Извршувањето на криминално дело е чин што е забранет и казнив според позитивните правни акти на една држава. Тоа е штетен чин не само за еден човекот или за повеќе лица туку и за целата заедница, државата и општеството. Рубриката, пак, во медиумите што ги бележи настаните, личностите и случувањата поврзани со криминалот и несреќите се нарекува Црна хроника или скратено – Хроника. Во нашиот медиум таа рубрика е присутна со цел да информира и анализира и во јавноста да укаже на штетноста од извршувањето на кривичните дела и прекршоци во македонското општество. Хроника апелира и има амбиција да превенира заради спречување антисоцијални поведенија, а во рамките на своите професионални медиумски стандарди и принципи влијае на јавноста за издигнување на граѓанската јавна свест за намалување на феноменот криминал

За жал, оваа 2021 година во земјава, па и во светот, беа забележани голем број прекршувања на законите. Пандемијата влијаеше и на пораст на криминалот, односно на појава на нови видови и форми на криминал, поразлични од вообичаените. Годината што измина, за жал, беше доста шаренолика во поглед на криминалот. Така, изминатата година беше голем предизвик за полицијата, а „инвентивните начини на криминал“ беа чести и во нашата држава. Во подем беа сабјер-криминалот, онлајн измамите, злосторствата против животната средина, но и криминалите поврзани со пандемијата, која втора година по ред го запоседнува нормалното живеење. Кои форми на криминал беа најкарактеристични за 2021 година?

КОВИД-КРИМИНАЛОТ „ЕКСПЛОДИРА“
ВО 2021 ГОДИА
Лажни вакцини, измами со заштитни маски, фалсификувани сертификати, непочитување на изолацијата, како и неносење заштитна маска, се прекршоците и криминалните дела што ја обележија изминатата 2021 година.
Огромен предизвик за македонската полиција беа заболените од ковид, кои требаше да ја почитуваат изолацијата, а сепак, при контролите, тие не беа пронајдени во своите домови. Исто така казни заработија и сите оние што беа фатени како ги прекршуваат здравствените препораки за носење заштитна маска со која ќе се заштитат себеси и другите од ширењето на вирусот.
Сепак, најголем печат оставија лажните вакцини, препарати за заштита од ковид, како и лажните и фалсификувани сертификати.
Во оваа криминална шема дури беа вклучени и доктори, кои даваа сертификати за реализирана вакцинација за одреден паричен надомест. Кај нас вакви проблеми немаше, но сепак, според реализираните анализи, Македонија е земја што предводи со бројот на фалсификувани сертификати. Македонските граѓани со лажни сертификати, кои ги купуваа за евтини пари, патуваа и влегуваа во сите забранети места, а имаше и случаи кога се користеа туѓи сертификати за да се влезе во затворен трговски центар. Со лажните сертификати се присуствуваше и на разни забави, па полицијата и тука имаше полни раце работа.
Разните лекови за ковид се продаваа на интернет како алва, а секако на продажба беа и фалсификувани вакцини од сите јавно познати производители на вакцини против ковид-19. Македонските граѓани во обидот за брза заработка се вклучија и во шверцот со мигранти. Полицијата евидентираше голем број случаи во кои Македонци со возила шверцуваа голем број мигранти во обид брзо да заработат финансиски средства. И мигрантите во обидот брзо да ја напуштат земјава, но и да поминат без да бидат забележани од страна на полицијата, си го ризикуваа сопствениот живот прифаќајќи да бидат превезувани во крајно небезбедни услови, во камиони, во системи за вентилација, но и во багажници од автомобили.

НАРКОТИЦИТЕ НЕ ЗАОСТАНУВААТ

Годината во заминување беше бурна за Министерството за внатрешни работи. Покрај многубројните и секојдневни акции на МВР за ставање ред во сообраќајното дивеење, полицијата имаше најмногу работа во сузбивањето на илегалната трговија со дрога.
Како што информираат оттаму, во периодот од јануари 2021 г. до средината на месец декември 2021 година во рамките на заплената на психотропни супстанции, запленети се повеќе од еден тон и 800 килограми марихуана, над 20 илјади стебла марихуана, околу 2.300 семки канабис, над две илјади таблети синтетичка дрога, осум килограми хашиш, околу 6,5 килограми хероин, како и одредени количества амфетамин, кокаин, хашиш смола.

РИБОКРАДСТВОТО ВО ПОДЕМ

За жал, и оваа година во заминување рибокрадството беше голем проблем за македонската полиција. Охридско Езеро ја претрпи најголемата штета, иако на нишанот на рибокрадците беа и другите езера, меѓу кои е и Дојранско.
Илегалното ловење риба во време на мрест е едно од најголемите злосторства што криминалците го прават против природниот тек во езерските води, а полицијата многу тешко успева да им влезе во трага на рибокрадците. Шверцот на пастрмка сѐ уште е врвот на подводен криминал во земјава. Украдената риба најчесто се шверцува во соседна Албанија, но и на нелегалниот пазар каде што се продава по високи суми од 400 и повеќе денари за килограм пастрмка.

И ДРВОКРАДСТВОТО И ИЗМАМИТЕ СО ДРВА СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ

Оваа година беше доста поволна за измамниците во земјава, кои успеваа да измамат постари граѓани со лажна продажба на дрва. Во земјава имаше евидeнтирани случаи во кои наводни продавачи на дрва им нудеа дрва на постари лица за кои однапред бараа пари, по што дрвата никогаш не им ги носеа на купувачите. Само летово, МВР расчисти пет вакви случаи во кои граѓаните извршија препознавање на наводните продавачи на дрва за огрев. Најтрагичната вест за изминатата година беше кобната несреќа што се случи на автопатот Струма во ноември, на македонскиот автобус на „Беса транс“, во која животот го загубија 45 лица, меѓу кои и 12 деца. Седуммина завршија во болница поради повреди од несреќата. Причините за несреќата се многубројни, почнувајќи од неисправен пат и сигнализација, пожар во автобусот, па сѐ до непочитување на препорачаната брзина на движење. Посмртните останки беа донесени по неколку дена од Бугарија, а телата на починатите беа пречекани со највисоки државни почести.

РЕД ВО СООБРАЌАЈОТ

Секојдневно сообраќајната полиција во изминатата година беше присутна на улиците во земјава, како дел од кампањата за зголемување на безбедноста на сообраќајот. Во рамките на акцијата, секојдневно се санкционираат брзото возење, непрописното престигнување, непочитувањето на сообраќајните правила, непропуштањето на пешаците, како и несоодветното козметичко уредување на возилата.
Како резултат на засилените полициски контроли, забележана е тенденција на намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи.

[email protected]