Фото: Маја Јаневска Илиева

Подобрена е ситуацијата во трите пожари што вчера избувнаа во Грција на три различни локации, едниот во близина Атина, што е речиси изгасен, вториот на островот Тасос, а третиот кај Дојранското Eзеро што од селото Николиќ премина на грчка територија, јави дописничката на МИА од Атина.

Кај Дојранското Eзеро на грчка страна, утрово продолжува гаснењето на пожарот, меѓутоа ситуацијата е подобрена, а интервенираат копнени и воздушни противпожарни сили на Грција.

За конкретниот пожар кај селото Николиќ во општина Дојран, како што вчера објави МИА, Грција испрати два противпожарни авиони од типот канадер CL-415 и две противпожарни возила со осум пожарникари, по билатералното барање за помош упатено од ЦУК до Единствениот координативен центар за операции и управување со кризи на Грција.

Шумскиот пожар во Главкади, во северниот дел на островот Тасос, што избувна кусо пред полноќ, се гасне со 62 пожарникари со две пешадиски тима, 20 возила, шест авиони и два хеликоптери, а утрово е значително подобрена состојбата.

Поради пожарот, дел од островот е без струја.

Во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во близина на Оропос, вчера попладне избувна голем шумски пожар во кој интервенираа над 200 пожарникари, а од рано утрово гаснењето продолжува и со воздушни средства, иако огнените јазици се веќе под контрола.