Фото: Маја Јаневска-Илиева

Телото на давеникот, пронајдено попладнево во близина на селото Трпејца, е на нуркачот што претходно денеска исчезна во водите на Охридското Езеро. Според очевидци, лицето било облечено во нуркачко одело и имало целосна опрема за нуркање.

Претходно, „Нова Македонија“ објави дека 52-годишен државјанин на Бугарија исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри, над селото Трпејца. Инцидентот се случил денеска околу 13:15 часот, а за негово пронаоѓање беа ангажирани тимови од Езерската полиција, Црвен крст и нуркачи од клубот „Амфора“.

Се трага по исчезнат нуркач во водите на Охридско Езеро

Причините за несреќата засега не се познати.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски попладнево го потврди инцидентот со давење на лице во водите на Охридското езеро и информираше дека се работи за педесет и двегодишен Бугарин, кој исчезнал на голема длабочина во близина на селото Трпејца.

– На 09.08.2025 годна во 13.15 часот, во СВР Охрид и езерската полиција е пријавено дека, И.Т.(52) од Република Бугарија, исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското езеро, над селото Трпејца. Се преземаат мерки за негово пронаоѓање кои ги спроведуваа тимови од Езерската полиција, Црвен крст со нуркачи од нуркачкиот клуб „Амфора“ – изјавија од СВР Охрид за „Нова Македонија“.