Фото: Маја Јаневска-Илиева

Родители, роднини или блиски пријатели на кандидатите за возачка дозвола, кога веќе е завршена стручната обука од страна на автошколата, на своја рака, пред полагање на возачкиот испит, ги „доедуцираат“ кандидатите пред испит!? Квазиинструкторите им кажуваат нови правила на возачите почетници, односно свои правила, при што го игнорираат школскиот начин на обука. Тоа создава дополнителна забуна и несигурност кај возачите почетници, па чести се случаите во реална ситуација да не знаат како да реагираат…

ЗАЧЕСТЕНА ПОЈАВА НА ОБУКА НА ВОЗАЧИ ПОЧЕТНИЦИ НА ФРЕКВЕНТНИ УЛИЦИ ОД НЕЛИЦЕНЦИРАНИ ИНСТРУКТОРИ

Предизвикот да се управува моторно возило е еден од најголемите притисоци со кои се соочуваат возачите, особено оние кои се учат да управуваат автомобил. За да се осигурат дека добро возат, многумина од родителите на младите идни шофери прават катастрофални грешки, кога своите деца ги пуштаат на споредни, па и на главни улици, со нивно присуство да возат, не размислувајќи за последиците што можат да им се случат кога управуваат возило без ознаки дека зад воланот е возач што сѐ уште учи да вози.
Ова е огромен проблем за граѓаните, но и за пешаците и велосипедистите, кои реагираат дека дозволувањето на неискусен возач да управува со возило е еднакво на убиство.

НЕУКИ ВОЗАЧИ И НЕСТРУЧНИ ЕДУКАТОРИ НИЗ СКОПСКИТЕ УЛИЦИ

Скопјани реагираат дека имаат доста сериозен и голем проблем со несовесни родители и блиски роднини на деца што сѐ уште немаат возачка дозвола, а им дозволуваат да управуваат со автомобили, за да ги научат да возат.
– Неодамна, сосетката го учеше синот да вози автомобил на улицата кај нас, во Железара, и тоа во период кога деца се враќаа и одеа кон училиште. Сето тоа го знам затоа што сум блиска со неа, па знам и дека нејзиниот син воопшто нема возачка, напротив, неодамна почна да зема часови за да научи да вози. Се изреволтирав, бидејќи факт е дека возилата не се соодветни за да можете слободно да пуштите неук возач да вози. Иако седите до него, вие немате контрола над возилото. Со инструкторите е друго. Нивните возила се опремени, имаат сопирачки и на совозачкото место, па и да згреши возачот, тие ќе реагираат. Ова е буквално без контрола. Кој ќе одговара ако се случи некаков инцидент – вели Александра Петровска.
Дека и многу помали деца се пуштаат да возат автомобили сведочат и жителите на Бутел. Тие реагираат дека во нивната населба Бутел 2 дури им се дозволува да возат по булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, кој, за волја на вистината, важи за еден од високоризичните по претрчување на пешаци и на мали деца, но и по брзо возење на мотоциклисти и други возила.
– Си возат без око да им трепне. И тоа навистина малолетни деца, не почетници што учат за сообраќај. Овде зборуваме за деца на 13-14 години, кои едвај имаат прегледност кога ќе седнат зад воланот, а камоли да можат да реагираат како што треба. Имам неколку соседи што имаат синови на таа возраст и до локалниот маркет ги пуштаат сами со автомобилите. Значи, возат по булевар, не по нашите споредни улички – вели Филип Доневски.

