Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека извршиле увид во Рашче на местото каде синоќа автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар.
-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место кај Рашче, каде автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар. И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата – посочуваат од ЈОРСМ.
Од Јавното обвинителство информираат дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар биле извадени три починати женски лица, за кои е издадена наредба за обдукција. Посочуваат дека по уште едно лице се трага, додека во автомобилот патувало и дете кое е пронајдено повредено надвор од возилото, па е пренесено на Клиничкиот центар.
-Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите. Ќе биде издадена наредба и за вештачење на автомобилот. По насоки на јавен обвинител се разговара со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството во возилото со цел да се испитаат сите околности – посочуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.