На социјалните мрежи врие од предупредувања до корисниците на пелети, бидејќи и во овој бизнис шанса за нелегална заработка видоа криминалците, кои не само што продаваат пелети со сомнителен квалитет туку и бараат авансно плаќање, а никогаш не ги доставуваат пелетите. Многумина од оштетените апелираат до граѓаните што користат печки на пелети да бидат крајно внимателни пред да се одлучат да купат пелети по поевтина цена. Дека тоа е така потврдуваат и информациите од граѓаните дадени во редакцијата, а и направените консултации со Министерството за внатрешни работи

РАСТЕ БРОЈОТ НА ИЗМАМЕНИ ГРАЃАНИ ВО ЗИМСКИОТ ПЕРИОД, ВО ОБИД ДА ГИ ДОЗАТОПЛАТ СВОИТЕ ДОМОВИ

Оваа зима како никогаш досега граѓаните се обидуваат да заштедат, па загревањето на домовите го реализираат купувајќи поевтини пелети и дрва за огрев, притоа не сфаќајќи колку, всушност, скапо ќе го платат тоа поради купувањето непроверени енергенти. Од друга страна, многумина се обидоа и да профитираат од маката на граѓаните, па со умисла за нелегална заработка влегоа во бизнисот со продажба на пелети, само за да спечалат пари, продавајќи крајно неквалитетни пелети.

ЕВТИНИ ПЕЛЕТИ СО НИЗОК КВАЛИТЕТ

Многу од граѓаните веќе престанаа да ги користат своите печки на пелети бидејќи немаат од каде да купат квалитетни пелети по пониска цена, по која се продаваа пред да започне кризата со поскапувањето на сите енергенти, вклучувајќи го и овој. Некои од нив велат дека во битката да заштедат некој денар купувале поевтини пелети, бидејќи цената на оние проверените и сигурните драстично се покачила, а сето тоа мошне скапо ги чинело. Од местата од каде што ги купувале добиле само усна гаранција дека купуваат квалитет, а кога ги користеле, сфатиле дека направиле голема грешка, бидејќи на печките им се случиле непоправливи штети. Дури кога се вратиле да ги вратат купените пелети сфатиле дека биле жртви на измами, бидејќи местото од каде што ги купиле било затворено и изгледало како таму никогаш да не се продавале пелети.
На социјалните мрежи врие од предупредувања до корисниците на пелети. Многумина од оштетените граѓани апелираат до граѓаните што користат печки на пелети да бидат крајно внимателни пред да се одлучат да купат пелети по поевтина цена.
– Внимавајте од каде купувате пелети! Гледајте да бидат со декларација и со документ и гаранција. Моето искуство нека биде ум за сите. Во оџакот буквално тече вода и ’рѓа од железото, цело ќумбе внатре ми е уништено. Котелот веќе ми е расипан, горилникот е дупнат, а спиралите ги нема. Направена ми е штета од четири илјади евра – вели граѓанин што се грее на печка на пелети, кој купил повеќе од еден тон пелети.
Тој дополнително вели дека кога сакал да ги врати купените вреќи, објектот од каде што ги зел бил затворен, а кога прашал во околината каде може да ги најде продавачите, му рекле дека повеќе не се на таа локација и дека го затвориле дуќанот.
Многумина поради најавената криза, минатата година навреме не се снабдиле со пелети, па годинава наседнале на измамите на криминалците и паднале во замката да купат евтини пелети во големи количества.
Граѓаните што многу години своите домови ги загреваат на овој начин велат дека најважен е квалитетот на пелетите и токму затоа е потребно тие да имаат декларација на која ќе се види од што се произведени.
– Има евтини пелети спакувани во вреќа без никакви податоци на нив. Дали би купиле таква храна за да им дадете на своите деца? Секако дека не! Зошто тогаш некој би се одлучил да купи пелети чиј состав не го знае и нема никаков сертификат за безбедност и квалитет? Тоа се пелети што се висококалорични, којзнае од што се направени и нормално е дека ќе предизвикаат некаква штета. Добро е што се оштетиле печките, наместо да направеле поголем проблем со предизвикување пожари – вели Горан Митревски, кој повеќе од десетина години својот дом го загрева на овој начин.
Тој вели дека не треба секогаш да се гледа на заштеда, туку да се размислува трезвено и да се носат долгорочни одлуки.
– Да, некој купил за двесте денари поевтини пелети и таа сума на еден или два тона навистина е голема заштеда. Но кога по неколкудневно користење ќе ја оштети печката за илјадници евра, каде е тука заштедата? Нема да можете да ја користите печката, веќе сте купиле неквалитетен пелет и повторно мора да наоѓате начин како да го затоплите домот. Старите убаво рекле: „Сиромавиот двапати плаќа“ – вели тој.

РАСТАТ И ИЗМАМИТЕ И БРОЈОТ НА ИЗМАМНИЦИТЕ

Граѓаните тврдат дека измамници што продаваат неквалитетни пелети има во сѐ поголем број во земјава. Но тоа не е единствената измама. Како што предупредуваат, на социјалните мрежи врие и од лажни профили што продаваат пелети, за кои продавачите бараат авансно плаќање, но кога пелетите треба да се достават, продавачите никаде ги нема.
Дека тоа е така потврдуваат и информациите од Министерството за внатрешни работи, од каде што информираат дека минатата година биле евидентирани вкупно 25 пријави поднесени од граѓани што биле измамени при купување пелети.
– Нудат пелети по многу евтини цени, од 280, 300 денари, што реално е примамлива цена. Отвораат профили на Фејсбук и оттаму продаваат. Бараат авансно плаќање, но кога треба пелетите да стигнат до купувачот, никаде ги нема. Многу мои блиски пријатели останаа и без пари и без греење. И кога се обидуваа да стапат во контакт со продавачите, нивните телефони или не постоеја или, пак, беа блокирани за да не можат да ги добијат – вели Младен Трпчевски.

[email protected]