Фото: Игор Бансколиев

Измамите со храна се дело на криминални организации и групи, со чие извршување може сериозно да им наштетат на здравјето и безбедноста на потрошувачите, односно купувачите. На европските пазари сѐ повеќе се пронаоѓаат количества храна со сомнителен квалитет: од расипана туна до лажна вотка со метил алкохол и фалсификувани витамини… Нелегалното производство и продажба на храна и пијалаци претставуваат длабока закана за граѓаните, кои често не се свесни дека консумираат и отровни производи. За да се откријат ваквите криминални активности, националните власти во чиј делокруг спаѓа и безбедноста на храната спроведоа низа систематски проверки во царинските области, на физичките и онлајн пазарите и низ синџирот на снабдување со храна. До какви заклучоци дојдоа тие?

Европол сериозно ја растресе мрежата на фалсификатори на храна во Европа

Еден од црните бизниси што се во пораст и со кои се зафаќаат да работат криминалните организации, особено во последно време, со почетокот на кризата со коронавирусот, се многубројните измами со храна и пијалаци. Имено, прехранбените продукти и пијалаци се предмет на зачестени фалсификати, а се произведуваат и во несоодветни услови, со што се доведуваат во ризик здравјето и животот на крајните корисници на тие производи. Не избирајќи ги средствата со кои ќе ја остварат целта, криминалните организации ставаат во ризик стотици илјади лица купувачи, кои веруваат дека производите што ги купиле поминале низ одредени проверки и им веруваат на декларациите, кои, за жал, исто така се предмет на фалсификат во многубројни случаи.

НЕИСПРАВНИ, ПА ДУРИ И ОТРОВНИ ПРОИЗВОДИ ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ

Неодамна Европол, заедно со повеќе земји од Стариот Континент, реализираа операција во која успешно пресретнаа организирана криминална мрежа што работела со измама со храна и пијалаци.
Операцијата насловена „Опсон 9“ била реализирана повеќе месеци минатата и оваа година, а според податоците од 26 земји во кои била спроведена, биле запленети неверојатни 27 илјади тони фалсификувана храна.
Измамите со храна се дело на криминални организации и групи, со чие извршување може сериозно да им наштетат на здравјето и безбедноста на потрошувачите, односно купувачите. Од расипана туна до лажна вотка со метил алкохол и фалсификувани витамини, нелегалната храна и пијалаци се сериозна закана за граѓаните, кои често не се свесни дека консумираат отровни производи. За да се откријат ваквите криминални активности, националните власти во чиј делокруг спаѓа и безбедноста на храната спроведоа низа систематски проверки во царинските области, на физичките и онлајн пазарите и низ синџирот на снабдување со храна. Оперативните дејства се фокусираа на измама со морска храна и спроведени насочени акции за алкохол и вино.

МОЛЕКУЛАРНО МОДИФИЦИРАНИ ЦВЕЌИЊА КАКО ЗАЧИНИ?!

Во акцијата биле запленети точно 26.800 тони недозволени и фалсификувани производи, како и 15 милиони литри алкохолни пијалаци, штетни за човековото здравје. Издадени се 80 потерници, а поднесени се повеќе од 175 кривични пријави. Пресретнати се осум поголеми криминални мрежи што заработувале од овој бизнис.
Она што најмногу загрижува е фактот што криминалните организации не избирале со што ќе се занимаваат. Тие дури фалсификувале и препродавале производи како дел од синџирот на здрава храна. Па, така, запленети биле жита и производи од жита, овошје, зеленчук, мешунки, додатоци и адитиви за готвење, шеќер и слатки производи, месо и месни производи, млечни производи, морска храна и производи добиени од преработка на живина.
Во Италија, на пример, италијанската полиција фатила винарница што произведувала наводно софистицирано вино, а во кое додавала вода и шеќер. Во друг производ, пак, додавале природни ароми што не одговарале на квалитетот на виното што им се рекламирало на купувачите. Во некои вина, пак, процентот на алкохол бил поголем од наведениот на декларацијата. Италијанските власти ја заплениле и запечатиле винарницата, вклучувајќи и 11 моторни возила, и заплениле еден милион литри вино.
Во Шпанија, пак, полицијата успеала да разбие криминална мрежа што продавала молекуларно модифицирана гарденија, која ја претставувале и ја продавале како многу скапиот зачин шафран. Осомничените екстрактот од гарденија го увезле од Азија. Националните власти истражиле три компании, уапсиле 11 лица и заплениле десет илјади килограми екстракт од гарденија, кој доколку не беше запленет и се продадеше на пазарот, ќе достигнеше вредност од околу 750.000 евра.

