од условите во кои се чува горивото, во кои контејнери (канистри, буриња, резервоари за автомобили…), колку цврсто се затворени овие контејнери, на која температура се чуваат…
– Ако бензинот е во наменски канистер за гориво со капа што ги спречува испарувањето и навлегувањето воздух, бензинот може да „издржи“ до шест месеци, па дури и до една година. Во голема мера зависи од температурата на која се чува – вели вработен на една позната бензинска пумпа во Скопје.
Сепак, ако горивото не се чува добро и се чува на температура од 30 степени Целзиусови, тогаш само три месеци. Доколку не се чува соодветно, тогаш тоа може да му направи сериозни штети на моторот. Од тие причини, експертите советуваат воопшто да не го стартувате возилото ако не сте го возеле повеќе од три месеци. Прво заменете го горивото, ставете ново, па стартувајте го.
Мала грешка, големи проблеми
Без оглед на многубројните мерки што ги преземаат производителите на гориво и сопствениците на пумпи, сепак може да се случи на вработениот да му кажете да ви стави погрешно гориво. Во тој случај, последиците можат да бидат катастрофални. Тука не се работи за искуство, знаење или нешто друго, туку само за моментот. Момент на невнимание, моментален поглед настрана, збунетост или едноставно незнаење. Трошоците од ваквото невнимание брзо можат да се искачат на 400, па и повеќе евра, бидејќи ја додавате услугата за влечење, испумпување гориво, цедење на резервоарот…
Што да се преземе, доколку се направи грешка?
Има многу поголеми шанси да ставите бензин во резервоарот на дизел-автомобил отколку обратно. Цевката за полнење дизел-гориво е подебела и едноставно премногу е широка за вратот за полнење бензин на бензинските пумпи од последниве години.
Според вработениот на бензинска пумпа со кој се консултиравме, денес технологијата е напредната, па во новите возила е невозможно да се згреши.
– Значи не само што цевката за полнење дизел е поголема, а на бензинците отворот е помал, па невозможно е да ставите дизел-гориво, на бензините денес има осигурувач или сензор, кој, доколку саката да ставите дизел, блокира и не го прима горивото – вели тој.
Инаку, според неговата досегашна пракса, имало случај кога возачите сами побарале погрешно гориво и тогаш самите го носат возилото со шлеп-служба на сервис, каде што го вадат горивото. Во случаи, пак, кога пумпашите ќе погрешат, тоа си го плаќаат од сопствениот џеб. Сепак, вели дека не е крај на светот и да се случи тоа. Веројатноста дека ќе го уништите моторот на возилото е минимална.
– Ако возите и моторот почне да вади чудни звуци, застанете веднаш, инаку наскоро ќе застане сам. Иако современите системи за инјектирање гориво и довод на воздух се сметаат за чувствителни делови на автомобилот, сериозното оштетување на моторот во такви случаи е ретко. Побарајте шлеп-служба и однесете го возилото на мајстор. Испирањето на системот за снабдување со гориво до цилиндрите на моторот е генерално доволно за да се отстранат проблемите предизвикани од погрешното гориво – вели тој.
Повеќето возачи не можат и не знаат како да си помогнат во вакви случаи, затоа и се препорачува повикување стручни лица, кои лесно ќе се справат со проблемот.
– Тие обично прават свои пумпни уреди (неколку кабли, стара пумпа за гориво за автомобил и црево) – потенцира тој.
Сепак, ако се случи веднаш откако почнало да тече горивото да се сетите дека грешите, нема потреба од кревање паника. Нашиот соговорник вели дека треба да продолжите со ставање од вистинското гориво и да го повторувате тоа на секои 10 поминати километри. Тоа ќе биде доволно за погрешното гориво да се раствори до тој степен за да не направи никакви посериозни последици по автомобилот.
– Можеби ќе се запали некое светло за проверка на моторот, можеби моторот ќе „кашла“ малку овде-онде, но веројатно тоа е тоа.
Мора да бидете сигурни дека сте го извадиле соодветното црево од филтерот за гориво, на овој начин пумпата нема да открие соодветен притисок на горивото, така што самата ќе ја заврши работата за пумпање за околу половина час.
Секој трет граѓанин троши повеќе од 4.000 денари на гориво
Секој трет жител на нашата држава, кој користи автомобил и беше учесник во нашата анкета, за еден месец троши од четири до 10 илјади денари на гориво. Тие што трошат околу минималниот износ се луѓе што возат по потреба, додека оние пак што сакаат повеќе да шетаат го трошат максималниот износ.
Во исто време, нешто помалку, односно 29 отсто од учесниците во анкетата на „Нова Македонија“ трошат во просек меѓу 5.000 и максимум 10.000 денари, додека речиси истиот процент на луѓе трошат повеќе од 10.000 денари.
Само 12 отсто од учесниците одговориле дека трошат помалку од 4.000 денари.
Интересни беа коментарите во врска со оваа анкета, па еден од анкетираните ни изјави дека го полни резервоарот кога зема плата и вози додека горивото му трае, а потоа користи автобус.