ШТО ВЕЛАТ ЛИЦЕНЦИРАНИТЕ ИНСТРУКТОРИ

Како што велат инструкторите, ризиците од „домашната“ обука на возачите, кои штотуку почнале да учат да управуваат со моторно возило, се огромни.
– Почетникот нема доволно познавања и рефлекси, па во некои услови, од паника во одредена ситуација, наместо притискање на педалот за кочница, притискаат на педалот за гас и доаѓа до губење на контролата врз возилото, што може да предизвика сообраќајка затоа што возилото не е приспособено за обука, а „домашниот учител“ не може да реагира – вели Г.Р., инструктор, кој сакаше да остане анонимен.
Според него, самата професионална обука е приспособена, односно затоа се почнува со три дена или шест наставни часа на полигон, а не директно на сообраќајници каде што се одвива сообраќај.
– Тука кандидатот се обучува да тргне, безбедно да застане, да држи правец безбедно, да сврти во раскрсница, за веќе од четвртиот ден да влезе во сообраќај во населено место, со помала густина на сообраќај и полека да може да се опушти и да ги надмине почетниот страв и трема од другите учесници во сообраќајот – вели тој.
Според него, кандидатите со домашна обука се едни од најлошите кандидати за обука поради лошите навики што ги стекнале со домашната обука.
– Кога треба да застанат, сите кандидати прво притискаат на педалот за куплунг, наместо прво на педалот за кочница и возилото добива на забрзување, кое може да доведе до ненавремено застанување и удирање во возило пред кандидатот или неможност да застане безбедно пред крстосницата. Домашно обучуваните кандидати не знаат што е моторно кочење, влегуваат со неприспособена трета брзина во крстосница, вртат лево или десно и ја губат контролата над возилото, па возилото оди во спротивната сообраќајна лента. Во кривина влегуваат со притиснат куплунг, не употребуваат прописно трепкачи, застануваат со исфрлање на возилото од брзина, држење рака на прозорец, не застануваат на пешачки, под изговор дека пешакот не стапнал на пешачкиот, а како последица на тоа, денес секојдневно сведочиме на голем број случаи на прегазени пешаци. На крајот, но не и последно, домашно обучените кандидати не ги познаваат правилата и прописите во сообраќајот, затоа што пред да седнат зад волан, не поседувале теоретска обука – вели тој.
Тој потенцира дека сите овие лоши навики за нив, инструкторите, претставуваат огромен проблем, кој потоа, за време на обуката, тешко го искоренуваат.
– Ни се јавува и проблем со родителите кога е завршена обуката, тие на своја рака пред полагање ги учат децата како да возат и им кажуваат нови правила, односно свои правила, а нашиот начин на обука го игнорираат, па не знаат како да се однесуваат во одредена ситуација – заклучува тој.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Од Министерството за внатрешни работи, во рамките на секојдневните активности за санкционирање на несовесното сообраќајно однесување, досега имаат санкционирано голем број возачи почетници. Значи, станува збор за возачи што веќе имаат возачка дозвола, а сепак направиле некаков прекршок.
Во статистиката има и возачи што биле фатени како управуваат возила без возачка дозвола.
Па, така, во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се наведува: „Сопственикот односно носителот на правото на користење возило не смее да го даде возилото на управување на лице од членовите 225, 226, 227 и 228 (а кои се однесуваат на лица без валидна возачка дозвола) од овој закон, ниту на лице што нема право да управува со моторно возило, односно на лице што нема право да управува со категоријата моторни возила во која спаѓа тоа возило. Сопственикот, односно носителот на правото на користење возило, е должен по барање на полициски службеник, да даде податоци за идентитетот
на лицето на кое му го дал возилото на управување. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност во согласност со одредбите од овој закон ќе му се издаде на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото, кој постапува спротивно на одредбата од ставот (3) на овој член.“
Членот 225, пак, вели: „(1) Со моторно возило или со возило на моторен погон во сообраќајот на патот самостојно може да управува само лице што има важечка возачка дозвола издадена во Република Северна Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата во која припаѓа моторното возило. (7) На правното лицe што ќе нареди или дозволи управување со моторно возило или со возило на моторен погон спротивно на одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност за микротрговци; од 200 до 2.000 евра во денарска противвредност за мали трговци; од 500 до 6.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за големи трговци. (8) За прекршокот од ставот (7) на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во правното лице во износ од 500 евра во денарска противвредност. (9) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот што постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член.“

[email protected]