ВО ЕВРОПА СÈ ПОЧЕСТО И МЕСО СО СОМНИТЕЛЕН КВАЛИТЕТ

Во Португалија беше откриена и подоцна запечатена тајна кланица, а паралелно со тоа полицијата пронајде и повеќе куќи каде што без никакви стандардно пропишани услови се колеле свињи и се печело нивното месо. Биле запленети 60 трупови на прасиња.
Она што било забележано е тоа што на местата каде што се преработувало месото немало никакви хигиенски услови, ниту, пак, била забележана ветеринарна контрола, што е задолжително при производство на храна.
Во акцијата било запленето и коњско месо, старо повеќе години, кое требало повторно да се пласира на пазарот и на трпезите на потрошувачите.
Експертите во Франција, Италија и Швајцарија спровеле акции во кои зеле мостри од риби, каде што се испитувала веродостојноста на наведениот датум на пакување. Примероците биле собрани и потоа обработени и анализирани според стандардната оперативна процедура. Резултатите обезбедиле фрапантни информации, во кои, за жал, информацијата дека рибата била „тазе“ била лажна.
Меѓу многуте земји учеснички во оваа акција се и соседна Бугарија, Хрватска и Црна Гора.

КАКО Е ВО МАКЕДОНИЈА ВО ВРСКА СО БЕЗБЕДНОСТА НА ХРАНАТА И ПИЈАЛАЦИТЕ?

Според достапните информации, во Македонија не се регистрирани вакви поголеми случаи за измами и фалсификување поврзани со храната. Одвреме-навреме потрошувачите кај нас добиваат информации за повлечени производи што имале штетни состојки во нив, меѓутоа некој поголем скандал нема, иако многумина веруваат дека фалсификуваната храна многу лесно стигнува до трпезите на потрошувачите.
Деновиве Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се повлекува од пазарот небезбеден производ, ферментиран млечен производ, во пакување од еден килограм. Причините се неусогласена концентрација на афлатоксини со македонските прописи, поради што овој производ е потенцијален ризик по здравјето на луѓето.
Неодамна јавноста беше разбранувана од информација за повлекување 20 тони трајно млеко, во кое било утврдено дека има присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количества од 0,05 микрограми на килограм, колку што е дозволено со нашите прописи.
Исто така, во септември, јавноста беше повикана да не купува виршли од еден производител, бидејќи во нив била пронајдена бактеријата листерија. Во август, пак, мајките на мали деца и бебиња беа загрижени бидејќи во сокчето од јаболка на познат бренд за производство на бебешка храна и пијалаци беше детектирана опасност од присуство на туѓо тело.
Присуство на контаминенти во производ или поточно црви во кикиритки, продажба на млечни производи, чоколади, салами и сувомесни производи со поминат рок на употреба и неправилно декларирање на производите се само дел од пријавите на граѓаните до инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои се покажале како оправдани. Од почетокот на годинава досега, во базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ се евидентирани вкупно 434 поднесени претставки. Од нив, АХВ постапувала по 391.
Од агенцијата велат дека како точни се покажале пријави за вработени без санитарни книшки, за вработени што немаат задолжителен здравствен преглед, т.е. добра хигиенска и добра производствена практика, за продажба на производи со променети органолептички својства (променети вкус, мирис, боја), како и неправилно напишани декларации. Имало реакции за измама на потрошувачи кога купиле производи како говедски, а во составот имало и свинско и пилешко месо, за работа без одобрение. Граѓаните реагирале и за производи што не се чувале на соодветна температура (млечни производи, стопени чоколади, крем-банани), за сомнежи во безбедноста на производот, продажба на производи со поминат рок на употреба (храна за домашни миленици).
– Најголем број од поднесените претставки по кои е постапувано во 2022 година се од областа на ветеринарството (253 претставки се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните), 163 претставки се однесувале на храна од неживотинско потекло. На храна од животинско потекло се однесуваат 18 поднесени претставки.
До Одделението за државна инспекција за здравствена заштита и благосостојба на животните, од вкупно поднесените 253 претставки од областа на ветеринарството, 57 се со наводи за напад и каснување од куче, 87 се однесувале не неодговорно сопствеништво, а другите биле со други наводи од областа на ветеринарството и здравствената заштита на животните – додаваат од АХВ.