Фото: „Нова Македонија“

ПОВОД: ЕТИЧКОТО ОДНЕСУВАЊЕ НА ВОЗАЧИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ

Нашата екипа одлучи да ѝ посвети посебно внимание на темата што се однесува на пропуштања на возилата со право на првенство на минување, во кои спаѓаат возилата на службите на итната помош, полициските возила, возилата на противпожарните служби и возилата на армијата на Македонија. Пропуштањето на возилата со право на првенство на минување кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци е законска, етичка и хумана обврска на секој учесник во сообраќајот

Во анализата на сообраќајот во поголемите градови во државата, каде што има погуст сообраќај, значајно место заземаат возилата за посебна намена, а меѓу нив едно од најзначајните места заземаат возилата на итната помош. Во овие анализи се укажува дека возилата на итната помош честопати знаат да „заглават“ во сообраќајот, не само поради метежот, туку и во други, порелаксирани ситуации, кога возачите едноставно не знаат како да се однесуваат кога зад нив со сирени и вклучена ротација доаѓа возило на итната помош. Со оглед на тоа што во такви ситуации е важна секоја минута, од особена важност е возачите да знаат како да се однесуваат, не само поради возилото што превезува човек кому му е потребна медицинска помош туку и поради нив самите, бидејќи таквите ситуации во практика покажале дека некои од возачите наместо да се однесуваат совесно, креваат паника и се однесуваат непромислено, отворајќи можност за создавање дополнителен хаос во сообраќајот.

Општоприфатени правила на однесување

Кога возило на итната медицинска помош вози забрзано со ротација и сирена, многумина од возачите се прашуваат дали да застанат или да го забават движењето на возилото, каде да се затскријат и како да не предизвикаат застој.
Па, токму затоа, нашата екипа одлучи да ѝ посвети посебно внимание на темата што се однесува на пропуштања на возилата со право на првенство на минување, во кои спаѓаат возилата на службите на итната помош, полициските возила, возилата на противпожарните служби и возилата на армијата на Македонија.
Пропуштањето на возилата со право на првенство на минување кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци е законска, етичка и хумана обврска на секој учесник во сообраќајот.

Во согласност со тоа, насекаде во светот постојат општоприфатени правила според кои возачите треба да се однесуваат во сообраќајот за да им дадат првенство на минување на таквите возила.
– Како одговорни возачи, сите треба правилно и одговорно да се однесуваме во сообраќајот. Но, она што разочарува е фактот што многу мал број воопшто знаат како треба да се однесуваат кога зад нив се појавува ротациско возило, кое има првенство на минување. Добар дел возачи не знаат како да изреагираат, други ги фаќа паника, трети едноставно не реагираат и тоа се податоци што разочаруваат – вели инструкторот Ѓоко С.

Од она што нашата екипа успеа да го истражи на терен, можевме да заклучиме дека најголемиот дел возачи знаат дека треба да ѝ отстапат место на итната помош, меѓутоа велат дека кога се во сообраќаен метеж, се справуваат со големи предизвици за да го направат тоа.

Од 40 анкетирани возачи, 27 одговорија дека редовно, штом слушнат ротација, се тргаат настрана со возилото за да ѝ отстапат место на итната помош. Десет од нив на нашето прашање што прават кога зад нив има возило на итната помош со вклучени сирени и ротации велат дека паничат, но дека се обидуваат да не бидат причина за застој. Тројца од анкетираните признаваат дека не знаат како да постапат во конкретната ситуација.

Како да се однесувате и што да правите?

Според сообраќајните експерти, кога ќе слушнете сирена (звучни знаци), прво и основно не треба да ве фати паника. Бидете смирени и обидете се да откриете од кој правец доаѓа звукот.
– Исклучете ја музиката и отворете го прозорецот. Логично, доколку се зголемува звукот, значи дека возилото доаѓа кон вас, меѓутоа мора да утврдите дали е зад вас, од напред или од страна – велат сообраќајните експерти од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според нив, втор чекор што е од круцијална важност е возачот да ја анализира состојбата.
– Понекогаш се наоѓате во густ сообраќај без место за поместување. Токму затоа би требало да почнете да ја анализирате ситуацијата штом ќе ја чуете сирената. Вашата реакција зависи од многу фактори, вклучувајќи ги оддалеченоста на возилото со право на првенство на премин, брзината на приближувањето, однесувањето на другите возачи, типот на патот, можноста за безбедно отстранување на вашето возило итн. На вас останува да ја донесете вистинската одлука во вистинскиот момент. Овде не станува збор само за законот. Со вашата реакција можете да го спасите животот на некое дете, сестра, мајка, татко… – велат од РСБСП.

