Специјална екипа на МВР врши увид на лице место по убиство извршено кај поранешен Скопски саем, 2007 година / Фото: Игор Бансколиев

Секоја држава би сакала ефикасноста на полициското дејствување да е стопроцентна, односно бројките на решените убиства да се сведени на нула. Со оглед на фактот што тоа е утописка замисла и што во светот не ни постои земја во која се решени сите убиства, направивме анализа на ефикасноста на полицијата во поглед на решавањето на реализираните кривични дела „убиство“. Иако крвните деликти како кривични дела кога ќе бидат извршени исклучително силно ги потресуваат граѓаните и имаат силен негативен психолошки ефект, за волја на вистината статистичките показатели укажуваат дека трендот на извршени убиства бележи надолна линија

Колкава е успешноста на полицијата при решавањето на убиствата со непознати сторители?

Неодамнешното крваво убиство во локал на скопско кале, во кое животот го загубија две лица, не само што ги потресе граѓаните туку и отвори голем број прашања поврзани токму со криминалот во земјава воопшто. Особено силен впечаток кај јавноста предизвика брзата реакција на полицијата само неколку минути по пукањето, која ги презеде сите неопходни мерки за „затворање“ на поширокиот простор околу местото на злосторството, со цел да се обезбедат неопходните докази и сведоци што би можеле да доведат до брзо и ефикасно решавање на случајот.
Токму тој трагичен настан уште еднаш ја отвори дилемата во јавноста за ефикасноста на полицијата, особено на полето на решавање на убиствата. Како стои македонската полиција во поглед на решавање на убиствата и колкава е нивната бројка во земјава, а особено во главниот град, каде што статистички се случуваат и најголем број убиства?

ЗА ШЕСТ ГОДИНИ РЕШЕНИ НАД 80 ПРОЦЕНТИ ОД КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА „УБИСТВО“

Секоја држава би сакала ефикасноста на полициското дејствување да е стопроцентна, односно бројките на решените убиства да се сведени на нула. Со оглед на фактот што тоа е утописка замисла и што во светот не ни постои земја во која се решени сите убиства, направивме анализа на ефикасноста на полицијата во поглед на решавањето на реализираните кривични дела „убиство“.
Според податоците што ги добивме од службата за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи, во земјава и во Скопје изминатите години има намалување на бројот на извршени кривични дела „убиство“, а и тренд на намалување на бројката на нерешени убиства.
Во периодот од 2011 година до јули 2017 година, во земјава биле реализирани 152 кривични дела „убиство“, од кои 19 се со непознат сторител. Само во Секторот за внатрешни работи-Скопје биле извршени 49 убиства, од кои 12 се со непознат сторител.
Според податоците, намалување на бројот на убиства има во периодот од 2017 до јануари годинава, кога во земјава се реализирани 104 кривични дела „убиство“, од кои девет се со непознат сторител.
Во СВР-Скопје, пак, евидентирани се 41 кривично дело „убиство“, од кои осум се со непознат сторител.
– За периодот од 2011 до јуни 2017, споредено до јануари 2023, има намалување од вкупно 31,5 отсто, а во Скопје намалување за 16,3 отсто – информираа од службата за односи со јавност.
Според податоците, во периодот од 2011 до 2017 нерасчистени се 19, а во периодот од 2017 до 2023 нерасчистени се 19,9 убиства. Во Скопје, пак, за периодот 2011-2017 нерасчистени се 12, а во периодот од 2017 до 2023 година нерасчистени се осум убиства.
Тоа значи дека во периодот 2017-2023 се расчистени над 80 отсто од кривичните дела „убиство“ во Скопје, што е респектабилна бројка за секоја полиција.

КАКВИ СЕ СТАТИСТИЧКИТЕ ПОКАЗАТЕЛИ ЗА ИЗВРШЕНИТЕ ДЕЛА НА ОПШТ КРИМИНАЛИТЕТ ВО ДРЖАВАВА

Поаѓајќи од потребите на граѓаните, МВР статистички бележи раст на бројот на полициски акции во земјава, што само по себе води кон зголемување на откривачката дејност на вкупниот криминалитет.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, граѓаните треба да бидат сосема спокојни кога има активности и кога се јакне безбедноста.
– Ако погледнеме генерално, статистички, во поглед на вкупниот криминалитетот имаме намалување за 31,55 отсто во првите два месеца од 2023 година во споредба со првите два месеца од 2022 година. За кривичното дело „тешка кражба“ во овој период имаме намалување за 67,24 отсто во споредба со истиот период минатата година. За кривичното дело „разбојништво“ бележиме намалување за 70,83 отсто. Од една страна имаме намалување на криминалитетот, од друга страна имаме зголемување на откривачката функција. И во делот на трговијата со дрога, трговијата со оружје, во делот на корупцијата, во сите аспекти од полициското работење имаме намалување на тенденцијата на кривични дела и зголемување на откривачката дејност – рече Спасовски.