Фото: „Нова Македонија“

Во текстилната индустрија, оваа година се очекува пад на производството од три до пет проценти бидејќи некои од странските партнери со кои се склучуваат договори за испорака на нашите лон-производи ги дислоцираа своите производствени лон-активности во Бангладеш и Виетнам. Во моментов најголем проблем со обезбедувањето работа имаат помалите конфекции

Три во едно: Се намалува бројот на договори со нарачателите, паѓа обемот на производството, а се ситни и бројката на текстилните работници

Текстилната индустрија во Македонија бележи намалување на бројот на договорите со странските партнери, намалување на обемот на работа од договорите, како и намалување на бројот на вработени. Минатата година беше неповолна за текстилниот сектор, но и оваа година се очекува да паѓа производството. Со тоа ќе се намалува и бројот на вработени. Една од причина за намалување на склучените договори со странските партнери е економската криза во нивните земји, особено во Германија, која е еден од најголемите трговски партнери на државава.

Текстилците очекуваат повторен пад на производство годинава и го проценуваат од три до пет проценти

Нашите извори сугерираат на процес на отпуштање работници во текстилниот сектор, односно непродолжување на договорите на определено, па и трансформации на должината на работното време, а со тоа и на примањата на работниците. Бизнис-секторот во моментов очекува состојбата да се ублажи со мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена лани во ноември, но сѐ уште не е изгласана. Според работодавците, процедурата е во застој во македонското собрание. Поради тоа, тие упатуваат и апел процедурата да се откочи, а пратениците да се заложат споменатата мерка да биде што поитно донесена.
Во текстилната индустрија, оваа година се очекува пад на производство од три до пет проценти бидејќи некои од странските партнери со кои се склучуваат договори за испорака на нашите лон-производи ги дислоцираа своите производствени лон-активности во Бангладеш и Виетнам. Во моментов најголем проблем со обезбедувањето работа имаат помалите конфекции.
Според Ангел Димитров, управител на текстилната компанија „Мода“, проблемите со недостигот од работници во текстилниот сектор се присутни повеќе години, но по ковид-кризата тие се усложниле.
– Откако странските брендови сфатија дека во нашата текстилна индустрија нема млада работна сила, своите нарачки ги префрлија во Северна Африка и Далечниот Исток. Дополнителен проблем е пропаѓањето на неколку европски брендови и рецесијата во Европа. Сето ова ќе резултира со зголемување на падот на бројот на работници и остварениот извоз, кој пред кризата се движеше околу 3 отсто. Предложениот Закон за субвенционирање на порастот на платите можеше да ги охрабри работодавачите да ја зголемат платата, но, за жал, законот по првото читање, иако беше поддржан од сите пратеници, заглави во Собранието. Целта на политиката треба да биде помош за компаниите, за да се овозможи постарите работнички да ја дочекаат пензијата, бидејќи тие не се интересни за вработување во ТИРЗ и другата индустрија – објаснува Димитров.

Седумдесет отсто од нашите текстилни производи завршуваат на германскиот пазар

Како што вели Ангел Димитров, управител на текстилната компанија „Мода“, текстилниот сектор не е повеќе атрактивен за младите, иако платите во оваа индустрија се зголемени и се движат од 25.000 денари нагоре. Само на мал број работници што не можат да ја фатат нормата им се исплаќа минимална плата.
– Мислам дека околу 3.000 работници се намалени во однос на претходните години и тој тренд, за жал, продолжува поради немањето интерес кај младите да работат во овој сектор. Така што работната сила старее, за оние што заминуваат во пензија тешко да се најде замена, оние што се јавуваат во Агенцијата за вработување не прифаќаат преквалификации – укажува Димитров.
Работите во оваа индустрија се усложнуваат, особено ако се има предвид дека дури 70 отсто од нашите текстилни производи завршуваат на германскиот пазар и тие се наменети за широка популација, односно најмногу за луѓе од средната класа.
– На нивниот пазар се чувствува намалување на потрошувачката, а тоа за нас значи намалени налози и помалку работа, ситуација што веќе е актуелна. Во Германија се прави веднаш паника кога малку се менува животниот стандард, но се надеваме дека брзо ќе се навикнат на промените и ќе продолжи процесот на трошење на производите што ние ги произведуваме – вели Маријана Перковска, претседателка на текстилниот кластер.
Оттука, единствената сламка за која се држи текстилниот сектор е оптимизмот дека оваа ситуација нема долго да трае, бидејќи последиците би биле катастрофални, особено ако се има предвид дека многу компании се затворија за време на пандемијата, па во оваа индустрија неколкукратно е намален бројот на вработени.
На евентуалните последици од кризата во Германија предупредува и Димитров. Според него, стагнацијата ќе има влијание.
– Ако трае подолго, сигурно ќе има влијание затоа што клучен е оптимизмот кај купувачите во Европа. Ако кризата потрае, кај нив ќе се намали желбата за купување и тоа автоматски ја намалува побарувачката. Сето тоа кај нас ќе значи дополнително скратување на капацитетите – додава Димитров.
Тој посочува дека први што ја почувствувале намалената побарувачка во Германија биле помалите компании, кои практично се втора рака во процесот на производство, односно немаат директни контакти со одреден бренд.