Третиот чекор, според нив, е возачот да реагира.
Доколку се наоѓате на отворен пат, без многу сообраќај, дозволете му на возилото со право на првенство на минување полесно да ве заобиколи, така што ќе ја намалите брзината и максимално ќе се поместите во десно. Доколку сообраќајот е густ, обидете се да најдете место да застанете настрана.
– Меѓутоа, во градскиот метеж ситуацијата е неспоредливо покомплицирана – не постои универзален совет. Мора да реагирате во согласност со околностите. Направете го тоа што е потребно да го пропуштите возилото со право на првенство на минување, а притоа да не се загрозите себеси или другите учесници во сообраќајот. На автопат само ослободете ја левата лента – тоа ќе биде доволно – велат експертите.
Четвртиот чекор што треба да го направи возачот е да гледа како се однесува возачот на возилото на итната помош и да се внимава на неговите сигнали.

Кога ќе се најдете во ситуација да не знаете како да реагирате при средбата со возило со право на првенство на минување, воспоставете визуелен контакт со возачот и следете ги неговите упатства.

Што не треба да правите?

Она што никако не треба да го направите е нагло да запрете.

Кога ќе го забележите возилото со право на првенство на минување зад себе, најлошо што може да направите е ненадејно да запрете, што неретко и се случува. Така ризикувате да предизвикате судир, а истовремено и да го забавите возилото со право на првенство на минување.
– Без изненадувачки маневрирања. Однесувајте се како во секоја друга ситуација во сообраќај – пуштете трепкач навреме или вклучете ги сите четири доколку планирате да застанете. Возачот на возилото со право на првенство на минување ќе знае да го почитува вашето навремено известување за вашите намери, што и да планирате да направите – велат експертите.

Според нив, возачите никако не треба да паничат, бидејќи паниката може само да ја влоши ситуацијата. Според тоа, кога ќе чуете сирени зад себе, длабоко вдишете и проценете ја ситуацијата. Доколку можете да помогнете да помине возилото со право на првенство на минување, направете го тоа – доколку не можете, останете смирени и чекајте ја првата можност да го направите тоа.
– Не правете нов проблем и немојте да бидете причина за негово создавање. Со целата своја волја, постои веројатност во обидот да го пропуштите возилото со право на првенство на минување, да предизвикате сообраќајна незгода, па така, наместо да помогнете, дополнително да ја искомплицирате ситуацијата. Затоа, обидете се сè што ќе преземате да биде апсолутно безбедно, па дури и ако тоа значи моментално забавување на возилото со право на првенство на минување. На пример, автомобил стои на семафор со црвено светло, ненадејно зад него се појавува возило на итната помош, возачот, ако го фати паника, ќе помине на црвено и со тоа ќе предизвика сообраќајна незгода – велат експертите.

Според нив, доколку на отворен пат без место за застанување и можност за престигнување почнете да возите многу брзо за да дојдете до место на кое може да се поместите, постои можност да ја загрозите безбедноста во сообраќајот. Затоа бидете внимателни.

Од досегашната практика, се востановило дека и сантиметар значи.
– Возачите на итната помош се искусни и вешти „борци“, кои ќе знаат да го искористат секој сантиметар што ќе им го обезбедите со поместување на вашето возило. Доколку сте во можност да им го обезбедите тој сантиметар, направете го тоа. Сообраќајните ленти се доволно широко направени, така што со поместувањето на возилата од двете страни би се обезбедила уште една лента на средината за возилата на итната помош или противпожарната служба – велат сообраќајните експерти.

Возилата на службата за итна помош, на противпожарната служба, на полицијата и на армијата на Република Македонија, кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци, имаат право на првенство на минување во однос на сите други возила, освен во однос на возилата под придружба и возилата што се движат низ крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци на униформиран полициски службеник, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.