Фото: ЕПА

Станува невозможно да се откријат фалсификуваните банкноти, но и монети бидејќи организациите што ги прават ги креираат совршено идентични со оригиналите. Тоа е проблем на современите држави во последните неколку години, бидејќи напредната технологија максимално се искористува од страна на криминалците организации. Квалитетот се движи од многу слаб до многу добар. Порано лажните монети не беа магнетни, сега се, порано имаа проблеми со тежината, но сега се совпаѓаат со вистинските. Во официјалното соопштение од косовската полицијата се вели дека минатата година испратила 804 случаи до обвинителството поврзани со фалсификување пари, а досега годинава, 486. Исто така, во одговорот на косовската полиција се тврди дека во април оваа година биле лишени од слобода две лица што се обидувале да внесат 10.600 парчиња лажни монети од две евра во Косово од Македонија

Процут на криминалот со фалсификувани пари во нашето најблиско соседство

Станува невозможно да се откријат фалсификуваните банкноти, но и монети бидејќи организациите што ги прават ги креираат совршено идентични со оригиналите. Тоа е проблем на современите држави во последните неколку години, бидејќи напредната технологија максимално се искористува од страна на криминалците организации. Со години се предупредува на посебна внимателност, особено со еврата, бидејќи токму овие банкноти се едни од најфалсификуваните во Европа. „Ројтерс“ има извонредно интересно истражување и репортажа во врска со ова.

КРЕНАЛЕ РАЦЕ ОД ПРОВЕРКА
НА ФАЛСИФИКАТИТЕ

Исклучително интересна статија на реномираниот „Ројтерс“ опишува еден феномен што се случува во нашето најблиско соседство, односно во Косово, каде што фалсификувањето на еврата, поточно на монетите во евра, веќе се толерира во платниот промет. Ситните евра ниту се проверуваат дали се фалсификувани или не, туку истите тие служат како легално платежно средство на пазарот во Косово.
„Ројтерс“ од своето истражување потврдува дека во едно кафуле во главниот град на Косово, Приштина, вработените дури се откажале од проверка дали монетите од две евра што луѓето ги користат за плаќање се оригинални, бидејќи се произведени со висок квалитет што е невозможно да се открие дали се фалсификувани или не. Проблемот дополнително го зголемува и фактот што бројот на фалсификувани монети од две евра е со толку висок, што вработените би требало да ја проверуваат речиси секоја монета, пишува „Ројтерс“.
– На почетокот сите беа загрижени и проверуваа дали монетите од две евра се лажни или не – вели келнерот Ендрит.
Тој и неговите колеги држеле монети до светлина за да ги испитаат или ги фрлале на маса за да го слушнат звукот што го произведуваат.
– Сега веќе не проверуваме… можеби земаме лажни пари или можеби даваме лажни пари. Сѐ е исто – вели тој.
Според полицијата, бројот на лажни монети од две евра во оптек бележи огромен пораст оваа година. Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото како своја валута.

И ПОЛИЦИЈАТА Е ИЗНЕНАДЕНА ОД КВАЛИТЕТОТ

Во своето новинарско истражување, „Ројтерс“ го наведува и следниот пример.
„Во мала продавница блиску до кафулето во Приштина, од 11 монети од по две евра во касата, продавачката рече дека верува дека шест се лажни и дека толку многу во оптек се лажни, што таа немала друг избор, освен да ги прифати“.
Во форензичката лабораторија на приштинската полиција, вработените испитале повеќе од 30.000 фалсификувани монети од две евра во првата половина од оваа година, во споредба со 4.451 во истиот период минатата година.
– Квалитетот се движи од многу слаб до многу добар. Порано, лажните монети не беа магнетни, сега се, порано имаа проблеми со тежината, но сега се совпаѓаат со вистинските – вели Вјолца Мавриќи, експертка за фалсификувани пари во лабораторијата.
Полицијата соопшти дека минатата година испратила 804 случаи до обвинителите поврзани со фалсификување пари, а досега годинава, 486.
Во април тие уапсија маж и жена што се обидуваа да внесат 10.600 лажни монети од две евра во Косово од Македонија.
Многу видеа на албански јазик на социјалните мрежи нудат зделки за лажни монети или други банкноти на евра, кои се продаваат за 10 отсто – 20 отсто од нивната номинална вредност.
Управникот на државното претпријатие за паркирање во Приштина, Сокол Хаволи, рече дека добивал толку многу лажни монети од две евра, во вредност до 150 евра (160 долари) дневно, што одбивал воопшто и да ја прифаќа таа монета. Сега му биле дадени големи машини, донирани од локалните банки, за да идентификува лажни монети.

Косовската централна банка апелира сите забележани фалсификати, било банкноти или ситни монети, да бидат пријавени кај надлежните

Косовската централна банка во изјава за „Ројтерс“ истакна дека банките и другите финансиски институции треба да ги пријават сите фалсификувани пари испорачани од клиентите.
Но за менаџер на супермаркет од Приштина, кој одби да го каже своето име и кој мора да ги депонира своите дневни приходи во банка, полесно е да ги пренесе монетите од две евра на други клиенти, наместо да ризикува кривично гонење со тоа што ќе ги однесе во банка.
– Не ги депонирам овие монети во банка затоа што знам дека ќе повикаат полиција и можеби ќе бидам уапсен… Им ги враќам на клиентите следното утро, а потоа земам повеќе во текот на денот. Секогаш во Косово се жалевме дека немаме своја валута, па изгледа сега имаме – лажни монети од две евра – вели тој.